портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Дипломата не значи секогаш и вработување
јануари 2016




Невработеноста ги притиска младите. Голем процент од вкупниот број невработени во државава се млади лица. Така е во моментов, така било повеќе години наназад. И според последните податоци на Агенцијата за вработување, на крајот од октомври минатата година од вкупниот број активни баратели на работа, 116.874, дури 38.443 се млади лица на возраст од 20 до 34 години. Дали тоа покажува дека младите тешко можат да дојдат до работа по завршување на образованието, или дека имаат недоверба во агенциите за вработување, како во програмите за обуки, квалификации или преквалификации, иако со нив можат полесно да се вклопат во пазарот на труд.

Според социолозите, причините за високата невработеност кај младите се покомплексни и лежат, меѓу другото, и во домашното воспитување. Односно, во навиката на родителите да ги воспитуваат децата дека е најдобро да студираат и да имаат диплома, отколку да завршат некаков занает, па и по цена со години да немаат работа.

Со слична констатација е и директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски. Тој објаснува дека бројката од 211.294 невработени во државава, или нешто над 10 отсто од вкупното население, не е загрижувачки висока, како и дека проблемот со невработеноста кај младите има и една поинаква димензија.

„Треба да се работи на менување на свеста и на односот на граѓаните кон работата. Секој треба да сфати дека е неопходно да се надградува за да се вклопи во пазарот на трудот, значи, пред се' за себеси. Додека не се надмине синдромот дека е доволно само да се заврши факултет, да се земе диплома и да се мисли дека со тоа е направено се' во животот, ќе останат работите вакви какви што. Така, се чека на работа со години, за по секоја цена да се работи она за што се поседува диплома и не се бара никаква друга работа, ниту усовршување, преквалификување и слично“, вели Поповски.

Тој додава дека од друга страна, младите, квалификувани кадри, како на пример, готвачи, келнери, механичари и други слични професии, не прифаќаат да работат според својата професија, иако има побарувачка на пазарот, бидејќи е таа послабо платена од другите. „Затоа и најголем дел од младите се јавуваат на конкурси за некаква канцелариска работа, без разлика дали нивното образование е соодветно или не“, посочува Поповски.

Во исто време загрижува и податокот што над 50 отсто од сите невработени се со средно и со основно образование, кадри кои можат да се вклопат на пазарот на трудот. Од друга страна, компаниите постојано укажуваат на недостигот од квалификувани стручни кадри за нивни потреби, при што проблемот, главно, се лоцира во средното образование. Затоа Агенцијата за вработување заедно со компаниите спроведува програми за обуки.

„Веќе една и пол година соработуваме со над 64 компании во чии простории се вршат обуки за разни профили на занимања. Дел од тие кадри потоа се вработуваат во истите компании. Станува збор за краткорочни обуки од три месеци при што се стекнуваат минимум вештини“, вели Поповски.

Автор:Маја Томиќ

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/?ItemID=BE9839822E47A14A995D3F3257FDFBFC
Коментари
Нема коментари.
 
Архива