портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Ние и светот - Европски ќе живееме во 2040 година
октомври 2012
Мирче
Јовановски
Доколку нашата земја се врати на стапките на раст од најмалку пет отсто подолго време,во 2025 година БДП на жител ќе изнесува 18.000 евра, а во 2039 година 36.000 евра, значи над сегашниот европски просек.


На Македонија ќе и' требаат најмалку три-четири децении за да го достигне просечниот домашен бруто-производ на Европската унија и тоа под услов во континуитет да остварува стапки на раст од барем 5-6 отсто, а во ЕУ економијата да расте просечно по два отсто годишно. Тоа го покажува симулацијата на таканареченото правило 70, според кое ако овој број се подели со просечната стапка на раст, ќе се дознае за колку години некоја земја може да го дуплира својот БДП. Така, ако економскиот пораст во подолг период е, на пример, во просек 5 отсто, удвојувањето на БДП ќе биде за 14-ина години, а ако е седум отсто, за такво нешто ќе бидат потребни 10-ина години.

Колку ваквото сценарио е можно во реалноста? Повеќето од економистите кои ги консултиравме само се насмевнаа и прокоментираа дека реалноста е многу поразлична отколку статистичките или математичките проекции. Доволно е да се случи нешто непредвидено или некој надворешен шок врз кој земјата нема влијание, како што е, на пример, сегашната економска криза, па сите тие математики да паднат во вода, велат тие.

Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на Македонија констатира дека сме се подобриле за еден процентен поен во однос на европскиот просек на БДП на жител, односно од 35 отсто колку што сме имале лани, годинава сме достигнале до 36 отсто. Тоа, според објаснувањето на економистите, е резултат на рецесијата која зафати повеќе европски земји, но и на растот на нашата економија, која според најновите статистички показатели лани пораснала за 2,8 отсто.

За професорот Томе Неновски од особено значење за една економија е да има акцелерирачки стапки на раст, односно секоја наредна година растот да биде поголем од претходната. Децелерирачки стапки, пак, се оние кога и натаму растот е позитивен, но е помал од претходната година. Но, вели Неновски, за какво било придвижување на една економија важно е тие стапки да бидат повисоки на подолг рок во континуитет, како и да нема нови кризи и нови турбуленции.

Извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов го потврдува правилото 70 и додава дека слични математички соодноси можат да се применат и врз невработеноста, каде што се применува пропорцијата еден спрема три. Односно, како што објаснува, ако има раст од три отсто, невработеноста се намалува за еден процент.

И стопанствениците сметаат дека европскиот степен на развој, макар и оној просечниот, е само далечна перспектива.

„Сите ние тежнееме кон таков стандард, но тоа како поединци тешко можеме самите да го оствариме“, вели Мендерес Кучи, претседател на Комората на северозападна Македонија, според кого појдовна точка во реализирањето на таквата цел треба да биде државниот буџет. „Буџетот треба да биде развоен и насочен кон сите граѓани во државата, а не политички“, вели Кучи. Инаку, самото членство во ЕУ самото по себе не е гаранција дека ќе имаме европски стандард, за што доказ се Бугарија и Романија, двете најсиромашни економии во ЕУ, вели Кучи и нагласува дека има можности на подолг рок и Македонија да напредува економски, но за тоа е потребно политиката да ја водат вистински луѓе, кои ќе бидат посветени на развојот на земјата.

Лани секој Европеец во просек располагал со национално богатство од 25.200 евра, мерено според паритетот на куповната моќ, покажуваат статистичките податоци на ЕУ. Истите податоци покажуваат дека и во рамките на Унијата има огромни разлики - жителите на Луксембург се на врвот на скалата според остварениот БДП од по 68.900 евра (2,7 пати повеќе од европскиот просек), додека на дното се Бугарите кои со своите 11.300 евра на жител не остваруваат ниту половина од просекот на Унијата. За споредба, на секој од двата милиони македонски граѓани во истиот период му припаѓале по 9.000 евра национално богатство.

Доколку нашата земја се врати на стапките на раст кои ги имаше пред две-три години од најмалку пет отсто и доколку таквиот континуитет го задржи подолго време, според правилото 70, во 2025 година домашниот бруто- производ на жител ќе изнесува 18.000 евра, а во 2039 година 36.000 евра, значи над сегашниот европски просек. Но, иако ЕУ лани оствари раст од само 1,6 отсто, како што велат нашите соговорници, кризата еден ден ќе биде надмината, па европската економија исто така ќе расте со повисоко темпо од сегашното. Економистите објаснуваат дека колку нивото на економски развој е поголемо, толку високи стапки на пораст на годишно ниво се потешко изводливи. На пример, Кина, Индија и Турција подолго време имаат раст од над седум отсто годишно, но и нивната појдовна основа била релативно ниска. Развиените економии, по правило, се „задоволуваат“ со пониски стапки.

Симулација

Според симулацијата на правилото 70, доколку растот на ЕУ изнесува во просек два отсто годишно, тогаш сегашните 25.200 евра на жител ќе ги удвои во 2046 година, што значи ние би се вклучиле во европскиот просек некаде околу 2040 година. Се разбира, сите овие проекции се правени без да се земе предвид проширувањето на ЕУ кое може да ги промени и споредбите. Просечниот БДП на жител во ЕУ донекаде се влоши кога во ЕУ влегоа Бугарија и Романија, двете најсиромашни економии во Унијата. Пред вратите на ЕУ е Хрватска, која е под европскиот просек, а преговори води и Исланд чија економија, пак, е над просекот на Унијата.

Кога Хрватска следната година ќе влезе во ЕУ, таа ќе биде на дното на скалата според соодносот на нејзиниот БДП на жител со оној на просекот во ЕУ. Со 61 отсто од просечниот БДП во 27-те земји членки на ЕУ, Хрватите се само пред Латвија, Романија и Бугарија. За Хрватите е интересно што преговорите за членство во ЕУ ги почнале со 69 отсто од европскиот просек, но сега кога се пред вратите на Унијата, тие се подалеку од стандардот на просечниот Европеец. Македонија, пак, со своите 36 отсто е уште подалеку од она што се нарекува европски просек. Зад нас се само Србија со 35 отсто, Албанија која има 31 отсто и Босна и Херцеговина чиј БДП на жител е 29 отсто во однос на оној во ЕУ.



Извадокот е превземен од:

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=7652E4BC3A8905469353DFF9EF7FC5F5
Коментари
Нема коментари.
 
Архива