портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Кризата ги кочи и странските и домашните инвеститори
мај 2015

Нашите бизнисмени велат дека потфрлањето во првите два месеца не мора да е последица на политичките случувања, но тие имаат влијание.


Нина Нинеска-Фиданоска



Политичката криза во земјава може да се смета како една од причините за намалувањето на странските инвестиции во првите два месеци од годинава, сметаат претставниците на бизнис-секторот и експертите со кои комунициравме. Според стопанствениците од земјава, политичката криза е еден од главните мотиви за одложување на одлуките за инвестирање не само кај странските инвеститори, туку и кај домашните компании, и тоа веќе и практично се случува на терен.

Ангел Димитров, бизнисмен и претседател на Здружението на работодавачи, вели дека намалувањето на странските инвестиции во првите два месеца од годинава може да биде последица и на некои сезонски фактори и не мора да значи дека оваа година ќе има драстично намалување на странските инвестиции во однос на минатата година.

„Но, политичката нестабилност по дефиниција има големи последици за странските инвестиции, бидејќи влијае на сигурноста. Бидејќи, таа може да влијае и да доведе до промени во даночната или монетарната политика, а тоа би довело и до промени во условите на стопанисување. А, може да дојде и до поголема граѓанска нетрпеливост, што може да ги поколеба странските инвеститори“, вели Димитров, додавајќи дека кај странските инвеститори најголема несигурност создава стравот од граѓански немири.

Според Димитров, и домашните инвеститори се веќе воздржани од позначајни вложувања, пред се' во опрема и во нови капацитети, од истите причини кои се однесуваат и на странските. „Всушност, за бизнисмените, и домашни и странски, најдобро ќе биде да има мирна разрешница на кризата, така се прави во културните држави“, вели Димитров.

Универзитетската професорка Марија Зарезанкова-Потевска вели дека политичката криза може апсолутно да биде една од причините за потфрлањето на странските инвестиции. „Политичката криза влијае на економските текови генерално, па и врз одлуките на странските инвеститори. Но, не е само таа причина што кај нас нема доволно странски инвестиции. Сметам дека ние како земја некогаш недоволно се ангажираме да ги привлечеме. Еве, на пример, Македонија нема да присуствува на „ЕКСПО 2015“ во Милано, голема светска изложба која се отвори деновиве и која е исклучително значајна. Тоа беше голема можност за нас да се промовираме како земја, но не ја искористивме, додека нашиот сосед Србија ќе присуствува. Ние не можеме само да чекаме да дојдат инвеститорите, или да се надеваме само на ефектите од роуд-шоуата низ светот. Треба да сме поактивни“, објаснува Зарезанкова-Потевска.

Премиерот Никола Груевски, во завршниот говор по неговиот реизбор за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот, рече дека засега нема посериозни проблеми кај инвестициите, но ако продолжи оваа ситуација, нема да се задржи спокојството кај инвеститорите.

„Обидите на Заев за компромитација на Владата и создавање слика за нас како луѓе со најлоши намери и побуди, како и неговите закани за насилно преземање на власта, создаде мала загриженост и немир од потенцијална нестабилност кај дел од инвеститорите, но засега се' уште нема посериозни проблеми. Сепак, нема да може целосно да се задржи спокојството кај инвеститорите ако Заев продолжи на ваков начин да и' нанесува штета на сопствената земја“, нагласи Груевски, додавајќи дека членовите на тимот за инвестиции работат со полна пареа.

Инаку, во првите два месеца од годинава во земјава влегол странски капитал од 47 милиони евра, што е намалување за 26,7 отсто во однос на 64 милиони евра, колку што биле вложени во истиот период лани. Во јануари сме биле домаќини на странски вложувања од 34,4 милиони евра, додека, пак, многу послаб инвестициски резултат бил забележан во февруари, 12,6 милиони евра.

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/?ItemID=E0AD839DD2673D4BB82AEC9D2694516C
Коментари
Нема коментари.
 
Архива