портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Хрвати, бегајте од еврото
септември 2012
Борис
Џонсон
Хрватите имаат одлична иднина и затоа е уште поневеројатно што се подготвени да заменат една пропадната федерална структура (Југославија) со друга (ЕУ). Не ставајте го вратот во бесилката на еврото, им порачува Британецот на Хрватите

    



На крајот од секој обилен оброк на Медитеранот доаѓа трагичен момент кога келнерот ќе ви ја донесе сметката и додека посегнувате по паричникот можете да си дозволите одеднаш да ве обземе голема тага. Да, дозволено ви е да испуштите тивка воздишка, нечујна за другите околу вас. И така пред некој ден воздивнав за време на убавиот семеен одмор. Тажно и носталгично застенкав, гледајќи во преубавите невини банкноти, сѐ уште цврсто свиткани во паричникот.

Зошто воздивнав? Сметката не беше скандалозна - далеку од тоа. Двочасовната гозба вредеше многу, со оглед на тоа дека нарачавме неколку чинии морска храна со вкусни сосови и богати прилози и сето тоа го залеавме со неколку добри шишиња „поступ“, можеби највкусното бело вино што некогаш сме го пробале. Немавме никаков проблем со одморот. Летавме со авион на „Изиџет“ од лондонскиот аеродром „Гетвик“ и уживавме во сите убавини и удобности што ви ги нуди авиокомпанијата „Изиџет“. Пејзажот беше прекрасен: морето имаше тиркизна боја, воздухот беше исполнет со мирис на мирта и на мајчина душица, а пред нас како китови беа распослани неколку неверојатни острови.

ЕВРОБЕСИЛКА

Луѓето беа пријателски расположени и некако ги обединуваа сите добри страни и доблести на словенската и медитеранската култура и физички изглед. Лесно можеше да се види зошто римските императори одлучувале да ги градат своите палати на брегот на Далмација и зошто доаѓале таму за летни задоволства. Целото место било и сѐ уште е прекрасно. Но сепак застенкав кога ги погледнав банкнотите куни. Тоа беше збогувачко стенкање, кое би го испуштиле пред јагнето за колење.

Хрватска на 1 јули наредната година ќе стане 28 земја-членка на Европската Унија и, според одредбите од Договорот од Мастрихт, оваа нова, горда и суверена држава, која не е стара ни две децении, ќе мора да го прифати целиот корпус на правото на Европската Унија. Но таа ќе мора и да го стави вратот во бесилката на заедничката европска валута. За разлика од Британија и од Данска, Хрватите немаат избор. Тие се законски обврзани да се откажат од куната во корист на еврото, а јас им велам „луѓе, не правете го тоа“. Тоа не е само грешка. Прифаќањето на еврото значи и одбивање да се научат суровите лекции од поновата балканска историја.

ЛУЗНИ ОД ВОЈНИТЕ

Каде и да одите во земјите од поранешна Југославија ќе наидете на белези што ве потсетуваат на војните што ја распарчија земјата. Во Дубровник можете да ги видите лузните на црквите гранатирани од Србите. Слични лузни можете да видите и во Мостар, каде што древниот мост беше разнесен од Хрватите. Крај патиштата во Хрватска можете да видите постери од генералот Анте Готовина, кого Хашкиот трибунал за воени злосторства го стави зад решетки, но во родната земја сѐ уште го почитуваат како херој.

Немаше добри момци во тој психотичен конфликт. Во различни времиња и на различни места имаше припадници на сите етнички и верски групи, вклучувајќи ги и муслиманите, кои извршија различни ужасни насилства. Сепак кошмарот имаше свој почеток и тоа беше посткомунистичката желба на Словенија и на Хрватска за поголема независност и манипулативната реакција на српскиот лидер, Слободан Милошевиќ.

Се работеше за заживување на вековната етничка омраза, во смисла на тоа дека имаше многу скриен отров што беше искористен од манијаците како Милошевиќ. Но исто така стануваше збор и за национализмот, за жестоката желба на една група луѓе да не ѝ се потчинат на друга група луѓе.

Стануваше збор за правата на националните малцинства во Босна, Србија, Хрватска и во целата Југославија и за нивната борба против тиранијата на мнозинството - од Белград, Загреб, па дури и од Сараево. Мирот настапи само по целосното распаѓање на Југославија, по загубата на десетици илјадници животи и по најголемите присилни преселби на луѓе од Втората светска војна.



Извадокот е превземен од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=914121659222&id=23&setIzdanie=22680




Коментари
Нема коментари.
 
Архива