портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Европа и Русија допрва ќе се натегаат за цената на природниот гас
април 2015

ЕК ќе го обвини „Газпром“ за попречување на конкуренцијата на пазарите во Централна и Источна Европа, каде што фирмата има доминантна позиција. Од друга страна, европските земји се свесни дека немаат сериозна алтернатива за рускиот гас.



Европската комисија (ЕК) најавува тужба против рускиот енергетски гигант „Газпром“ за неконкурентните практики во Европската Унија, при што одлуката дополнително може да ги зголеми тензиите меѓу Западот и Москва. ЕК уште во 2012 година поведе формална истрага за работењето на „Газпром“ во источните и јужните европски држави, наведувајќи дека таа компанија ја злоупотребувала доминантната позиција во снабдувањето со гас во тие земји. Брисел веќе три години ги истражува обвинувањата дека руската компанија им забранува на одредени земји да го извезуваат гасот што го купиле, за изедначување на цената на гасот со нафтата и за блокирањето на изворите на снабдување на ривалите. ЕК ќе го обвини „Газпром“ за попречување на конкуренцијата на пазарите во Централна и Источна Европа, каде што фирмата има доминантна позиција.

Се предвидува дека обвиненијата ќе ги влошат и без тоа заладените односи со Русија по прекинот на изградбата на „Јужен тек“ и неговата замена со „Турски тек“.

Во меѓувреме ЕК планира да подготви и единствен договор за испорака на гас за сите снабдувачи, па и за „Газпром“. Формата што би важела за сите земји од ЕУ ја најави заменик-претседателот на Европската комисија за енергетски сојуз, Марош Шевќовиќ, во интервју за рускиот весник „Комерсант“.

- Можеме да направиме некаков стандард за комерцијални договори за испорака на гас. И доколку се водат некакви преговори, без оглед дали сте силна или слаба страна, ќе знаете каков е стандардот и ќе може да процените дали е чесен договорот за испорака на гас - рече Шевќовиќ.

Со воведувањето на ваквата единствена форма на договори на ЕК ѝ се отвора можност да води преговори со поединечни земји за договорот да биде во согласност со законодавството на ЕУ или да се обрати на Европскиот суд.

Додека ЕК подготвува тужба за „Газпром“, руската компанија сѐ повеќе се ориентира кон Азија. Претпријатието склучи долгорочен договор за испораки во Кина, а веќе е во преговори за реализирање на гасоводот „Турски тек“. Овој гасовод, кој се планира да стигне до грчко-турската граница, беше најавен од директорот на „Газпром“, Алексеј Милер, во декември, непосредно по посетата на Владимир Путин на Турција, кога тој неочекувано објави запирање на претходниот проект на „Газпром“, познат како „Јужен тек“, кој требаше да пренесува гас од Русија преку Црно Море директно до Бугарија. Но Европската комисија настојуваше проектот да биде променет, затоа што „Газпром“ сакаше да управува и со гасоводот и со гасот што ќе тече низ него, што е противречно на европските правила.

Грчкиот и унгарскиот премиер, Алексис Ципрас и Виктор Орбан, особено се заинтересирани рускиот гасовод да поминува низ нивните земји. За време на посетата на Путин на Будимпешта, Орбан изјави дека секој што мисли дека Европа би можела да има енергетска сигурност без руски горива „самиот се залажува“, јави „Економист“.

Ципрас при својата посета на Москва потсети на ветувањето на Путин дека новиот гасовод ќе ја претвори Грција во енергетски центар. Негова главна грижа беше да обезбеди грчкиот дел на цевките да не се нарекува „Турски тек“.

- Грција и Унгарија се најсилно проруски настроени држави во Европската Унија и Русија се обидува да го искористи сето тоа - вели Петер Креко од „Политикал капитал“, експертска група со централа во Будимпешта.

Милер ќе се сретне со Ципрас

Директорот на руската компанија „Газпром“, Алексеј Милер, ќе ја посети Атина, каде што ќе има средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, соопшти грчкото министерство за животна околина и енергетика. Во соопштението се посочува дека Ципрас и Милер ќе разговараат за прашања од областа на енергетиката. Во саботата неименуван грчки владин претставник најави дека во вторник во Атина висока руска делегација ќе потпише договор за изградба на гасовод.

Автор: М.Т.

Превземено од:

http://novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=421151658478&id=10&prilog=0&setIzdanie=23450
Коментари
Нема коментари.
 
Архива