портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Променлив курс на денарот пред воведување на еврото
март 2015

Македонија со години има статус земја-кандидат за членство во Европската Унија, а домашната економија, според сегашните економски перформанси, е подготвена за постепено прифаќање на еврото како национална валута, но поради проблемот за името и грчката блокада нашата земја сѐ уште чека на портите од ЕУ. Домашни експерти велат дека, покрај сите поволности што ги носи воведувањето на еврото, во моментов тоа би било погрешен чекор.



Европските политичари денес би требало да се покаат што дозволија со политичка одлука да ѝ се дозволи на Грција да стане членка на еврозоната иако оваа земја не ги задоволувала економските параметри потребни за воведување на единствената европска валута. Овој погрешен чекор предизвика долгогодишната финансиска криза во Грција да ги доведе до прашање функционалноста и одржливоста на еврозоната. Стотици милијарди евра мораа да платат граѓаните на повеќе европски земји за да ѝ помогнат на Грција во изминативе години, но со промената на власта во оваа земја се зголемува опасноста Грција да ги одложи наметнатите реформи за штедење, што ќе значи дека овие пари биле попусто потрошени. Индикативно е што одлуката да ѝ се одобри нова помош на Грција повторно е политичка и не е базирана врз прецизирани реформи.

Македонија со години има статус земја-кандидат за членство во Европската Унија, а домашната економија, според сегашните економски перформанси, е подготвена за постепено прифаќање на еврото како национална валута, но поради проблемот за името и грчката блокада нашата земја сѐ уште чека на портите од ЕУ. Домашни експерти велат дека, покрај сите поволности што ги носи воведувањето на еврото, во моментов тоа би било погрешен чекор.

БЛАГА И КОНТРОЛИРАНА ФЛЕКСИБИЛИЗАЦИЈА

Според Марјан Петрески, професор на Американ колеџ, размислувањето за прифаќање на еврото како национална валута во моментов е во целосна дефокусираност, а особено поради тоа што еврозоната е во криза.

- Македонија е подготвена, според номиналните критериуми, за прифаќање на еврото, меѓутоа тоа е така затоа што во 1995 година беше потребно номинално сидро за зауздување на тогашната инфлација, а не за да се подготвиме за усвојување на еврото. Колку и да е фиксен девизниот курс на националната валута, сепак тој дава поголем маневарски простор отколку ако сме во монетарна унија со еврозоната. Впрочем, случајот на Грција најеклатантно го покажува тоа. Мојот став е сосема спротивен: Македонија не само што не треба да размислува за усвојување на еврото туку на среден рок треба да размисли за блага и контролирана флексибилизација на курсот, проследена со елементи на целење на инфлацијата во монетарната стратегија - вели Петрески.

Тој додава дека нашата централна банка веќе почнала имплицитно да вградува вакви елементи во својата монетарна стратегија, што е добро.

- Ние треба во еден одложен период да ги уживаме бенефициите од една ваква стратегија, како што тоа го прават Полска и Чешка, па дури потоа, откога ќе постигнеме повисок степен на реална конвергенција со еврозоната, да размислуваме за прифаќање на еврото - вели Петрески.

Во Народната банка потврдуваат дека нашата земја се подготвува за влез во еврозоната. Оттаму информираат дека Законот за Народната банка е пример за акт што содржи прописи чија примена зависи од степенот на интеграција со Европската Унија.

- Главата 12 од законот содржи одредби за улогата што Народната банка ќе ја преземе во моментот на членството на Република Македонија во Европската Унија, а главата 13 е со наслов „Воведување на еврото како парична единица во Република Македонија“. Во моментов Народната банка соработува и разменува информации со Европската централна банка и со други институции и тела на Европската Унија. Воведувањето на еврото ја зголемува споредливоста на цените на стоките, услугите, капиталот и надоместоците со овие цени во други земји, а ги намалува трошоците за меѓународниот платен промет. Поголемата достапност на европските пазари за капитал е натамошна придобивка - велат во НБМ.

КАКО ВЛИЈАЕ ЕВРОТО ВРЗ СТАНДАРДОТ И ЕКОНОМИЈАТА

Во НБМ велат дека искуството покажало дека воведување на еврото ја засилува перцепцијата кај домаќинствата за тоа дека цените се зголемуваат.

- Но овој ефект е транзиторен и краток, така што останува констатацијата дека самото воведување на еврото не влијае врз стандардот - велат во НБМ.

Според Петрески, самото воведување на еврото не може да се доведува во директна врска со животниот стандард. Тој вели дека бенефициите од неговото потенцијално воведување за макроекономската стабилност ги имаме и сега, преку одржување де факто фиксен курс на денарот во однос на еврото.

- Трошоците од неговото воведување се многу јасни од случајот на Грција, особено ако постои голем диспаритет помеѓу новото на економска развиеност на земјата што пристапува и просекот на еврозоната, како и несинхронизираност на бизнис-циклусите. Оттука, мојата теза е сосема спротивна: со блага и контролирана флексибилизација на девизниот курс, проследена со елементи на целење на инфлацијата, и фискална политика што ќе ја поддржува инфлациската цел, да се создаде поповолен амбиент за економски пораст, кој ќе нѐ однесе на повисоко ниво на животен стандард. Тогаш ќе има поголема смисла да зборуваме за приклучување кон еврозоната - укажува Петрески.

Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија, вели дека со влегувањето на Република Македонија, како полноправна членка во рамките на Европската Унија, надворешнотрговската размена ќе се зголеми.

- Домашните компании ќе се соочат со поголема конкуренција, токму затоа во претпристапниот период е потребно компаниите добро да се подготват и максимално да ги искористат претпристапните европски фондови - вели Алексов.

Црна Гора и Косово воведоа евро без членство во ЕУ

Црна Гора и Косово се примери дека еврото може да се користи како валута и без зачленување во Европската Унија. За да избегне инфлација, но и на тој начин да се оттргне од режимот на Слободан Милошевиќ, Црна Гора во 1999 година го напушти динарот и како своја валута ја воведе германската марка, со одобрение на Германија. Во 2002 година, пред институцијата што се грижи за економијата во ЕУ, Екофин, да забрани унилатерална „евроизација“ (еднострано воведување на еврото), Црна Гора премина на користење на еврото како своја валута, објаснува црногорскиот министер за финансии и до неодамна гувернер на Централната банка Радоје Жугиќ, пренесе „Дојче веле“.

- Ние ја купивме германската марка - го купивме, извршивме конверзација и го имаме во платниот систем еврото и тоа е премолчена согласност, во овој момент - вели Жугиќ.

Како е можно некои земји да го користат еврото иако воопшто не се членки на Европската Унија не сакаат да коментираат во Европската централна банка. Портпаролот Виктор Кшижановски лани изјави дека не може да коментира која било земја посебно.

- Но бидејќи еврото е глобална валута со која се тргува на меѓународно ниво и може да биде купена насекаде во светот, ЕЦБ не може да ги контролира таквите потези и не може ниту да забранува ниту да промовира користење на еврото. Нашата политика е дека еврото е меѓународна валута со која слободно се тргува и секој може да ја купи кога ќе посака - вели тој.

Според Марјан Петрески, професор на „Американ колеџ“, Црна Гора и Косово се посебни случаи и не треба да се идентификуваат со Македонија.

- Унилатералното прифаќање на еврото од нивна страна беше мотивирано од политички, а не од економски причини - вели Петрески.

Во НБМ објаснуваат дека Косово и Црна Гора не се членки на еврозоната и дека унилатералното користење на еврото не е во согласност со прописите, но се толерира поради условите што доведоа до тоа тие држави да ја користат валутата.

- Деловните банки од Црна Гора и од Косово работат со деловните банки од еврозоната, но по дефиниција немаат пристап до услугите и платниот систем на Европската централна банка - велат во НБМ.

Автор: Маја Трајковска/ Петранка Талеска/

Превземено од:

http://novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=321594398&id=10&prilog=0&setIzdanie=23408
Коментари
Нема коментари.
 
Архива