портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Кина, Русија и Европа
декември 2014
Владимир
Глигоров

Кина не се стреми да влијае на политичките движења во Европа. За неа сенајважни трговските односи. Поинаку стојат работите со Русија.



Кина, кога станува збор за односот со Европа, е трговска сила. Политички мотиви несомнено постојат, но тие се надворешнополитички, барем кога станува збор за односите со Европа. Зголемениот трговски успех е значаен за Кина бидејќи поволно влијае на нејзината економија, па, така, влијае и на домашната стабилност, што значи дека има внатрешнополитичко значење. Но Кина не се стреми да влијае на политичките движења во Европа. Дури, бидејќи станува збор за трговска земја, во нејзин интерес е стопанско закрепнување на Европа, бидејќи тоа значи и поголеми можности за извоз. Овој однос помеѓу Кина и Европа не е само последица од географската оддалеченост. Историски гледано, не се непознати судири на политичките интереси, па дури и воени. Кина, секако, не беше поштедена од европскиот империјализам. Разликата е во карактерот на европските држави. Со создавањето на ЕУ, трговските интереси станаа најважни не само внатре во Европа, туку и кон остатокот од светот. ЕУ, пред се', е трговска сила, и тоа многу веројатно е и нејзиното најсилно оправдување, како во внатрешните така и во надворешните односи.

Од оваа карактеризација на Кина и ЕУ може да се донесе заклучок и за карактеристиките на нивните меѓусебни односи. Независно од тоа што постојат значајни политички разлики, пред се', кога станува збор за односот кон демократијата и човековите права или, генерално, кон либералните вредности, има малку причини за политички судири. Станува збор за две трговски сили кои имаат заеднички интерес да ја зголемат таа трговска размена. Во прилог на тоа е и фактот што ЕУ има избалансирана трговска сметка, значи увезува колку што и извезува. Кина, пак, има суфицит во надворешната размена и нејзината политика на развој се темели на тоа да го зголемува извозот и така да обезбедува зголемување на вработеноста дома. Ова последново ќе биде важно се' додека постои вишок работна сила на село, која е потребно да се вработи во индустријата и услугите. Така што трговските интереси доминираат во односот на Кина и ЕУ. Поинаку стојат работите со Русија. Повторно, ЕУ е трговска сила и во односот со Русија, но тоа не е случај и обратно. Всушност, може да се каже дека во првите години по падот на Берлинскиот ѕид намерата беше, на двете страни, да се воспостави подрачје на слободна трговија и така да се засноваат политички односи кои се лишени од традиционалните извори на судири. ЕУ, повторно, е многу погоден партнер за тоа бидејќи таа по природа на нештата нема територијални интереси, туку има интерес да ја развива трговијата, како внатре во Унијата така и со соседите, меѓу кои Русија, секако, е од големо значење. Особено поради тоа што западот на Европа, за разлика од Русија, главно е лишен од природните богатства, барем во мера во која е потребно за да се одржи саканиот развој и ниво на стандарди. Традиционално, Русија не е само земја што извезува руди, енергија и скапоцени камења, туку располага и со голем човечки потенцијал, како во науката така и во другите области. Меѓутоа, проблемот е во тоа што Русија не е само и не сака да биде само трговска сила, барем не во Европа. Така што трговските интереси, барем во односите со земјите-членки на ЕУ, па и со други европски земји, особено во поблиското или во подалечното соседство, се, некогаш повеќе некогаш помалку, средство на политички цели, како домашни така и надворешни. Всушност, доколку постојат ризици на планот за внатрешна стабилност, ќе се зголеми интересот со надворешната политика тие да се намалат. Во моментов токму тоа е и случај. Поради тоа трпат и трговските односи помеѓу ЕУ и Русија. Санкциите се само еден и, секако, екстремен вид несогласување помеѓу трговскиот карактер на ЕУ и територијалните интереси на Русија. Но и кај другите комерцијални односи постојат несогласувања. Основата е во тоа што е тешко да се воспостават заеднички правила на тргување и вложување, особено кога станува збор за природни монополи, кои се од посебен интерес за Русија. За ЕУ се пожелни правила за тргување кои не создаваат односи на асиметрична зависност, додека токму тие се од посебен интерес за Русија, со оглед на нејзините политички цели. Така и дојде до судирите во Украина и до сопирање на изградбата на гасоводот „Јужен поток“.Тие асиметричности ги нема во односите на Кина и ЕУ, но, секако, може да се појават во односите помеѓу Кина и Русија. Останува да се види како тие ќе се развиваат.

(Авторот е економист. Текстот е објавен во „Нови магазин“)

Коментари
Нема коментари.
 
Архива