портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Бариерите ги оладија земјоделците за парите од ЕУ
ноември 2014

Земјоделци аплицирале и биле одбиени дури и поради најситни пропусти, други не ни размислуваат за парите од ИПАРД.


Сања Наумовска

„Кој зел пари од ИПАРД? Јас не познавам таков, ниту пак кој било од моите соседи познава таков, иако сите сме производители со децении!“ Вака коментира Александар Крстевски од село Стајковци, Скопско. Тој вели дека неодамна со десетина производители разговарале на оваа тема и заклучиле дека ниту еден од нив не успеал и по неколку обиди успешно да ја заврши оваа мисија.

„Ангажирав консалтинг-компанија да ми ја собере сета документација и да аплицира, бидејќи земјоделците ниту имаат време ниту, пак, знаење за сето тоа. Услугата ќе ја платам 500 евра“, вели Крстевски.

Обемна документација, слаба институционална поддршка, сложени процедури, кои некогаш е невозможно да се исполнат се главните причини кои ги одвраќаат нашите земјоделци да конкурираат за средства од програмата ИПАРД. Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2014 година во делот посветен на земјоделството, се посочува дека лани, сума од 11,5 милиони, средства доделени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој- ИПАРД, остана неискористена и вратена во буџетот на Европската унија. Изминатите шест години, пак, земјоделците од нашата земја искористиле само 11 отсто од европските пари. Во програмата 2007-2013, од 62,7 милиони евра достапни преку фондот ИПАРД, се искористени само околу седум милиони.

Голем број македонски земјоделци аплицирале и биле одбиени дури и поради најситни пропусти, други, пак, не се ни заморуваат да размислуваат како да го изодат патот до европските пари. Поучени од искуствата на колегите, македонските земјоделци почесто се одлучуваат да купат половни машини и да ги поправаат отколку да собираат документација која многу ги чини, а нема никаква гаранција дека ќе ги добијат.

„Еден сосед купи фреза од Косово за 1.000 евра, набави некои делови, ја поправи и ја користи. Нова чини 6.000 евра, но никако не можеше да ја заврши процедурата за ИПАРД, а машината му е многу потребна“, вели Крстевски. Проблемот што не може да се дојде до кредит понекогаш се бизарни, на пример како долг од 15 денари, регистриран од Управата за јавни приходи.

Некои земјоделци не можат да извадат имотни листови за нивите, други пак заглавиле со давачките за фирмите. Дел од земјоделците имаат помалку од 2 декари отворено производство, а некои едноставно имаат потреба од земјоделска машина која не се нуди во Програмата или не е од производител од Европската унија. Затоа многу често нашите земјоделци се одлучуваат да си брцнат во сопствениот џеб и самите да си ја финансираат инвестицијата. Но, така, пак, нема напредок, ниту пак раст, бидејќи за да заработат и да ги соберат средствата за друга машина ќе им требаат години работа на нивите.

Производителот Зоран Антовски вели дека земјоделецот сам, без помош од институциите не може да ги истурка докрај процедурите и успешно да аплицира за европските пари, но затоа пак може да побара помош од вработените во Платежната агенција. Според него, средствата од ИПАРД не се недостижни, но добро би било надлежните да излезат на терен меѓу производителите, да ги информираат, советуваат и упатуваат како побрзо и полесно да стасаат до нив.

„Јас сакав да купам трактор, и успеав со помош на Агенцијата да ја соберам документацијата, но машината за која можев да аплицирам беше далеку поголема од онаа што мене ми требаше. Тракторот што сакав да го купам не е произведен во ЕУ, па на крај морав сам да инвестирам“, вели Антовски.

Искуството на неговиот соселанец Крстевски, пак, е поинакво. Тој вели дека за програмата ИПАРД конкурирал двапати и не успеал ниту еднаш. Првиот пат бил одбиен бидејќи не обезбедил документ дека има два европски производители за машината која ја бара, а вториот пат поради долг од 5.500 денари за персонален данок. Долгот го платил, но веќе било доцна за апликацијата, бидејќи службите не го информирале навреме. Пред осум години искористил средства преку Програмата за рурален развој и купил трактор, но кога повторно конкурирал за да земе нова машина тогаш бил одбиен. Оттогаш досега купил машина за миење моркови, пневматска сеалка, фреза, сите со сопствени средства.

Покрај европските пари, производителите тешко доаѓаат и до средствата од буџетот наменети за поддршка на земјоделството. Според професорот Борис Анакиев, податоците од завршните сметки на буџетите покажуваат дека македонските земјоделци во последните четири години не можеле да искористат повеќе од 70 проценти од планираните средства со Програмите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

„Податоците покажуваат дека од вкупно планираните буџетски средства за 4 години од над 470 милиони евра за земјоделството и руралниот развој, се реализирани 332,8 милиони евра, односно близу 140 милиони евра останале неискористени. Дали се земјоделците виновни за неискористување на неповратни финансиски средства кои им ги дава државата? Дали се неорганизирани, немаат доволно капацитети или не можат да ги исполнат нормите и условите кои ги поставуваат годишните програми“, прашува Анакиев.

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/?ItemID=2C0E2B73FC8936469ED9C64F96D9D619

Коментари
Нема коментари.
 
Архива