портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Ништо од економскиот раст, доколку не се покрене индустријата!
ноември 2013
д-р Крсте
Шајноски
Со оглед на значењето на индустријата во динамизирањето на развојот на земјата очигледна е потребата за преземање на активности да се запре процесот на деиндустријализација на стопанството во Македонија. Само со пресврт во развојот во насока на повторно индустријализирање, врз принципи на конкурентност и компаративни предности, земјата може да се истргне од ниски стапки на раст и висока невработеност.

За објективно прикажување на состојбите во економијата не е доволно само да се имаат во предвид апсолутните резултати, туку неопходно е тековните движења истовремено да се набљудуваат во однос на претходните, барем, неколку години. Не е доволно да се радуваме на пораст, ако стапката покажува подобрување во однос на истиот месец од претходниата година. Не е доволно ниту кога стапката е повисока  во однос на претходниот период. Тоа се сигнали дека состојбите се подобруваат, но не и дека сме на пат на пресврт на забавените повеќегодишни стопански активности. Ова е особено карактеристично за движењата на индустриското производство, кое, инаку, се смета за двигател на економскиот раст. На вакво гледање се вратија дури и развиените економии кои, во изминатите речиси две децении, наголемо, се потпреа врз услугите, посебно врз финансиските услуги, па по кризата, врз таа основа, не се во состојба да се вратат на остварување на стапките на економски раст остварувани пред кризата. Реиндустријализацијата се актуализира и кај нив. А, ако ним им е важно, тогаш нам ни е уште поважно, бидејќи во услугите, особено во финансиските, не можеме да им конкурираме на развиените. Нашите можности за динамизирање на развојот се во порастот на индустриското производство, како потенцијал за обезбедување на долгорочно одржлив развој.

Во септември годинава индустриското производство, во однос на  истиот месец од претходната година, порасна за 5,1%. Меѓутоа, годинешното деветмесечно производство, во  однос на ланското, е поголемо за само 2,2%. А ако се има предвид дека индустриското производство во минатата година беше за 6,6% помално во однос на 2011 година, тогаш далеку сме од ситуација на порастот на индустриското производство да се радуваме како на активност која ќе биде замаец на долго посакуваното излегување од „стапицата на ниски стапки на раст“ и динамизирање на стопанските активности.

Ваквата констатација се повторува повеќе пати, меѓутоа, очекувањата за подобрување на состојбите се залудни. Постојано опаѓа  и бројот на вработените во индустријата. Во 2012 година  овој број беше помал за 13,1% во однос на 2005 година. Процесот на деиндустријализација се одвива како да е планиран, иако постојано се зборува за зголемување на инвестициите, особено на странските директни инвстиции. Веќе не се знае дали нема доволно средства за инвестиции во индустријата или, пак, нема индустриска политика која слободните парични средства ќе ги насочува во модернизација на постојните и изградба на нови индустриски капацитети, кои ангажираат повеќе работна сила. Јасно е само дека  надежите се свртени кон странските гринфилд инвестиции. Но, додека тие се очекуваат, неповолниот тренд на намалување на индустриското производство постојано се влошува, односно деиндустријализирањето продолжува. Стапките на раст се намалуваат од година во година, а во годините на рецесија тие забележаа и негативни предзнаци. Индустрриското производство  во 2012 година е за речиси 12% помално отколку во 2007 година, додека во однос на 1989 година е двојно помало. Учеството на индустријата во создавањето на БДП се спушти под 20%. Речиси нема индустриски оддели кои бележат континуиран раст. Во 2012 година само три оддели оствариле поголемо производство (капитални производи, производи за широка потрошувачка и рударство и вадење камен) во однос на 2005 година. Сите други во 2012 година имаат помало производство отколку во 2005 година, а во меѓувреме бележеле порасти и падови.

Со оглед на значењето на индустријата во динамизирањето на развојот на земјата очигледна е потребата за преземање на активности да се запре процесот на деиндустријализација на стопанството во Македонија. Само со пресврт во развојот во насока на повторно индустријализирање, врз принципи на конкурентност и компаративни предности, земјата може да се истргне од ниски стапки на раст и висока невработеност. Меѓутоа, таквиот пресврт не може да се оствари преку спонтан развој, бидејќи тој води само кон намалување на индустриското производство. Неопходна е политика на индустриски развој, која ќе биде значајна компонента на извозно ориентирана развојна стратегија. Не е доволно само да се произведува. Станува се’ позначајно  и каде се продава. Во ситуација на постојан пораст на долгот спрема странство очигледно е дека од порастот на производството за извоз ќе зависи стабилноста и одржливоста на развојот. Тоа значи дека во индустриската политика треба да се вгради  и критериумот на нето извоз. Не треба да се потценуваат ниту производството со кое се супституира увоз,   ниту производството кое ги урамотежува увозните трошоци  со извозните приходи. Меѓутоа, позначајна поддршла треба  да имаат производителите кои ќе остваруваат поголеми извозни приходи од увозните расходи. Тие ги подобруваат можностите за урамотежување на односите со странство.

Во овој контекст треба да се оценуваат и резултатите од странските директни инвестиции. Без нето извоз, нивниот придонес се сведува само на вработување на ниско платени работници, а тоа не е доволно за остварување на одржлив развој. Симптоматично е што надворешно- трговскиот дефицит на индустријата во Македонија   се зголеми од околу 100 милијарди денари во 2010 година, на 114  милијарди во 2011 и на 122 милијарди денари во 2012 година, а ова се години во кои проработија некои од странските гринфилд инвестиции. Тоа не значи дека тие се виновни за дефицитот во индустријата, но никој не се пофалил колкави се нивните нето извозни ефекти, иако е тоа многу значајно за одржливоста на развојот на земјата.

Превземено од;

http://faktor.mk/archives/82417
Коментари
Нема коментари.
 
Архива