портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Русите доаѓаат на Балканот
април 2013
Христо
Ивановски



Додека во САД деновиве се објавуваат пресметки колку американските даночни обврзници ги чини „донесувањето демократија“ во Ирак и во Авганистан и колку ќе чини повлекувањето на американските трупи (цифрите се околу 6,5 билиони долари) од тие две земји, с` почести се информациите за „рускиот феникс“ и за феноменот наречен БРИKС. Некој можеби ќе помисли дека овие две нешта немаат никаква директна корелација, но анализите го покажуваат токму спротивното - „рускиот феникс“ е резултат, барем делумно, на американската политика на Блискиот Исток и во Евроазија. Сакале или не, Македонија со својата местоположба е токму во процепот на евроазиските интереси и стратегии на големите или, поетски кажано, не може да скршне од патот на свилата.

Неодамна во Москва претставниците на Владата на Република Србија со своите домаќини потпишаа неколку важни договори со кои ја продлабочуваат билатералната соработка, но еден потег на Белград треба особено внимателно да се анализира. Имено сегашнава политичка структура решила навистина подлабоко да ги среди односите со Москва. Главната вест не е дека Србија ќе добие нов кредит од Русија од половина милијарди долари (што изнуди коментари дека дополнително си ја стегнаа јамката), туку дека нашиот северен сосед стана посматрач во Договорот за колективна безбедност (англиска скратеница ЦСТО) и практично Србија станува европски носач на руските воени сили. Русите доаѓаат воено во Европа, без дилеми.

ЦСТО е одбранбена организација, која настана по распаѓањето на Варшавскиот пакт и на СССР, односно во времето на Заедницата на независни држави. Организацијата со текот на времето еволуира, па во 2002 година во Ташкент ја добива денешната форма во која членуваат Ерменија, Белорусија, Kазахстан, Kиргистан, Русија и Таџикистан. Отворен интерес е покажен и од Иран, а меѓу посматрачите е и Авганистан и токму оваа земја чиј лидер е „прозападниот“ Kарзаи може да послужи како лакмусов тест за американската/НАТО политика за таа земја. Западниот поглед кон ЦСТО е дека таа е анти-НАТО организација, „ОПЕK со бомби“ или „клуб на диктатори“. Секако, ова се флоскули од едно поминато време кое Западот го викаше Студена војна, а реалноста е сепак дека на ЦСТО треба да се гледа како на нешто многу посериозно во поглед на регионалниот воен баланс. Таа организација сега нема идеолошко лепило, кое би ја поврзало структурата, како што е тоа, на пример, НАТО и идејата за либерална демократија. Овде главна е идејата за регионална стабилност при што сите држави внатре се финансиски независни од Русите. Поради проблемите со трговијата со дрога, со фундаментализмот, па дури и сериозните еколошки проблеми кои делумно се поврзани и со интервенциите на НАТО, земјите имаат интерес да партиципираат во ЦСТО, а во тоа милје Русија природно ја игра улогата на регионален хегемон, кој притоа нема никакви проблеми со финансиите/финансирањето. ЦСТО веќе дојде на ниво на интероперативност, а тоа е постигнато и затоа што сите членки се наоружаа со руско оружје. Во својата структура имаат сили за брзи интервенции, мировници, а се на пат да формираат евроазиска армија. Ова е резултат на брзата еволуција на тој одбранбен сојуз, кој редовно спроведува воени вежби.

И приказната не ќе беше толку интересна ако не добиеше европски пресврт, а за тоа се погрижи Србија. Kапитен Kонстантин Сивков, кој долги години бил на чело на Центарот за воени и стратегиски студии на Главниот штаб изјавил дека „руските воени цели на Балканот се уште поамбициозни“ (политиката на грофот Орлоф и Kатерина Велика), притоа мислејќи дека во Србија е можно руско воено присуство и оти тоа би можело да биде асиметричен одговор на американскиот ракетен штит во Европа. Некаде меѓу редови се навестува и распоредување ракети „искандер“. Не е наведено кој тип, но нивниот дострел е некаде околу 500 километри.

Да ја вратиме приказната некаде во 1999 година, кога Македонија и НАТО најавија брак од интерес. Тогаш НАТО ни понуди с` што ќе побараме, а ние да им отстапиме територија за тие да можат да имаат идеална логистика од копно. Се подготвуваше војната против СР Југославија раководена од Слободан Милошевиќ. Ние тогаш (владата на Љубчо Георгиевски) побаравме воена заштита поради заканите од север. Приказната немаше ништо ново во себе зашто ОН со мисиите УНПРОФОР и УНПРЕДЕП речиси десет години претходно го знаеја тоа и затоа спроведоа ефективни мисии на одвраќање со американскиот контингент. Останува дилемата зошто тогаш не е побарано членство!

Тогаш српските ракети беа насочени кон Македонија и тоа е историски факт. Но, што се случува денеска? Ако навистина „искандерите“ во блиска иднина се постават некаде во Србија, под водството на претседателот Николиќ, ќе бидат ли некои насочени повторно кон Македонија, која никако да стане членка на НАТО поради спор кој никој не може да го разбере, а уште помалку да го реши? Сегашната состојба „ни во алијансата ни надвор од неа“ (Партнерство за мир) нам не ни е безбедносна гаранција и налага сериозно студирање на новата геостратегиска игра на Балканот.

Превземено од:

http://www.dnevnik.mk/?ItemID=7480AC158167C04EB434151C942B95
Коментари
Нема коментари.
 
Архива