портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
„Известија“: Македонија најскапо го плаќала рускиот гас
февруари 2013

Македонија и БиХ целосно зависат од „Газпром“ во испораката на гас, Бугарија дури 90 проценти од своите потреби ги задоволува од рускиот гигант, а Полска над 60 отсто, наведува „Известија“.

Руската енергетска компанија „Газпром“ во текот на минатата година својот природен гас најскапо го продавала во Македонија, Полска, Босна и Херцеговина, Чешка и Бугарија, наведува московскиот весник „Известија“.

Според весникот, цените по кои рускиот гас се продавал во Македонија и Полска биле на највисоко ниво од 2009 година. Додека просечната цена на гасот за европските земји изнесуваше 413,1 долари за 1.000 метри кубни, во првите шест месеци од минатата година Македонија истото количество гас го плаќала по 564,3 долари, Полска по 525,5 долари, БиХ по 515,2, Чешка по 503,1, а Бугарија по 501 долари, наведува московскиот весник.

Аналитичарот на ИФД „Капитал“, Виталиј Крјуков во изјава за весникот вели дека „Газпром“ најскапо го продава својот гас во оние земји кои немаат алтернативни извори за достава на енергенсот.

Македонија и БиХ целосно зависат од „Газпром“ во испораката на гас, Бугарија дури 90 проценти од своите потреби ги задоволува од рускиот гигант, а Полска над 60 отсто, наведува „Известија“.

Московскиот весник посочува дека во првата половина од минатата година во повеќето европски земји гасот достигнал највисоки цени од почетокот на економската криза.

„Газпром“ во периодот јануари-јуни 2012 година најевтино доставувал гас за Велика Британија и тоа по цена од 313 4 долари за 1.000 метри кубни.

Според економскиот аналитичар Дмитриј Александров, ова е сосема разбирливо имајќи предвид дека британскиот пазар е најконкурентен во сферата на енергетиката во Европа. „Газпром“ задоволува само десет проценти од вкупните потреби на гас на Велика Британија.

Весникот наведува дека по ланските рекордни цени, оваа година гасот на „Газпром“ ќе поевтини за речиси 14 проценти, но во исто време компанијата ќе забележи раст на продажбата од осум отсто.

За 2013 година се очекува цените на гасот да бидат за речиси една четвртина пониски во однос на нивото од првите шест месеци од минатата година. Така, во Македонија гасот би се продавал за 497,5 долари за 1.000 метри кубни, додека за споредба во Грција истото количество на енергенсот би чинело 427,2 долари. Лани Грција набавуваше гас од „Газпром“ по цена од 476,7 долари.

„Известија“ нагласува дека „Газпром“ бил принуден да направи отстапки во утврдувањето на цените на гасот во текот на процесот на услоглување на ставовите околу реализацијата на проектот за изградба на гасоводот „Јужен Поток“.

„Газпром“ официјално никогаш не ги објавува цените по кои го продава својот гас, па затоа Европската комисија се обидува да ја дознае нивната висина врз основа на договорите што секоја одделна држава ги склучува со компанијата, што секогаш и не и успева, оценува „Известија“.

Весникот наведува дека податоци за висината на цената на гасот се јавуваат од време на време и тоа најчесто кога ќе дојде до т.н. гасни конфликти или војни. Таков беше случајот минатата година кога по спорот меѓу „Газпром“ и Украина беше обелоденето дека Киев го плаќа гасот по цена од 416 до 432 долари за 1.000 метри кубни.
Коментари
Нема коментари.
 
Архива