портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Буџети, даноци и социјалдемократи
јануари 2013
Здравко
Савески
СДСМ колку сака нека презема левичарска иконографија, без да успее да убеди дека, во случај да дојде на власт, како и секоја левичарска партија би работел во интерес на сиромашните и непривилегираните, нема да стекне поширока поддршка од граѓаните и нема да дојде на власт.


Настаните околу донесувањето на буџетот за 2013 година во САД поради две работи се релевантни и за Македонија. Прво, зашто покажаа дека крупните разлики помеѓу власта и опозицијата околу буџетот не мора да се решат на таков начин што власта ќе ги прекрши демократските процедури за да го изгласа буџетот. Бидејќи настаните во САД и во Македонија се одвиваа паралелно, многумина ја забележаа драстичната разлика како се решија несогласиците во САД, а како во Македонија.

Втората важна работа за американскиот буџет сепак остана незабележана во Македонија. Во време на криза, американската влада на левоцентристичката Демократска партија реши да го зголеми оданочувањето за богатите Американци и на тој начин да обезбеди дополнителен прилив во буџетот. Оваа опција во Македонија, во услови на проектирани поголеми расходи од приходи во буџетот, не ја спомнаа ниту власта ниту опозицијата. Десничарската влада, типично, повеќе милуваше да ја задолжи земјата отколку да ги зголеми даноците за богаташите. Но и опозицијата, предводена од една наводно социјалдемократска партија, нетипично само на теоретско ниво, не ја отвора темата за зголемувањето на даноците за богаташите, и покрај тоа што деновиве до бескрај зборува на темата буџет!

Последните настани за зголемувањето на даноците на богаташите во САД, но и во Франција, како и молчењето на СДСМ во контекст на обезбедувањето дополнителен прилив на буџетски средства во време на криза е, барем според мене, важна тема за размислување. Сосема ќе се согласам дека е штетно за Македонија дополнително да се задолжува, особено кога тоа се прави за купување гласови на избори и за споменици, кои и без тоа се доволно проблематични. Ама, нема да се согласам дека, во услови на криза, треба да се крати на социјалните програми. Но како е можно првото да се усогласи во второто? На таков начин што товарот на кризата нема да се префрла на грбот на посиромашните граѓани, односно на таков начин што богатите ќе бидат повеќе оданочени.

Помеѓу податоците што ги слушнавме во врска со зголемувањето на даноците за богатите во САД основниот е дека данокот за оние што заработуваат повеќе од 400.000 долари ќе биде зголемен од 35 на 39,6 отсто. Видете ги убаво овие проценти. Во Македонија нема „претприемач“, колку и да е богат, да не се жали дека државата му наметнува високи даноци. Како, на пример, персонален данок од само 10 отсто! Еве, во САД (земја што не е позната по високите даноци!), најбогатите веќе беа оданочени со 35 отсто, а сега ќе бидат оданочени уште повеќе! Можете да добиете сега вистински впечаток колку богаташите се привилегирани во Македонија? А како една држава ќе располага со буџетски средства за да им помогне на најзагрозените ако притоа не треба дополнително да се задолжува?

Да видиме што се случува во Франција. Таму претседателот Оланд, социјалдемократ по убедување, сака да воведе данок од 75 отсто за оние што заработуваат над еден милион евра. Патем, ваквите мерки ја имаат предноста не само да го спречат трупањето на парите кај екстра-богатите и да обезбедат пари за загрозените членови на општеството, туку и служат како одличен тест за прокламираниот патриотизам на многумина богаташи. Зашто, лесно е да тврдиш дека си ја сакаш земјата кога нејзината влада ќе изгласа закони што ќе ти овозможат екстремно збогатување. Но кога една влада нема да го дозволи тоа, одеднаш се појавуваат случаи како актерот Жерар Депардје, кому парите му се далеку поважни од патриотизмот. Во овој контекст би сакал да ја видам реакцијата на оние наши бизнисмени што не пропуштаат да се чукаат во гради дека се големи патриоти, кога една идна влада, ориентирана на заштита на интересите на сиромашните и непривилегираните, ќе им воведе едно „оландско“ оданочување.



Извадокот е превземен од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11513923523&id=13&prilog=0&setIzdanie=22779
Коментари
Нема коментари.
 
Архива