портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Младите да се задржат во Западен Балкан
март 2016

На регионот на Западен Балкан му се потребни структурни реформи, борба против корупцијата и надминување на уште многу предизвици со кои се соочуваат земјите за да се преобрази од простор на заминување во простор во кој се останува, порачаа учесниците на панел-дискусијата „Регионалната соработка и унапредување на конкурентноста“, која се одржа на бизнис-форумот 2016 во Копаоник, Република Србија.


Во Стопанската комора на Македонија информираат дека на форумот било истакнато дека регионалната соработка е важна за напредок и развој на сите земји од регионот на Западен Балкан. Наедно, ова подрачје како регион може да биде конкурентно во привлекување странски инвестиции.

Претседателите на стопанските комори од регионот уште еднаш потврдија дека тие како претставници на бизнис-заедниците од регионот, поддржани од берлинскиот процес на германската канцеларка Ангела Меркел, веќе започнале со реализација на многу заеднички проекти, за регионот на Западен Балкан преку заедничка соработка да биде уште поуспешен во развојот на економијата. Регионот има 3 милијарди евра во меѓусебни инвестиции, што е доказ дека бизнисот е понапред во регионалната соработка отколку политиката. На конференција на ЕБРД во Лондон европскиот бизнис покажа дека сѐ помалку е заинтересиран за поединечен пристап кон економиите во регионот на Западен Балкан. Интерес има за регионот како заеднички инфраструктурен, економски и кадровски потенцијал.

Горан Свилановиќ во име на Советот за регионална соработка во Југоисточна Европа на форумот ги презентира и прелиминарните резултати од истражувањето што го спровеле во соработка со компанијата ГФК. Испитувањето на јавното мислење на граѓаните и бизнис-заедницата за економските услови на стопанисување било направено во ноември 2015 година, а опфатени биле 7.000 граѓани и 1.400 бизнисмени.

Истражувањето покажало дека бизнис-заедницата е пооптимистична отколку граѓаните во однос на оцената за актуелната ситуација и очекувањата во блиска иднина. Благиот оптимизам е доказ што охрабрува и ја перципира важноста од регионалната соработка меѓу сите земји на Западен Балкан. Но истражувањето покажува дека кај бизнис-заедницата исто така е присутен благ евроскептицизам, што се должи на стравот од промени, а не поради односот кон Европската Унија.

Пред присутните на панел-дискусијата беше презентирана и „Стратегијата 2020“ на Советот за регионална соработка. Таа предвидува развој во три сегменти: мобилност (регионално признавање на професионалните дипломи и квалификации), регионална поврзаност (поттикнување поврзаност преку економски коридори, интероперабилност на ИКТ-услугите и намалување на трошоците за комуникации во регионот) и поттикнување на конкурентноста (преку инвестициска интеграција на регионот и јакнење на индустриската база).

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на форумот укажа на неопходноста од регионална соработка токму во некои сектори од економијата каде што воопшто не е почната.

- Зборуваме за регионална економска соработка, а уште немаме редовни авионски линии Скопје - Подгорица, Скопје - Сараево, Скопје - Софија, Скопје - Тирана. Зборуваме дека сме како буре барут, но некои велат дека не сме буре барут, туку дека имаме многу пиромани околу нас. Оваа теза нѐ оптоварува три децении, а за тоа време странските инвеститори што работат во Западен Балкан заработуваат пет пати повеќе отколку во своите земји. Имајќи ги предвид потенцијалот и големината на земјите од Западен Балкан, мора една од нив да стане лидер на Балканот и да ја повлече економијата на регионот напред - истакна Азески.

Тој појасни дека секоја поединечна економија на овие простори има создадено нерамнотежа, која е неодржлива на подолг рок, а тоа се гледа не само во односот на приватниот и јавниот сектор туку и кај потрошувачката и инвестициите. Според него, регионот на Западен Балкан, кој се стреми кон членство во Европската Унија, во последните 20 години се промени. Но, од друга страна, и Европската Унија не е истата таа од времето кога траеше процесот на придружување на претходните групи земји што станаа членки на ЕУ. Регионот, според зборовите на Азески, е специфичен и уникатен во своите процеси на придружување и токму ова треба да биде императив коморите да го поведат напред тој процес преку регионално поврзување поддржано од бизнис-заедницата.

Автор: Петранка Огнаноска / petranka.t@novamakedonija.com.mk       Фотографија: Дарко Андоновски

Превземено од:

http://www.novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=3101699342&id=10&prilog=0&setIzdanie=23706
Коментари
Нема коментари.
 
Архива