портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Ниту нафтата нѐ направи Грци, ниту гасот ќе нѐ направи Руси
ноември 2012
Гоце
Трпковски
Земјите што за своето енергетско снабдување се зависни само од еден снабдувач се и политички зависни, рекол помошник-државниот секретар на САД, Филип Гордон, за најавите дека наскоро ќе почне изградбата на гасоводот „Јужен тек“, со кој гасот од Русија, преку балканските земји, ќе се пренесува до Западна Европа. Според регионалните аналитичари, оваа оцена е пренагласена, иако пораката повеќе е упатена кон Србија отколку кон Македонија.


Америка се загрижи дека рускиот гас што ќе дојде во регионов преку гасоводот „Јужен тек“ ќе ги направи овдешните држави зависни од Москва. Филип Гордон, помошник-државниот секретар задолжен за европски прашања, реагираше на најавите дека наскоро ќе почне изградбата на овој голем енергетски инфраструктурен проект, со кој гасот од Русија, преку балканските земји, ќе се пренесува до Западна Европа. Тој го предупредува Балканот дека не треба да биде зависен само од еден снабдувач за своите енергетски потреби.

- Многу сме јасни дека еден од приоритетите се јужниот коридор и разновидноста во енергетското снабдување на Балканот и во Средна и Источна Европа. Земјите што за своето енергетско снабдување се зависни од само еден снабдувач се и политички зависни. Затоа има голем економски, политички и стратегиски интерес да имаме разновидност во енергетското снабдување. Ние не сакаме да избираме и да промовираме гасоводи, туку да промовираме разновидност во снабдувањето - изјави Гордон.

Многу често е истакнувано дека денешниот империјализам се спроведува по економски пат, а не со пушки како што порано Франција, Велика Британија, Шпанија, Холандија и други ги правеле своите светски империи. Наместо со куршуми, големите сили сега стрелаат со пари. Но дали еден гасовод е доволен? Аналитичарите се согласни - ни оддалеку. Особено не за Македонија. Ние досега и онака живеевме без природен гас, па ако тој стане политички проблем, би можеле едноставно да се исклучиме и да се вратиме на сегашните начини на снабдување со енергија, кои, иако се поскапи, барем се понезависни. Од друга страна, ние допрва треба да станеме зависни од рускиот гас, а цела Западна Европа веќе зависи од него. Па, и покрај тоа, никој не споменува дека Русија ја диктира политиката на Германија, или можеби на некоја малечка земја, Луксембург на пример.

КОЈ ВО ЕУ Е РУСКИ ПОСЛУШНИК?

Сигурно дека со внимание треба да се следат тие изјави и тешко е да се оцени и да се коментира една толку кратка порака, без дополнителни образложенија, но еден гасовод не е доволен за клучно политичко влијание, смета аналитичарот Огнен Малевски.

- Во Европската Унија се водеше дебата за зависноста од рускиот гас, кога испораката беше прекината поради проблемот меѓу Русија и Украина. Но таму се говореше за економска зависност, не за политичка. Во овие големи проекти секогаш има политичка димензија, но мислам дека е пренагласено да се издвои само гасоводот како клучен фактор за политичко влијание. Самиот гасовод води до одреден степен на зависност и на влијание, но тоа не може да биде детерминирачко - додава Малевски.

За српскиот аналитичар и поранешен дипломат Огњен Прибичевиќ ова е само вообичаена игра на светските големи сили.

- Нормално дека тоа не е точно. Не може да се очекува дека Западен Балкан или целата Југоисточна Европа би биле политички зависни од Русија поради „Јужен тек“. Америка, како светска велесила, со ова сака да пресретне одредени активности на една друга велесила. Тоа е природно однесување на големите сили и само како такво може да се набљудува. Од друга страна, и Германија е зависна од рускиот гас, па не можеме да кажеме дека е политички зависна од Русија. Ни оддалеку - се надоврзува Прибичевиќ.

Македонија, од друга страна, целата нафта ја увезува преку Грција, и токму „Хеленик петролеум“ преку „Окта“ има доминантна позиција на нашиот пазар. Зошто, тогаш, ова досега не нѐ направило политички зависни од Грција? Уште повеќе, не може да нѐ натера ниту да попуштиме пред нивните црвени линии во спорот за името.

- Во одредена мера, аналогијата е таа. Во стратегиските анализи секогаш се земаат предвид овие фактори, но конкретниот не би можел да има некое клучно влијание за со него да се диктира, на пример, стратегиската определба на една земја - додава Малевски.



Извадокот е превземен од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=111612853436&id=9&prilog=0&setIzdanie=22731
Коментари
Нема коментари.
 
Архива