портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Неповолни економски прогнози
октомври 2012
Мирче
Јовановски
Тешко дека нашите фирми ќе примаат поголеми нарачки во земјите каде што е присутна рецесијата. Прашање е дали падот на нарачките ќе може да се компензира со настап на други пазари.

Tемните облаци над светското стопанство нема да се поместат ниту наредната година. Вака во неколку збора може да се сублимира економската прогноза која минатата недела ја презентираа Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка на нивното Годишно заседание што се одржа во јапонската престолнина Токио. Накусо, монетарците не оставија многу простор за оптимизам дека по пет години од почнувањето на финансиската криза во САД и нејзиното проширување во светот, а особено во Европа каде што доби предзнак должничка, ќе дојде до позначајно подобрување. Изјавите на некои од клучните луѓе во ММФ дека презадолжените европски земји направиле значајни напори на патот на закрепнување повеќе звучеа како утеха за луѓето кои го носат најголемиот товар на кризата отколку дека преземените мерки на штедење ќе им го олеснат животот. Ваквите најави не и' носат добри вести ниту на Македонија, која во прогнозите на ММФ и не помина ептен лошо како што им се случи тоа на земјите од регионот.

Ова е време на големи неизвесности и ризици, се вели во извештаите од средбите на двете најзначајни финансиски институции, при што се наведува дека рецесијата на патот кон двојното дно повторно зафати повеќе европски држави. Од ММФ предупредија дека европската криза се заканува да го забави економскиот пораст и во солидната економија на САД, но и во други делови на светот кои за разлика од Стариот континент се држат сосема добро на економски план.

Рецесијата ќе потрае најмалку до пролетта 2014 година што беше причина аналитичарите на ММФ да ја намалат прогнозата за глобалниот раст за наредната година на 3,6 отсто од првичните 3,9 отсто, а за годинава од 3,5 на 3,3 отсто. Забавување за еден-два процентни поена се предвидува и за двете најдинамични економии, онаа на Кина и на Индија, кои сепак ќе ја задржат лидерската позиција со стопански раст од седум до осум отсто, односно од пет до шест отсто.

Може ли на Македонија да и' оди добро кога нејзините главни економски партнери се соочуваат со проблеми? Според ММФ, европската локомотива Германија нема да остане имуна на случувањата кај нејзините соседи иако нема да влезе во негативните зони. Сепак, наместо 1,4 отсто, колку што првично пресметаа во ММФ, сега прогнозите се сведоа на само 0,9 отсто, што е, сепак, подобро од повеќето земји-членки на ЕУ каде што монетарците велат дека падот на домашниот бруто-производ ќе изнесува од 0,5 отсто, или нешто повеќе колку што прогнозираат за Словенија, Шпанија, Португалија и за некои други земји, па се' до минус седум отсто кај Грција.

Ако ги земеме предвид статистичките податоци за надворешнотрговската размена на Македонија во првите осум месеци годинава, ќе се види дека на прво место е Германија. Со оваа земја во периодот јануари–август сме размениле производи за над една милијарда евра. Уште е позначајно што Германија е една од неколкуте земји (покрај Косово, Босна и Херцеговина и Холандија) со која сме оствариле суфицит во размената и тоа за фантастични околу 350 милиони евра. Грција, и покрај сите неволји што ја следат последните години на економски план, и натаму е наш втор надворешнотрговски партнер, иако со оваа земја имаме дефицит во размената. Италија, која, исто така, не е целосно во сигурната зона, е на петто место во размената, а високо котираат и Словенија, во која во текот на оваа година економските проблеми удрија со сета жестокост, но и Хрватска, чие стопанство, исто така, минува низ тешки моменти.

Заклучокот се наметнува сам по себе. Тешко дека нашите фирми ќе примаат поголеми нарачки во земјите каде што е присутна рецесијата. Прашање е дали падот на нарачките ќе може да се компензира со настап на други пазари. Иако посетите на владините преставници во разни делови на светот се повеќе насочени кон анимирање на тамошните инвеститори да вложуваат во Македонија, тие може да отворат перспективи и за нашите компании. Но, такво нешто не може да се случи преку ноќ. За пробив на некој нов пазар се потребни многу активности, но, сепак, не треба однапред да се кренат рацете во вис.



Изавдокот е превземен од:

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=EC386B24D98CD94CA1CC17AAFBC694DC
Коментари
Нема коментари.
 
Архива