портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Домашните ресурси секнуваат, сѐ повеќе зависиме од увозни енергенти
јуни 2015

Во годишниот извештај на РКЕ е посочено дека домашното производство задоволува 61,85 отсто, а увозот 38,15 проценти од вкупните потреби за електрична енергија во Република Македонија.



Намалено производство и намалена потрошувачка на електрична енергија регистрирала Регулаторната комисија за енергетика во својот извештај за 2014 година. Најголем пад во производството на струја бележат термоцентралите, каде што намалувањето на производството е над 20 отсто во споредба со 2012 година, или речиси 7 отсто во споредба со минатата година.

Намалено производство на електрична енергија има кај „Термоелектрани“-Битола и во ТЕ „Осломеј“, но и кај комбинираните приватни постројки ТЕ-ТО и „Когел-Север“.

- Вкупната потрошувачка на електрична енергија во Република Македонија во 2014 година изнесува 6.960.428.641 киловат-час, што претставува намалување од 0,41 проценти во однос на потрошувачката во 2013 година - е наведено во извештајот на Регулаторната комисија за енергетика.

Намалувањето на производството на енергија од термоцентралите, според упатените, е сосема очекувано, со оглед на фактот што капацитетите датираат од 1970-тите и 1980-тите години.

- Реалноста е дека од стар човек не може да имате големи очекувања, но кога зборуваме за енергетиката, мора да сме свесни дека цената на електричната енергија не дозволува да се користат гас или мазут за производство на енергија. Во тој случај таа ќе биде неисплатлива. Дури и најсовремената електроцентрала, која е на ниво на светските современи електроцентрали, ТЕ-ТО, во летниот период не работи, бидејќи не ја продава топлинската енергија и не се исплати по овие цени да произведува и да продава електрична енергија - вели професорот Константин Димитров.

Енергетска ефикасност

Тој додава дека меѓу можностите што им остануваат како опција на надлежните се искористување на јагленот, кој исто така кај нас се намалува, со стимулации на искористувањето на дрвената отпадна маса, искористување на хидроенергијата или другите обоновливи извори и зголемување на мерките за енергетската ефикасност, што ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија.

- Неизбежно е зголемување на цената на електричната енергија бидејќи сега таа се продава под ниво на рентабилност при производство од домашни ресурси. Надлежните ќе резимираат дали им се исплати повеќе да увезуваат квалитетен јаглен или да инвестираат во нови наоѓалишта и во опрема за нивно искористување, како и во луѓе што ќе работат. Состојбата можеше да биде ублажена со изградба на „Бошков мост“ и „Луково поле“, но од политички и од еколошки причини процесот е закочен. Со оглед на сегашната политичка состојба, тешко дека некој размислува за енергијата - вели Димитров.

Тој појаснува дека поради политичките случувања два битни плана се закочени и не можат да бидат спроведени, потенцирајќи дека со подобрена енергетска ефикасност на објектите може да се подобри состојбата.

- Најдобар енергетски ресурс е енергетската ефикасност, бидејќи така ќе се намали потрошувачката на енергија и автоматски ќе се намали нејзиниот увоз, а во исто време значително се намалува и загадувањето на околината - истакнува Димитров.

Како што е наведено во извештајот на РКЕ, потребните количества струја за задоволување на вкупните потреби во Македонија за 2014 година се обезбедени од ЕЛЕМ, ТЕ-ТО, КОГЕЛ, малите хидроцентрали, фотонапонските централи, како и од увоз.

- Вкупниот инсталиран капацитет на постројките за производство на електрична енергија во Македонија изнесува 2.011,25 мегавати. Вкупниот инсталиран капацитет во 2014 година е зголемен за 2,97 отсто во однос на 2013 година.

Вкупниот инсталиран капацитет на термоцентрали во Република Македонија е 1.010 мегавати, односно 50,22 проценти од вкупниот инсталиран капацитет - е наведено во извештајот.

Во него е посочено дека домашното производство задоволува 61,85 отсто, а увозот 38,15 проценти од вкупните потреби за електрична енергија во Република Македонија.

Домашни капацитети

Намаленото производство на електрична енергија, според познавачите, не се должи само на временскиот период на работа на термоблоковите, туку и на намалувањето на количествата јаглен што се ископуваат, на неговиот квалитет и на исходот од ремонтите на централите.

- За да произведеме повеќе енергија, треба да имаме или поголем број домашни производствени капацитети, бидејќи приватните капацитети работат само кога им се исплати, а обновливите извори можат само да го ублажат проблемот, не и да обезбедат доволно енергија за покривање на целосните потреби - вели Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија.

Анѓушев смета дека без нови капацитети и без увоз на јаглен не е можно поголемо производство на струја. Притоа, тој потенцира дека тука се наметнува прашањето на кој и каков јаглен се мисли и по која цена тој ќе се набавува, но и по која цена ќе се продава струјата.

Во однос на стратегијата за енергетика на Министерството за економија, тој вели дека изградбата на термоцентрала во Мариово зависи од тоа дали ќе се реализира предвидувањето цената да порасне.

- Според мене, премногу е оптимистичко сценариото да се покачи цената според предвиденото, но ќе видиме каква одлука ќе донесат надлежните. Опциите во однос на набавката на енергија се како во едно семејство, ако има пари, ќе има и струја, па така таа може да се увезе, да се произведе или да нема струја - заклучува Анѓушев.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=69151553592&id=10&prilog=0&setIzdanie=23488
Коментари
Нема коментари.
 
Архива