портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Состојбите во Еврозоната – проблеми и перспективи
септември 2012
проф. д-р Љубе
Трпески
Европската монетарна унија е еден започнат а недозавршен проект. Денес, земјите членки на ЕМУ се исправени пред историско решение – или ќе смогнат сили, и ќе преземат политичка одговорност, да го дозавршат проектот наречен ЕМУ, или ќе го погребат, со сите последици што би настанале од тој чин, вклучувајќи и можен распад на ЕУ.



Слушајќи ги секојдневно вестите за проблемите со кои се соочува Еврозоната, не можеме а да не се запрашаме, како се случи еден од најуспешните проекти, кој, многумина, по своето значење и големина го споредуваа со проектот за оснивањето на Бретонвудските близнаци (ММФ и Светската банка), да западне во такви и толкави тешкотии, со можност од целосен негов распад?! Како беше можно, речиси, една деценија, еврото да биде една од најстабилните валути во светот, да придонесува за економскиот просперитет на земјите членки на еврозоната, и ,одеднаш, како гром од ведро небо, да настанат сите проблеми поврзани со и околу еврото?! Се разбира ништо не настанува преку ноќ, па и кризата во Еврозоната. Причините се многу подлабоки и водат траги од самото оснивање на Еврозоната.

Европската монетарна унија е еден започнат а недозавршен проект. Денес, земјите членки на ЕМУ се исправени пред историско решение – или ќе смогнат сили, и ќе преземат политичка одговорност, да го дозавршат проектот наречен ЕМУ, или ќе го погребат, со сите последици што би настанале од тој чин, вклучувајќи и можен распад на ЕУ. Но да почнеме по ред.

Пред да се формира ЕМУ, најстабилна валута и најшироко употребувана како меѓународно средство за плаќање, од европските земји, имаше Германија. Германија долго се колебаше дали да се откаже од една стабилна и прифатена во светски рамки валута, и да влезе во една неизвесност со прифаќање на новата валута, каде што врз нејзината вредност и стабилност не ќе има влијание сама, туку, со повеќе земји. На Германија, посебно тешко и беше да се откаже од марката, и заради нејзиното горко искуство со хиперинфлациите кои на два пати ги доживеа (после Првата и после Втората светска војна) и кои оставија тешки економски и психолошки трауми, кај германскиот народ.

Од тие причини, за да се откаже од стабилната и вредна марка и да го прифати еврото, Германија постави дава услови: првиот, Европската централна банка да биде дизајнирана по урнекот на Bundestbanka-та (германската централна банка), (не во архитектонска смисла, туку во формулирањето на целите што треба да ги остварува ЕЦБ, начинот на раководењето и управувањето во ЕЦБ, степенот на нејзината независност во водењето на монетарната политика, итн.); вториот услов беше седиштето на Европската централна банка да биде во Германија. По подолго колебање, Франција и останатите земји, ги прифатија овие два услови на Германија, и, се отвори патот за оснивање на ЕМУ. Основна и единствена цел на ЕЦБ, по примерот на Bundestbanka-та, е остварување ценовна стабилност, во рамките на еврозоната. Дури, се отиде до таму, што се внесоа одредби во статутот на ЕЦБ, цените во еврозоната да не растат на годишно ниво повеќе од 2%. Со ценовна стабилност до 2% се остваруваше и стабилна вредност на еврото како валута. Свесни дека на монетарната политика ќе и биде тешко сама да обезбеди ценовна и валутна стабилност и дека е потребно и другите делови од економските политики (пред се фискалната) да бидат водени во иста насока, се поставија тн. Мастришки критериуми, кои земјите членки на еврозоната, требаше да ги исполнуваат и на тој начин да се водат сихнхронизирани економски политики на ниво на еврозоната.

Ова беше посебно важно, затоа што само монетарната политика е централизирана на ниво на еврозона, а фискалната, доходовната политика и другите делови од економската политика се водат на ниво на земји членки.

Тие услови, односно, критериуми се следните: - Стабилност на цените; - Буџетскиот дефицит на земјата кандидат да не надминува 3% од БДП; - Јавниот долг да не е повисок од 60% од БДП; - Стабилен девизен курс, најмалку две години пред влезот во ЕМУ; и - Изедначеност на долгорочните каматни стапки. Исполнувањето на овие критериуми, не само при зачленувањето на некоја земја во ЕМУ, туку и подоцна, односно за цело време, и од сите земји членки на ему, е condicio sine qua non, за успешно функционирање на ЕМУ. За жал, иако свесни, за значењето од целосната примена на овие критериуми за успешното функционирање на ЕМУ, сепак мастришките критериуми парцијално се применуваа и при самото основање на ЕМУ, а подоцна, и во годините што следеа. Значи, не е само Грција на која и се прогледа низ прсти и беше примена во ЕМУ, иако не ги исполнуваше повеќето предвидени критериуми. Таа беше само најдрастичен пример.

Пример, Италија при приемот имаше многу повисок јавен долг, од пропишаниот, па сепак, беше примена. Слично беше и со Белгија. Недисциплината во спроведувањето на Мастришките критериуми продолжи и понатаму. Иако беа предвидени санкции за земјите кои нема да ги почитуваат тие критериуми, санкциите, речиси, воопшто не заживеаја. Почитувањето и исполнувањето на мастришките критериуми, како предуслов дека во ЕМУ се води не само здрава монетарна политика, туку и фискална и воопшто, здрава економска политика, за жал се претвори во исклучок а не во правило. Ако на тоа додадеме дека постоеја, или се правеа и други пречки, кои придонесуваа ЕМУ да не биде оптимално валутно подрачје, тогаш ке ни биде појасна сликата за недоизграденоста, односно неусовршеноста на проектот наречен - Европска монетарна унија.

Пример, во една валутна зона, како што е ЕМУ, за да биде оптимално валутно подрачје, треба да има потполна мобилност на капиталот и работната сила, и не треба да се поставуваат никакви пречки на таа мобилност. Иако се презедоа сите мерки за елиминација на сите бариери за мобилноста на капиталот во рамките на ЕМУ, сепак, во праксата и денес има видливи или невидливи бариери кои не дозволуваат капиталот слободно да се движи, таму каде што ќе може повисоко да се оплоди.

Најилустративен пример за тоа е случајот од пред неколку години со Централната банка на Италија и нејзиниот гувернер. Имено, иако постои Европска директива за несметано основање и работење на банките во рамките на ЕУ, италијанската централна банка, долго години не дозволуваше, банка со седиште надвор од Италија, да отвори филијала или подружница во Италија. На крајот, изби скандал, но се се заврши само со оставка на гувернерот, на Централната банка на Италија. Работите не се променија драстично на подобро. Незамисливо е постоење на оптимално валутно подрачје ако нема потполна мобилност на капиталот во рамките на тоа подрачје. Со другиот фактор – работната сила, ситуацијата е уште подрастична. Таму постојат и објективни пречки – јазични и културни – кои оневозможуваат потполна мобилност на работната сила. Но покрај, објективните – јазичните и културните – пречки, пооделни земји и со прописи попречуваат слободно движење на работната сила. Овие слабости на проектот еврозона не беа толку изразени и видливи, во првата декада од воведувањето на еврото, заради тоа што целокупната светска економија беше во нагорен циклус, па и еврозоната. Во првата декада од воведувањето на еврото, повидливи беа користите што ги носи за земјите што го воведоа.

Така на пример, трговската размена во рамките на Европската монетарна унија, растеше со значително повисоки стапи, во споредба со размената со другите земји членки на ЕУ, заради отсуството на девизниот ризик – сите земји користат една валута.

Понатаму, заедничката валута ја зголеми економската интеграција во рамките на ЕМУ.  Заедничката валута доведе до зголемена конкуренција во економијата, од што корист имаа најповеќе потрошувачите, кои добиваа поквалитетни а поевтини производи. Но, кога изби најновата светска финансиска криза во 2007 година, таа придонесе да избијат на површина слабостите од недоизграденоста на ЕМУ. Кризата од САД, набрзо се прошири и во Европа, заради високиот степен на меѓусебна поврзаност пред се на финансиските пазари. Кризата, најпрво се пренесе во Европа во банкарскиот сектор, заради големата изложеност на европските банки на финансиските пазари во САД. Финансиската криза придонесе, да се соголат и избијат на виделина, колку земји од еврозоната го имаат пробиено мастришкиот критериум за буџетски дефицит (3% од БДП), или критериумот за нивото на јавниот долг (60% од БДП). Заради илустрација, колку длабоко и широко се распростирала таа недисциплина ќе го споменеме податокот дека од 27 земји членки на ЕУ во 2009 година, 21 земја го имаа пробиено буџетскиот дефицит од 3% а само шест земји беа во рамките на тој критериум. Пример, земјите кои беа наречени со погрдното име „PIGS“ заради високата недисциплина во водењето ма економската политика , во таа година ги имаа следните буџетски дефицити: - Португалија 9,3% - Ирска 14,4% - Грција 15,4% - Шпанија 11,4% ( Да се потсетиме, буџетскиот дефицит не треба да биде повисок од 3% од БДП). Слична, ако не и подрастична беше состојбата со јавниот долг. Јавниот долг на Грција изнесуваше 167% од БДП, на Португалија 226%, на Италија 164%, итн. (Јавниот долг, според договорот од Мастрих треба да биде под 60% од БДП).

Ситуацијата во Еврозоната, а посебно во гореспоменатите „PIGS“, земји се влошуваше од ден на ден и заради нервозното реагирање на финансиските пазари, посебно спрема овие земји, вградувајќи високи премии за ризик на обврзниците од овие земји. Тоа уште повисоко го подигна долгот на овие земји и тие опасно се приближија до работ да прогласат банкрот. Акцијата за спасување најпрво почна со Грција и Ирска. Се формираше тн. „тројка“ составена од ММФ, Европската комисија и Европската централната банка, со цел да се најдат решенија за овие земји да излезат од должничката криза. И логично, ММФ инсистираше на класичен Stand by аранжман, со услови и критериуми на извршување.

И додека со Ирска беше набрзо постигната согласност и таа земја дисциплинирано го исполнува договореното, и е на пат да излезе од кризата, разгаленото дете на ЕУ – Грција никако не можеше да се помири со фактот дека за да добие помош од „тројката“ треба, најпрво самата да си помогне, односно, да го стегне премногу отпуштениот ремен, да штеди, да се соочи со реалноста дека со години, ако не и децении, живееле над можностите што ги пружа нивото на развој на Грција. По игра на случајот, лидер на мисијата на ММФ во Грција е Paul Thomsen, истиот Пол Томсен што беше лидерот на мисијата на ММФ во Македонија во 1993, 1994 и 1995 година.Каква е разликата во пристапот кон реформите во Грција и Македонија, доволна илустрација е фактот што господинот Томсен кога ги водевме преговорите за аранжманите со ММФ беше чест гостин на МРТВ, на спортските натпревари добиваше почесно место,беше третиран како пријател на Македонија, а во Грција не може да излезе на улица и слободно да се прошета. Грците гледаат во ММФ непријател, а не институција која има цел да ја извлече Грција од должничката криза во која западна по своја вина. Грците никако да сватат дека нема „бесплатен ручек“, дека ручекот некој мора да го плати, бидејќи во минатото навистина за нив имаше бесплатен ручек. За да го илустрирам степенот на неодговорноста на грчките власти со „тројката“ ќе направам споредба со нашата земја. Со првите аранжмани што ги имавме со ММФ ( “STF” и “Stand by” аранжманот ) ние успеавме да го сведеме буџетскиот дефицит од 13,4% во 1993 година, на 2,9% во 1994, и на 1,2% во 1995 година. Со сета помош што ја добива Грција, од ЕУ, ЕЦБ и ММФ тие не се способни да го намалат буџетскиот дефицит ни за неколку процентни поени, па во наредните 5 години планираат да имаат двоцифрен буџетски дефицит.

Горниот пример е добра илустрација колку меѓународната заедница го разгалила низ историјата, а и сега, грчкиот народ и колку меѓународната заедница однесувајќи се спрема македонскиот народ низ историјата како маќеа, го направила да биде издржлив, отпорен и стоички да ги поднесува и пребродува и најголемите тешкотии.

Да не заборавиме, дека Македонија го симна буџетскиот дефицит од 13,4% на 1,2% во година на блокади од Грција спрема Македонија, и ембарго за трговија на ОН спрема нашиот северен сосед. Какви се можни сценарија постојат за излез од кризата во која западна Еврозоната?! Очигледно е дека не е можно продолжување на тн. статус кво ситуација. Или ќе се преземат чекори Еврозоната да постане оптимално валутно подрачје, онака како што САД е оптимално валутно подрачје, или проектот – ЕМУ, ќе доживее крах. Се разбира, не треба да очекуваме преку ноќ, земјите членки на ЕМУ, да постанат СЕД (соединети европски држави) по пример на САД. Но потребно е, чекор по чекор, понатамошна интеграција и во фискалната сфера (по урнекот на монетарната) и во банкарската итн.

Пр. последните одлуки од Брисел, со кој се предвидува формирање наднационални супервизорски органи во банкарството, се вистински чекор во таа насока, кои ќе овозможат надминување на пречките за несметани движења на капиталот. Иако, според Европските директиви, банките можат да работат несметано на целата територија на ЕУ сепак, во пракса, 90% од кредитите се пласирани во рамките на земјите каде што е седиштето на пооделна банка. Тоа е така, затоа што нема унифицирани решенија на ниво на ЕУ или ЕМУ, за видот на колатералот што се бара за даден кредит, неговата висина и сл. Понатаму, не постои кредитен регистар, на ниво на ЕУ или ЕМУ, и логично е кредитите да се пласираат во рамките на својата земја, затоа што банките имаат информации само за комитентите од својата земја.

Доведувањето на единствен платежен систем на ниво на ЕМУ, ќе придонесе за понатамошна финансиска интеграција. Со вакви, и слични на овие мерки ќе се придонесе еврозоната да постане оптимално валутно подрачје и да дојдат до израз сите користи од единствена валута. На тој пат кој води кон продлабочување на финансиската (монетарна и фискална) интеграција, можно некоја членка на ЕМУ, да отпадне, можно е да се позабави темпото на прием на нови членки во ЕМУ, но се додека јадрото на ЕМУ (Германија и Франција) функционира, нема опасност за самата Еврозона. Се разбира, проблемите со кои се соочува ЕУ и ЕМУ, денес, и напорите за нивно разрешување, го исполнуваат целиот простор, и нема место, членките на ЕУ да посветат време и простор, за проблемите, како што е нашиот, долгогодишното чекање за почеток на преговори за членство во ЕУ. Големите проблеми со кои се соочува Грција, која е главната пречка, за влез на Р, Македонија во ЕУ, го фрлија на втор или трет колосек, тој проблем, и практично нема притисок, денес, од влијателните земји на ЕУ врз Грција, да ја дигне рампата за почетокот на преговори.

Да бев во помлади години, ќе пријавев докторат на тема: Директните и индиректните штети што Грција и ги нанесе на Македонија од осамостојувањето до денес, почнувајќи со економските блокади што ги презеде на два пати во првите години, од осамостојувањето, со секојдневните тормозења на грчките царински служби на нашите транспортери, со штрајковите во Солунското пристаниште, и со блокадите што упорно и тврдоглаво ги прави за прием на Р. Македонија во ЕУ и НАТО. А, во исто време на овие блокади што ги превземаше и ги превзема сеуште Грција спрема нашата земја, Република Македонија беше и сеуште е целосно отворена за влез на грчки капитал во нашата земја, па властите во Македонија немаа предрасуди да дозволат влез и целосно превземање на нашата најголема банка, или на Рафинеријата или на Мермерниот комбинат и сл.За целото време, во изминатите години кога Грција ни правеше економски и политички блокади, односно фрлаше “ дрвја и камења“ по нас, нашиот одговор беше и е, типично христијански, ние фрламе со леб по нив. Заради блокадата што ја прави Грција за прием на Република Македонија во Европската Унија, веројатно сме единствен пример во историјата на ЕУ, земја која долги години ги исполнува условите од Копенхаген за прием во ЕУ, во исто време да ги исполнува и условите од Мастрих за прием во ЕМУ, а се уште да не ги отпочнала преговорите за прием. А земјата, членка на ЕУ и ЕМУ, која ја прави блокадата, не ги исполнувала условите кога била примана за членка а и денес не ги исполнува и сеуште е членка. Каква иронија на историјата.

Политиката на Самарас, да ја држи Р. Македонија надвор од евроатланските интеграции толку долго, со што таа,по негово мислење, од внатре ќе се распадне, сигурен сум нема да му успее. Како сега стојат работите, поверојатно е Грција да биде избркана од членство во ЕУ и на тој начин да се отвори патот за влез на Македонија во ЕУ.
Коментари
Нема коментари.
 
Архива