портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Рејтингот стабилен, Владата да се држи до дефицитот
април 2015

Според „Стандард и Пурс“ општиот владин дефицит ќе изнесува 3,6 отсто од БДП во 2015, а стеснување до 3 проценти се очекува во 2018.


Нина Нинеска-Фиданоска



Реномираната рејтинг агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија „ББ“ со стабилен изглед, но во својата оценка испорача и серија економски сугестии, како и нотирања и анализи и на политичката состојба во земјава. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески од Вашингтон, каде што престојуваше на пролетните средби на ММФ и Светска банка, изјави дека потврдата на рејтингот е добар сигнал за Македонија. Експертите со кои комунициравме, пак, сметаат дека се клучни препораките за буџетскиот дефицит, кои треба да бидат земени предвид од Владата.

За оваа година „Стандард и Пурс“ ни предвидува раст од 3,3 отсто, помала прогноза од онаа на ММФ. За в година, пак, оваа рејтинг куќа очекува дека ќе имаме раст од 3,5 проценти, а исто толкава стапка се очекува и за 2018 година. Во однос на задолженоста, кредитна агенција вели дека годинава долгот на општата Влада ќе изнесува 42,1 отсто, за идната година се планира 43,3 проценти.

Меѓу нивните забелешки се и релативно ниските приходи и нивото на богатство, така што очекуваат дека БДП по глава на жител ќе изнесува 4.300 долари оваа година.

За наредниот период оваа рејтинг агенција очекува отстапување од планираното ниво на фискален дефицит. „Општиот владин фискален дефицит беше ревидиран нагоре до 4 отсто од БДП во однос на почетната цел на Владата. Во 2013 дефицитот најмногу беше поттикнат поради отплата на достасани, а неплатени долгови, а во 2014 високите предизборни трошоци и вложувања во инфраструктурата во голема мера беа причина за отстапувања. Цениме дека општиот владин дефицит ќе изнесува 3,6 отсто од БДП во 2015, а стеснување до 3 проценти се очекува во 2018, што е побавно во однос на она што го предвиде Владата“, велат од „Стандард и Пурс“.

Кредитната агенција нагласува и дека 60 отсто од државниот долг е во странска валута, што ја зголемило ранливоста на билансната состојба. „Стандард и Пурс“ очекува дека задолженоста е растечка. „И покрај предвремената отплата на своите долгови кон ММФ во текот на годинава, државниот долг на Македонија ќе продолжи да расте, а се очекува да расте и гарантираниот долг, пред се поради јавните претпријатија, како што е она за државни патишта“, сметаат од рејтинг агенцијата.

Според „Стандард и Пурс“, Народна банка на Македонија одржува стабилно ниво на девизни резерви. „Банкарскиот систем се чини дека е добро капитализиран, профитабилен, финансиран од домашни депозити, но напомнуваме дека двете најголеми подружници кои работат во Македонија се со грчки и словенечки родители (Националната банка на Грција и Нова љубљанска банка). Ако едниот или двата родитела се под притисок за намалување на изложеноста, потенцијално може да се очекуваат некои ликвидносни притисоци“, вели агенцијата.

„Стандард и Пурс“ цени дека актуелната политичка криза на среден рок нема да влијае врз проекциите за раст, но укажува дека земјава се соочува со политичка нестабилност. „На парламентарните избори во април 2014 победи ВМРО-ДПМНЕ и формираше коалиција со најголемата партија на етничките Албанци, ДУИ, и заедно контролираат 65 отсто од местата во парламентот. Цитирајќи изборни нерегуларности, главната опозициска партија, СДСМ, го бојкотираше Парламентот и Владата функционира без ефикасна опозиција во изминатата година. Политичката нестабилност се интензивираше во текот на последните шест месеци. Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, е обвинет за обид за државен удар во услови на објавување на тонски материјали, кои наводно упатуваат на вмешаност на Владата во измама...“, се посочува во извештајот.

Од кредитната агенција посочуваат дека рејтингот може да биде зголемен во случај на реформи кои треба да донесат повисок и одржлив раст. Но оценката може да биде и намалена, ако има поголеми фискални пропусти поврзани со одржливост на јавниот долг.

Благица Петрески, главен економист и извршен директор на „Фајнанс тинк“, вели дека извештајот на „Стандард и Пурс“ ја оценува македонската економија како стабилна, со очекуван просечен раст од 3,4 отсто во периодот 2015-2018, главно како резултат на директните инвестиции во производниот сектор. „Сепак, најголемата загриженост е искажана во однос на растот и нагорната ревизија на буџетскиот дефицит во однос на планираното, како и растот на јавниот долг. Оттука, одржувањето на јавниот долг и буџетскиот дефицит во рамки на планираното се главни препораки, но и предизвици за земјата во следниот период“, вели Петрески.

Според првиот финансиер Ставрески, оценката е добар сигнал за Македонија, посебно што доаѓа во време кога европската економија се соочува со големи ризици, а последиците од можен излез на Грција од еврозоната веќе отворено се дискутираат.

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/?ItemID=1F82AEAA5AB7B94D83BE2B41668EA966
Коментари
Нема коментари.
 
Архива