портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Maкедонија на линијата на фронтот меѓу САД и Русија
март 2015

Доколку продолжи планот за гасификација на земјава, станува извесно дека и нашата земја наскоро ќе стане интересна како пазар и поради тоа ќе мора да се соочи со прашањето дали, освен руски, е подготвена да купува и американски гас. На линијата на фронтот е опасно, но интелигентните команданти знаат да организираат добивање логистика и од двете страни.



Во медиумите вчера речиси незабележано помина веста дека Литванија, поранешна советска република, а од пред десетина години членка на НАТО и на ЕУ, потпиша трговски договор за купување течен природен гас (ЛНГ) од САД, а со образложение дека сака да ја намали големата зависност од руските испораки на гас. Според договорот со хјустонската компанија „Чениер енерџи“, првите испораки на американскиот гас би можеле да пристигнат во Литванија веќе наредната година. Првиот литвански пловечки терминал за ЛНГ почна со комерцијална работа во јануари, а оваа земја од три милиони жители од мултинационалната компанија „Статоил“ во 2015-та за почеток ќе увезе над половина милијарда кубни метри гас, со што би покрила петтина од своите потреби. Според Владата на Литванија, изградбата на пловечкиот терминал веќе придонела земјата да ги зајакне своите преговарачки позиции со руски „Газпром“ и да успее да ја намали цената на испорака на руски гас за 20 отсто. Сепак, интересно е што земја што географски е многу поблиску до Русија отколку до САД е подготвена да купува гас преку океанот од американска компанија. Уште поинтересно е што во „Статоил“, освен Норвешка, која е мнозински акционер, како сопственици се јавуваат и САД и Велика Британија. Сега, доколку „Газпром“ поради географската близина и огромните резерви на гас реши дополнително да ја намали цената за литванските потрошувачи, оваа инвестиција на Литванија ќе стане економски неисплатлива, исто како и цената на гасот од американската компанија.

Овој пример е само еден показател дека, освен за нафтата, денес големите сили се борат за освојување на пазарите за снабдување со природен гас, а сега главната битка меѓу САД и Русија се води токму околу пазарите во европските земји. Пример за тоа е и што неодамна Бугарија, по гласните негодувања од САД и под притисок на Европската комисија, не даде дозвола за изградба на гасоводот „Јужен тек“, преку кој со руски гас требаше да се снабдуваат бугарските потрошувачи и половина Европа. Како одговор на овој потег, Русија ја најави изградбата на гасоводот „Турски тек“, кој преку Црно Море и Турција ќе завршува на турско-грчката граница, каде што ќе бидат изградени огромни терминали во кои би се складирал гас наменет за европските потрошувачи.

Во текот на минатата недела, пак, ЕУ ги претстави радикалните и амбициозни планови за да се воспостави единствен европски пазар за снабдувањето со енергија, а како што напиша „Гардијан“ за да се олабават стегите на Кремљ во врска со европското снабдување со гас. Нацрт-планот предвидува Европа да зборува со единствен глас за енергетската политика. Оваа улога ќе ѝ припадне на Европската комисија, што предизвика жесток отпор кај некои национални влади. Во документот се вели дека Европската Унија треба да се движи подалеку од еден фрагментиран систем, кој се карактеризира со некоординирани национални политики, пазарни бариери и енергетски изолирани области, како и дека за постигнувањето на оваа цел ќе биде потребна темелна трансформација на Европскиот енергетски систем. Во обид да се оттргне Европа од преголемата зависност од „Газпром“ се очекува и изградба на нов јужен коридор за снабдување со гас од Каспискиот базен до Европа, преку Турција. Планот е, освен пристап до рускиот гас, Европа да може да користи и резерви од Азербејџан, Иран, Туркменистан и од Ирак. Инаку, Германија е најголемиот клиент на „Газпром“ и околу една третина од потребите за гас ги задоволува од руската компанија. Шест членки на Европската Унија се 100 отсто зависни од „Газпром“ за гас, а ЕУ во целина е најголемиот увозник во светот на енергија.

Уште еден показател дека битката за снабдување со гас во Европа допрва претстои се плановите за изградба на терминал за складирање течен нафтен гас на хрватскиот остров Крк. Хрватските медиуми веќе објавија дека новиот енергетски план за Европа предвидува студијата за изградба на терминалот да ја финансира Еврокомисијата, како и дека Брисел е заинтересиран за негово поврзување со внатрешниот енергетски пазар на ЕУ. Европските и американските официјални претставници во неколку наврати нагласуваа дека овој терминал на Крк е стратегиски важен за цела Централна Европа.

Македонија веќе користи руски гас, за кој плаќа највисока цена споредено со другите земји од Европа. Една од причините за тоа е што преку гасоводот што во земјава влегува од Бугарија се користат многу мали количества, пред сѐ поради тоа што во земјава нема развиена мрежа до домовите и гасот единствено се користи како гориво во производството на дваесетина компании, како и во дел од топланите од кои со парно греење се снабдуваат граѓаните во Скопје. Доколку продолжи планот за гасификација на земјава, станува извесно дека и нашата земја наскоро ќе стане интересна како пазар и поради тоа ќе мора да се соочи со прашањето дали, освен руски, е подготвена да купува и американски гас. На линијата на фронтот е опасно, но интелигентните команданти, во интерес на својата „војска“, знаат да организираат добивање логистика и од двете страни.      Автор: Владимир Николоски

Превземено од:

http://novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=3215925291&id=13&prilog=0&setIzdanie=23408
Коментари
Нема коментари.
 
Архива