портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Евро фанатиците и европската реалност
февруари 2014
Виктор
Трифуновски
Не треба да се биде многу паменетен и да се извлече заклучок, дека владеењето на правото, како и економските слободи се најкраткиот пат до повисок животен стандард... а не „евро-стаднардите“.  


Помина една недела одкако Србија ги започна преговорите за членство во ЕУ. Тоа е уште еден многу добар повод македонските евро-полтрони да почнат да ја пеат својата стара песна околу нашата некооперативност како главна причина за застојот во евро-атланските интеграции. Но тоа не е најголем проблем, бидејки дури и оние кои цврсто го бранат нашето право да се идентификуваме како ние сакаме, исто така живеат во филмот дека Унијата автоматски носи повисок животен стандрад. Проблемот е што и едните и другите сеуште ја гледаат Унијата како идила од бајките на Роберт Шуман. За воља на вистината, шумановата визија за економска меѓузависност навистина донесе долгорочен мир на континентот. Но таа меѓузависност е се повеќе должничка, се повеќе донаторска, а се помалку е трговска. Евро-фанатиците и нивните идеолошки соборци во Македонија успејаа да продадат една голема невистина во врска со реалните потенцијали на Унијата. Приказната почнува со високиот животен стандард на неколку побогати земји членки, продолжува со лагата дека таквиот стандард е наводен успех на самата Унија, за целата конструкција да заврши со еден многу наивен заклучок дека членувањето во клубот на богатите автоматски подразбира и повисок животен стандард.

Ваквата деформирана слика за потенцијалите и можностите на Унијата, дополнително е искривена од нашиве локални политички структури. Непрежалените југословенски идеали одеднаш како да почнаа да се препознаваат во Унијата. Според таквите замисли, ЕУ е заедница на братски народи кои солидарно градат унија, која еден ден ќе прерасне во „Соединети Европски Држави“. Најсладок момент во ваквите политички апстракции е апетитот кон незаработените пари, со што на дело се покажува социјалистичката логика на сите евро-фанатици. Внимателно слушајте ги сите нивни изјави, како ПРВА ПРИДОБИВКА со нашето евентуално членство се спомнуваат евро-фондовите (пристапни, развојни, студентски, незнам какви...). Никој не ја потенцира Унијата како слободен и отворен пазар, сите зборуваат за трошење на туѓи пари, за живот на туѓа сметка. Во позадината на македонските евро-интеграции стојат неосоцијалистичките догми од типот „редистрибуција на доходот“... и ништо повеќе.

Радмила Шеќеринска, која несомнено има најмногу минат труд во поглед на нашиот евро-интегративен процес, и која според мене е неформален лидер на македонските евро-фанатици, во неколку наврати има излезено со конкретни бројки околу незаработените пари кои ги одбиваат новите членки. Ниеден евро-фанатик досега не излегол со сериозна и издржана анализа за тоа колку стоки и услуги би можеле да продадеме во ЕУ, колку инвестиции би можеле да привлечеме, додека за евентуалните контра-ефекти никој не отвора уста.

Најголема полза од евро-интеграциите имаат политичарите. Платата во европскиот парламент е се движи од 15.000 до 22.000 евра месечно во кои НЕ се вклакулирани средствата за превоз, сместувањето во ултралуксизни хотели, услугите од секакви типови на експерти, потоа разните бонуси, и уште многу други додатоци за кои не постои прецизна пресметка по која основа се добиваат. Споредете ги овие примања со оние во македонскиот парламент каде платата е нешто помала од  1.000 евра. Да бидеме јасни до крај... тие пари НЕ ги обезбедува Унијата. Нивните плати мора да ги обезбеди земјата од која доаѓаат, односно НИЕ преку даноците кои ги плаќаме.

Ете затоа политичарите толку многу притискаат за влез во Унијата.  Тоа се „евро-стандардите“ кои на нив им се најважни.

И не се атрактивни само платите на евро-пратениците. Бриселската бирократија моментално брои скоро 40.000 илјади административци и нивниот број постојано се зголемува со кадри од новите земји членки. Нивната месечна нето плата почнува од 4.000 евра, додека максималната плата често знае да ги надмине дури и примањата на евро-пратениците. Така што македонските политичари, освен огромните примања кои ги нудат европските политички функции, гледаат шанса и за своите роднини и пријатели во се поголемата евро-бирократија. Затоа, следниот пат кога ќе видите некој просветлен евро-фанатик како удира по маса „образложувајки“ ги аргументите за влез во Унијата, имајте ги во предвид овие бројки, а не празните приказни во (нео)југословенски дух.

Хрватска и Бугарија се можеби најблиските и најсвежи примери за реалноста со која се судираат новите сиромашни членки на Унијата.

Бугарија имаше фантастичен економски раст во периодот од  1999 до 2007 година. Во тој период во Бугарија влегоа над 30 милијарди долари странски инвестиции, при што од корен беше променет животниот стандард во позитивен правец. Македонците со неверување гледаа што се случува со источниот сосед кој буквално до вчера беше познат по екстремно нискиот животен стандард. Некои се восхитуваа, некои се фрустриаа гледајки како пред нивните очи расте купувната моќ на обичниот бугарин. Ова се случува пред Бугарија да стане член на ЕУ.

Брзиот економски раст на Бугарија нема никаква врска со нејзините аспирации за влез во Унијата. Земјата воведе строга фискална дисциплина ангажирајки валутен борд од ММФ. Тоа беше најголемиот и засега единствениот удар врз корупцијата и организираниот криминал во Бугарија. Истовремено беа драстично намалени даноците, односно државната потрошувачка. 2000 година државата трошеше 70% од БДП, до 2007 година државната потрошувачка падна на 20% во однос на БДП. Земјата се раздолжи и денес е меѓу најнезадолжените европски држави. Ниските даноци и минималните регулативи донесоа многу капитал и работни места, почна да расте продуктивноста на стопанските капацитети. Новите работни места ја зголемија побарувачката на работна рака при што порасна цената на трудот, без драстично да пораснат и трошоците на живот. Така порасна животниот стандард во Бугарија во периодот 1999-2007 година, и со тоа институциите на ЕУ немаат никаква врска.

Точно е дека ЕУ ја помогна Бугарија со по 500 милиони евра годишно во периодот 2004/2006, ама тоа е ништо во споредба со странските инвестиции чие ниво пред ЕУ интеграцијата достигна вкупна бројка од над 30 милијарди евра. 

По интеграцијата на Бугарија во ЕУ економијата почнува да се влошува. Многумина велат дека е тоа поради светската криза. Бугарија од 2007 до 2013 година доби 7 милијарди евра од европските фондови, но бугарите велат дека тие пари не завршиле ниту во инфраструктура, ниту во бугарското земјоделие. Според извештајот на Светска Банка, само 20% од овие средства биле адекватно наменети. Според обичните бугари кои 6 месеци протестираа против организираниот криминал, ниту едно евро не е потрошено наменски.

Овие факти растураат еден широко раширен мит според кој членството во Унијата ја зголемува транспарентноста во работењето на институциите, со што се елеминирале корупцијата и организираниот криминал. Точно е дека во еден период средствата беа замрзнати, но по извесно време беа одмрзнати без никаква правна разврска. И покрај менувањето на владите, никој во Бугарија не е осуден за организиран криминал. Такво нешто во Бугарија, официјално не постои. Зошто европска Бугарија неможе да се ослободи од организираниот криминал?

Бидејки и самата Европска Комисија на Баросо е длабоко заглавена во корупциски скандали, многу поголеми, и многу поскапи. Жак Баро, европскиот комесар за транспорт, 2000 година има одлежано 8 месеци затвор за финансиска проневера, при што му е изречена и забрана за вршење јавна функција во наредните 2 години. Сиим Калас од Естонија, осомничен па потоа амнестиран за финансиска проневера во Естонија, осуден на условна казна поради давање на лажна изјава пред суд. Овој човек денес е одговорен за борба против перење на пари во Европската Комисија.

Британски член на ЕК е Питер Менделсон, поранешен чиновник во британската влада отпуштен поради лоши резултати во својот оддел. Подоцна работи во локалната самоуправа, каде исто така добива отказ поради лоши резултати. Денес работи како Европски Комесар за Трговија.

Европски комесар за конкуретност е Нети Кроус од Холандија. Обвинета е за давање лажна изјава пред Европскиот Парламент во врска со скандалот предизвикан од Пол Ван Бојтнен. Скандалот кој изби 1999 година, за кој нашата јавност е неинформирана до ден денес, беше причина за оставката на тогашниот претседател на ЕК - Жак Сантер и сите останати комесари.

Дали некој сериозно верува дека ваквите луѓе можат ефикасно да се борат со мито и корупција, и тоа на начин да ги доведат во ред проблематичните балкански држави? Верува ли некој дека ваквите луѓе можат да создадат подобри институции во Македонија?

Хрватска влезе со особено големи надежи во ЕУ, во јули 2013 година. Земјата со години го зголемуваше надворешниот долг одржувајки ги во живот непродуктивните стопански капацитети, и тоа во прв ред бродоградилиштата. Хрватските политички гарнитури мислеа дека земјата ќе ја интегрираат заедно со неспособните стопански гиганти, кои би биле спасени според примерот на француските банки во првите месеци од кризата, дека хрватското стопанство би било спасено со европски пари како ЕРБАС во најлошите години. Со такво ветување беше победен и хрватскиот евро-скептицизам кој особено порасна во текот на пристапните преговори.

Со истата надеж хрватите масовно се задолжуваа градејки најсовремени патишта на балканот, најдобра железница, модерни аеродроми, универзитети, современи државни медиуми, спортски центри, итн, итн. 

Како и нашите евро-фанатици денес, така и хрватите поверуваа дека ЕУ-интегративниот процес е универзално решение за сите општествени проблеми, поготово оние економските. Еве ја денес Хрватска, самите граѓани си ги враќаат насобраните долгови, и тоа не многу успешно. ДДВ е зголемен на 25%, и има идеја да се зголеми на 30%. Бидејки тоа не е доволно, буџетските средства се повеќе се распределуваат за отплата на долговите, а се помалку за јавните услуги и администрацијата. Има се помалку пари за здравство и образование, плус се најавува приватизација на државен имот и многу природни богатства. Хрватска е доказ дека лошото работење и неодговорното задолжување секогаш носат сиромаштија, без разлика каде членувате и дали се вашите партнери богати или не. Значи членството во ЕУ не помага ниту во овој случај.

Словенија долго време продаваше имиџ на успешно изведена транзиција, и тоа со минимална приватизација на стопанските капацитети.

Всушност, Словенија својата независност ја почна со украдени 4,5 милијарди долари од поранешните југословенски републики, воглавно преку филијалите на старата Љубљанска Банка (колку за споредба, Македонија се осамостои со 8 милиони германски марки). Наместо да ги приватизира, Словенија ги санираше стопанските капацитети, мислејки дека само ќе се прешалтува на европските пазари и со тоа ќе ги избегне транзицнионите проблеми. Но, се покажа дека европскиот пазар не е југословенски, дека таму владее лута конкуренција на која поранешните југословени не се спремни.

Многу од словенечките компании продолжија да работат со загуби кои почнаа да се санираат со задолжување. Особено лошо работеа трите најголеми банки за чија санација владата на Јанез Јанша позајми 3 милијарди евра. Словенечкиот долг најбрзо расте од сите земји членки. Од 7 милијарди евра долг пред зачленувањето во 2004 година, словенечкиот долг денес изнесува 20 милијарди евра и продолжува да расте поради фактот дека санираните државни фирми никако да произведат реален економски раст. Наместо кај политичките елити, словенечките експерти, воглавно воспитани во југословенски потрошувачки дух, вината ја гледаат во приватните европски банки кои наводно сакале да воспостават „должничко ропство“ врз Словенија. Има и такви како славниот економист Јоже Менценгер кој очигледно неможе да гледа со сопствените очи како се распаѓа неговиот модел на социјална држава. Според него, виновни биле останатите земји членки кои продаваат премногу производи во Словенија. Не била проблем се послабата продуктивност на словенечкото стопанство, не било фер што се другите споспособни да произведат поконкурентни производи... за словенечкото производство не требала да важи конкуренцијата која важи за сите останати. Јадната Словенија се задолжувала премногу, бидејки слободниот пазар им правел проблеми на неспособните државни фирми. Која идиотска логика!

Стопанството треба да му се препушти на приватниот сектор кој сигурно би отпуштил дел од вработените, со цел остварување на подобри резултати, профит. Понатаму оданочениот профит го полни буџетот и ги враќа долговите, а не државните компании за чие санирање се потребни заеми до бескрај. Наместо приватизација и штедење, Европска Словенија е решена да ги жртвува СИТЕ свои граѓани во уште поголема должничка агонија.

Сепак, во Унијата има и добри примери, но нивниот успех повторно нема директна врска со актуелните тенденции и политики на ЕУ. 

И Шведска имаше премногу скапи социјални програми кои во еден период го успорија економскиот развој. И Шведска како држава имаше големи удели во одредени стопански гиганти кои уживаа монопол. Всушност, со своите социјални издатоци, и со учеството на државата во економијата, Шведска оставаше впечаток на социјалистичка земја. По распадот на СССР и социјализмот како економски систем, за многу социјалисти Шведска стана нова персонификација на социјалистичките идеи.

Меѓутоа, разумните скандинавци, за разлика од еуфоричните балканци, навреме ги направија потребните реформи кои на крајот излезе и дека не се толку болни. На парламентарните избори 2006 година победи конзервативната опција предводена од Фредрик Рајнфелд, и земјата полека почна да ја напушта „Социјалната Благосостојба“ како главен економски императив. Шведска ги намали високите даноци, што како последица дојде и намалувањето на социјалните трошоци. Дерегулираа повеќе стопански сектори, и како резултат на сето шведска скоро и да не претрпе никаква штета во целата економска криза.

Слични реформи спроведе и Естонија која беше меѓу најпогодените на почетокот од кризата. Денес Естонија има економски раст од 7% и е најбрзо растечката економија во Унијата.

Сите овие примери покажуваат дека напредокот или стагнацијата на државите пред се зависат од националните политики, од внатрешните прилики, од добрата или лошата клима која ја создаваат националните влади. Обединета Европа е корисна само доколку е отворен пазар на кој добивате шанси, но не и гаранција дека ќе успеете. Модерните тенденции во Унијата, олицетворени во социјалистичката прераспределба на богатството, создаваат антагонизам меѓу народите и ерозија на демократскиот систем кој се повеќе се повлекува пред „евро-стандардите“ и сличните други анти-демократски принципи. Токму промената на нашето име е еден таков етатистички принцип кој спакуван со етикета „Евро-стандард“. Не треба да се биде многу паменетен и да се извлече заклучок, дека владеењето на правото, како и економските слободи се најкраткиот пат до повисок животен стандард... а не „евро-стаднардите“.  

Aвторот e  претседател на Либертаријански Клуб АТЛАС Скопје

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива