портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонија во потрага по источни пари - ќе ги добие ли?
јуни 2013
Нина Нинеска
Фиданоска
Податоците на НБМ покажуваат дека лани во земјава влегле 0,56 милиони евра руски директни инвестиции, од Индија дошле 0,03 милиони, а од Кина 0,01 милиони евра. Руските инвестиции затоа се бројат во многу поголеми износи во Србија, Бугарија и во Црна Гора. Истокот, колку и да изгледа дарежлив и достапен, тешко се освојува, а Македонија и не е единствената држава со такви аспирации.



Колкав бенефит ќе донесе во својот куфер премиерот Никола Груевски од Астана, каде што деновиве замина на економски форум заедно со министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и првиот човек на Дирецијата за слободни зони, Виктор Мизо. Ќе се слеат ли парите и инвестициите од богатиот казахстански државен фонд низ македонска територија, и ќе се отвори ли милионскиот пазар за нашите градежници и фармацевтски компании. Надежи од ваков формат деновиве испорача владината делегација директно од големата држава. Казахстан не е првата источна дестинација каде што Груевски ги убедува инвеститорите дека Македонија е поволна и пријателска почва за нивниот капитал, а нашата продукција може одлично да се вклопи на тамошните пазари. Пред околу еден месец, непосредно по локалните избори, голем владин тим ја испробуваше „инвестициската“ среќа и во Азербејџан, држава со завидни ресурси на нафта и гас, а по роуд шоуто следуваа речиси идентични оптимистички изјави за големи економски потенцијали што се изродиле од посетата.

Првиот финансиер Зоран Ставерски, пак, минатата недела со гордост најави дека веќе следниот месец Македонија и Русија во Санкт Петерсбург ќе го потпишат договорот за поврзување на нашата земја со гасоводот „Јужен поток“. Стабилна енергетска иднина за државава е една од придобивките која се промовира како најзначајна од приклучувањето кон гасоводот. Познавачите на оваа проблематика сигурно ќе си споменат дека претставување на овој договор како готова работа досега се случи барем неколку пати, заедно со најавите за пребивање на рускиот долг, но тоа не може да ги намали надежите дека во јуни конечно ќе и се посреќи на Македонија со овој капитален проект. Кога веќе се споменува рускиот економски гигант, треба да се додаде дека во демирхисарското село Слепче пред неколку месеци беше отворена фабриката за балетанки на познатиот бренд „Гришко“, а во Бунарџик веќе некое време функционира и руско-македонската инвестиција „Продис“.

Сето ова можеби изгледа некако бледо во однос на Декларацијата за стратешко партнерство што деновиве ја склучија Русија и Србија, а со која е предвидено оти до крајот на годинава ќе почне изградбата на српскиот дел од гасоводот „Јужен поток“, при што лично шефот на руската држава Владимир Путин најави дека во овој проект Русија ќе инвестира фантастични 1,7 милијарди долари.

Тезата дека Владата на Груевски силно тропа на источните економски порти, веројатно во обид да обезбеди супститут за досега традиционалниот европски партнер, не е ниту нова, ниту пак тајна. Напротив, нагласено се форсира потрагата по алтернативни пазари и во милијарди изразени егзотични инвеститори, кои што во последниве две години интензивно ги полнат бизнис вестите во земјава. Турција, Русија, Индија, Кина, дефинитивно се новиот таргет, во време кога европската економија тешко успева да ги залечи раните од големата должничка криза. Ако светските аналитичари оваа 2013 ја гледаа како година на старт на закрепнувањето, сега нивните временски отсечки се поместуваат за 2014, но и тогаш бавно ќе оди процесот на заздравување на гломазниот и комлициран европски џин.

Економските придобивки кои може да ги донесе приближувањето до Европската унија засега не изгледаат поблиски од порано, а за јуни како важен датум на тој план премногу оптимизам не може да се слушне ниту од владините министри. Неисполнетите очекувања од европскиот клуб, или можеби слабото количество волја да се испрати јасна порака што тие ја бараат, како да ја помести во втор план соработката со него. Иако, факт е дека овдешните власти никогаш не ги избришаа европските бизнис центри од своите летечки патувања по светот, а европските компании се третираат како максимално добредојдени во земјава.

Може ли истокот да му парира на западот, може ли да ја направи Македонија помалку зависна од европските врски и помалку ранлива. Бројките за надворешно-трговската размена на земјава и за странските директни инвестиции за минатата година, сами нека говорат дали економската доминација на традиционалните партнери може да се потисне со новооткриените кон кои се стремиме.

Во 2012 година Германија останува да биде македонскиот најголем трговски партнер, а размената со таа држава изнесувала 1,81 милијарди долари, што е дури 17,2 отсто од вкупната трговија со светот што ја остварува земјава. Она што е позначајно и што покажува колку за нас станува збор за квалитетна соработка, е што 80 милионската држава е еден од само неколкуте пазари со кои Македонија има суфицит, што значи таму повеќе извезуваме (1,18 милијарди долари во 2012) отколку што увезуваме, па покриеноста на увозот со извоз е дури 185,7 отсто. На табелата второто место е резервирано за Грција, со која имаме речиси двојно пониска размена од Германија, но јужниот сосед многу повеќе ни продава стоки (804 милиони долари), отколку што купува од нас, па покриеноста на нашиот увоз е само 23,4 проценти. Српскиот пазар е трет по обем, а откако од него се одвои косовскиот и сега тој се набљудува поединечно, и со Србите имаме дефицит, или покриеност на увозот со извоз од 61,3 отсто. Следуваат Бугарија, Италија и Велика Британија.

На седмата позиција по обем на трговска размена се наоѓа Кина, зборуваат показателите на статистика. Вкупно 534 милиони долари разменила Македонија со најбројната држава, што е 5,1 отсто од нашата вкупна трговија со светот. Кинезите лани ни продале производи тешки 375 милиони долари, а ние таму сме испратиле стока вредна 159 милиони. Косово е после Кина по вкупна трговија, но затоа нашиот извоз таму тежи дури 392 милиони долари, а покриеноста на увозот со извоз ни е фантастични 1.374,7 проценти. Русија е деветти трговски партнер на Македонија, разменувајќи со нас вкупно 394 милиони долари. Но, Русите, барем од она што досега го говорат статистичките податоци, не се покажале како големи љубители на нашите производи. Во текот на цела 2012 од Македонија увезле стока од само 33 милиони долари, додека ние од нив сме купиле десет пати повеќе, односно 360 милиони долари. Затоа и покриеноста на нашиот увоз со Русија е само 9,2 отсто. Турција е веднаш зад Руската Федерација, со размена од 391 милиони долари, но сепак треба да се одбележи дека нашиот извоз таму во 2012 бил двојно повисок од оној во Русија и изнесувал 67 милиони долари. Од вкупно 20 земји кои се рангирани како наши најзначајни трговски партнери, не може да се сретне Индија, ниту многу од земјите со кои Владата и стопанските комори остваруваа интензивна комуникација во последниве години. Дали отворањето на новите врати ќе ги одврти и извозните славини во тие држави, останува да се види во наредниот период.

Ајде малку да ги погледнеме инвестициите. Во 2012 во Македонија влегоа вкупно 105 милиони евра странски инвестиции, што се смета за многу слаб инвестициски скор, а како алиби се употребува економската криза. Објаснувањето на властите беше дека во земјава всушност пристигнале многу повеќе пари како директни инвестиции, но странците исто така прелеале голема сума капитал во нивните матични држави.   

Минатата година убедливо најголем странски инвеститор во Македонија била Австрија, со вложени 64,86 милиони евра.Следува Велика Британија со 16,65 милиони евра, а на трето место е Турција, со 15,14 милиони. Потоа на листата позначајни инвеститори доаѓа Белгија, со 14,25 милиони евра, Германија со 9,73 милиони и САД со 9,29 милиони евра. Италијанците лани во земјава вложиле 6,79 милиони евра, а Швајцарците 4,21 милиони. Од Бугарија е регистриран влез на 4,17 милиони евра, а од Канада и Хрватска по околу 2,5 милиони.

Податоците се многу интересни и ако се погледне каде се одлевале пари од земјава, иако тоа не е во контекст на оваа тема. Тука убедливо води островскиот рај Сент Винсент и Гренадини, каде што лани од Македонија биле префрлени 72,23 милиони евра. Значи, не само што немало инвестиции оттаму, туку салдото е негативно. Во Словенија биле регистриран одлив од 32,6 милиони евра, а во Холандија отишле 16,49 милиони евра. Во Унгарија биле префрлени 11,45 милиони и во Грција 2,5 милиони евра, како и некои други држави со поситни одлеани износи.

Што станува со Русија, Кина и Индија, кои се предмет на нашиот интерес. Податоците на НБМ покажуваат дека лани во земјава влегле 0,56 милиони евра руски директни инвестиции, од Индија дошле 0,03 милиони, а од Кина 0,01 милиони евра. Руските инвестиции затоа се бројат во многу поголеми износи во Србија, Бугарија и во Црна Гора.

Рускиот капитал беше интересен за привлекување и за претходната Влада на Владо Бучковски, а од тоа време датира влезот на нафтената компанија „Лукоил“ во земјава, но изостанаа многу поголеми руски инвестиции кои се очекуваа.

Кога се зборува за Индија, пак, треба да се спомене дека пред неколку месеци овдешните власти, заедно со својот нов пријател, бизнисменот Субрата Рој, најавија негова изградба на суперлуксузен туристички комплекс во Љубаништа, што се доживеа како еден од главните влогови што тие ги ставаат на инвестициската мапа. Во моментов индискиот регулатор на пазарот СЕБИ, од средствата на Рој ги обештетува тамошните граѓани што биле измамени од неговата групација, а од Владата не го повлекуваат уверувањето дека непречено течат сите активности околу инвестицијата, и таа ќе се реализира онака како што е предвидено.

Она во што интензивно инвестира Груевски во целиот досегашен мандат, се турските економски релации. Тоа и се покажува како оправдана политика, со оглед на значајниот пораст на инвестициите и извозот во таа држава, кои сепак, се уште се многу далеку од потенцијалите на овој пазар.

Ништо не смее да се отфрла, велат експертите, од кои дел дури и сугерираат дека мора да се освојуваат нови пазари како алтернатива на европските. Но, засега за Македонија, барем така говорат последните годишни податоци, клучни остануваат европските партнери. Добивањето датум за преговори со ЕУ би значело и екстра бенефиции, како што се европските фондови, но пред се и поголема политичка стабилност за земјава. Истокот, колку и да изгледа дарежлив и достапен, тешко се освојува, а Македонија и не е единствената држава со такви аспирации.









 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива