портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Федерализацијата на Унијата - чиста Утопија
мај 2013
амбасадор Ристо
Никовски
Всушност, клучот на проблемот се – банките. Се спомнува дека ги има околу 6.000. Тие се главните виновници за финансиската криза и остануваат закана рамна на атомска бомба, веќе на лансирна рампа, поставена над целата Унија ама и над севкупниот светски економски поредок.


Неодамна, на Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методи“, се случи интересен настан на тема “Последиците од должничката криза врз Европа и еврото“, организиран во соработка со Францускиот институт во Скопје и Делегацијата на ЕУ. Зборуваа францускиот експерт Ален Фабр и академик Таки Фити. Главната поента на Фабр беше дека Унијата, пред се, е политичка заедница и нејзината иднина е во федерализација, која ќе овозможи надминување на сегашните структурни неусогласености. Фити, како и обично, одржа инспиративно предавање и, на одреден  начин, се дистанцираше од федерализацијата прецизирајќи дека таа не е реална за две, три... десет години. Тој беше апсолутно во право само роковите многу ги скуси. Федерализацијата на Унијата не е реална веројатно ниту за 20 а можеби и повеќе години. Во овој случај, без да се биде евро скептик, слободно може да се оцени дека Велика Британија, со своето одбивање на тој концепт - е во право.

Французинот, елаборирајќи ја потребата од федерализација, направи споредба со САД. Нагласи дека Буџетот на Унијата е 1% од вкупниот БДП додека во САД тој е 18%. Нагласи дека е тоа американска јака страна која создава огромни ресурси и силни механизми да се интервенира секаде каде што има потреба. Меѓутоа, тој тука и застана. Не спомна за други крупни разлики со САД кои ја прават федерализацијата на Унијата (практично) невозможна. На пример, дека доларот функционира во сите 50 држави додека еврото е заедничко во 17 од 27 (наскоро, со Хрватска, 28); дека најбогатата американска држава Њу Хемшајр, е за 50 проценти побогата од најсиромашната, Мисисипи додека во Унијата, Луксембург е седум пати побогат од Естонија. Тоа значи дека таа разлика во Унијата е 14 пати поголема отколку во САД! Здравје Боже, кога ќе влезат Македонија, Србија, Албанија... тој однос уште повеќе ќе се зголеми.

Функционирањето на федерацијата, со таков диверзитет во нивото на развојот на членките, би било крајно проблематично, скоро невозможно. Едноставно, во такви услови, не е можно формулирање на заедничка економска, социјална... политика, а без нив... Ние го носиме искуството од поранешна Југославија. Односот меѓу Македонија и Словенија, на пример, беше околу 1 : 8 и тоа беше еден од главните ако не и основниот фактор за распадот на федерацијата.

Брисел е во цајтнот а корените на кризата се во Мастрихт. Тогаш се тргна во погрешна насока. Место проширувањето на Унијата да биде апсолутен приоритет, макар врз минимален заеднички именител, се тргна во забрзано и префорсирано нејзино продлабочување. Еврото е цивилизациски дострел на Европа и треба да се стори се тоа да се одржи. Меѓутоа, половичните појдовни решенија (монетарна без фискална унија); неконтролираното ширењето на зоната; затворање очи при непочитување на основните критериуми (буџетски дефицит од максимум 3% и задолженост не поголема од 60% од БДП...); толерирањето на лажните финансиски извештаи од страна на Грција и други членки... ја доведоа евро зоната во прав ќор-сокак. Моменталната задолженост на Германија и Франција, на пример, е преку 80% од БДП...

Сите се свесни дека (барем) Грција, како екстремен случај, треба што поскоро да ја напушти зоната, бидејќи враќањето на драхмата би било корисно и за неа. Меѓутоа, нема простор за таков исчекор. Проблемот не е само бирократски, поради недостаток на процедури за таква постапка, туку и суштински. Доколку Атина биде присилена да си ги собере парталите, сите хартии од вредност, издадени од другите проблематични држави, од Италија, преку Шпанија и Португалија, Ирска, Кипар... та се до Словенија... во голема мерка веднаш ќе ја загубат својата номинална вредност. И – сериозна девалвација на еврото ќе биде неизбежна. Најмалку – двоцифрена! А тоа не доаѓа предвид.

Стравот го чува лозјето ама ги врзува и рацете и создава чист маѓепсан круг. А бројот на банкрот земјите постојано се шири! Можеби токму поради ваквата ситуација, француската амбасадорка, која кратко го поздрави собирот, ја нагласи солидарноста во Унијата, како квалитет, обидувајќи се да поентира со помошта која и се дава на Грција. Да се помага некому, неспорно е хумано и позитивно. Арно ама, да се фрлаат стотици милијарди евра во буре без дно, кое е дупнато со тешки измами, злоупотреби и криминал... не може да се нарекува солидарност. Нешто тука не е во ред. Ако на тоа се додаде и “солидарноста“ во ЕУ, која ја ужива Атина во непочитување на своите меѓународни договорни обврски кон Македонија... тогаш  сликата е целосна. Така, правиот термин не е и не може да биде - “солидарност“, туку - соучесништво. А тоа значи прикривање на криминал.

Привилегиите на евтини кредити, кои непродуктивно, нерентабилно, неекономично та и (делумно) криминално, ги спискаа новите, предвреме примени членки во евро зоната – им се вратија како бумеранг на сите. Презадолженоста ги пеплоса економиите. Во периодот 1995 – 2008, според “Санди тајмс“, цените на германските производи, во просек, поскапеле за 9%, грчките за 67%, шпанските за 56%, португалските за 47% и италијанските за 41%; невработеноста достигнува крајно загрижувачки висини, особено на младите... Секој италијанец должи по повеќе од 31 илјада евра... Излез, на видик - нема. Како давеник за сламка, предводени од претседателот на европските комисии (Влада), Баросо, мнозина се фаќаат за федерализацијата како некакво решение, а таа е чиста утопија за подолг период на време. А, без неа, нема ниту фискална унија а тоа значи дека и монетарната тешко ќе функционира. Сите палијативни мерки на контрола на буџетите на членките на евро зоната, инспекциите на банките... не можат да дадат соодветни, потребни резултати.

Всушност, клучот на проблемот се – банките. Се спомнува дека ги има околу 6.000. Тие се главните виновници за финансиската криза и остануваат закана рамна на атомска бомба, веќе на лансирна рампа, поставена над целата Унија ама и над севкупниот светски економски поредок. Сите сме и остануваме нивни заложници. Иднината е крајно неизвесна. Според анализа на “Њусвик“, од 21 ноември 2011, германските банки имале пласмани 32 пати поголеми од сопствениот капитал а француските – 26 пати. За споредба, американските банки пласирале “само“ 10 пати повеќе од парите со кои навистина располагале. Покрај тоа, вкупните долгови на европските банки биле астрономски 40.000 милијарди евра! Поголема пирамида од тоа – здравје. “Њусвик“ тврди дека споредено со нив, долговите на американските, јапонските и кинеските банки биле  - смешни.

Ако на сето тоа се додаде контраверзната Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), која “јаде“ 39% (2013) од буџетот на Унијата (некогаш достигнувала дури и 71%), се добива целосна слика за безизлезните лавиринти во кои се движи Брисел. Тоа се пари кои, покрај другото, се даваат на земјоделците ништо да не произведуваат, со цел да се одржат цените. Со оглед дека Франција е токму најголемиот корисник на овие огромни фондови, а имајќи ја предвид нејзината улога во Унијата, тешко е да се очекуваат посериозни промени на тој план. Иако учеството на ЗЗП во вкупниот буџет процентуално се намалува, вкупните суми постојано се зголемуваат.

Добро дојдовте во Унијата.

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива