портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Зошто марксизмот е повторно во подем?
април 2013

 Капитализмот е во криза насекаде во светот – но што е алтернативата? Што велите за идеите на еден Германски филозоф од 19 век? Да, Карл Маркс станува меинстрим и Господ знае кај му е крајот.

"...Денеска, дури ни радикалните левичари не повикуваат на вооружена револуција. Радикалната левица вели дека збогум на капитализмот може да му се каже само преку демократија и организација на работниците за воспоставување и задржување на таков праведен систем...“


Конфликтот меѓу класите порано изгледаше многу едноставен и очигледен. Маркс и Енгелс во втората најпродавана книга на сите времиња напишаа: „Тоа што буржоазијата го продуцира, пред се, се своите гробари. Нејзиниот пад и победата на пролетеријатот се неизбежни“ (Инаку најпродаваната книга во светот е Библијата)

Денеска, 165 години откако Маркс и Енгелс напишаа за „гробарите“, вистината е сосема спротивна. Пролетеријатот, не само што не го закопува капитализмот, туку и го оддржува во живот. Работници со големо работно време и ниски плати кои наводно се ослободени во најголемата социјалистичка револуција во историјата (Кина) се доведени до работ на самоубиство само за да можат на тие на Западот да им овозможат да си играат со својот iPad. Кинеските пари всушност ја спасуваат Америка од банкрот.

Иронијата да е уште поголема, еден од водечките Марксисти во светот вели: „Доминацијата на капиталот глобално зависи од постоењето на Кинеската Комунистичка партија, која им овозможува на капиталистичките претприемачи евтина работна сила и ги лишува работниците од можноста за само-организирање“ вели Жак Рансие, француски Марксист и професор по филозофија на Универзитетот Париз. „За среќа, возможно е да се надеваме на свет кој е помалку апсурден и поправеден од денешниот.“

Оваа надеж, можеби објаснува и уште една неверојатна вистина во овие катастрофални економски времиња – заживувањето на интересот за Маркс и Марксизмот. Продажбата на „Капиталот“, Марксовото ремек дело, е во огромен подем од 2008 година наваму, како и „Манифест на Комунистичката партија“ и „Кон критиката на политичката економија“. Продажбата порасна во моментот кога работниците во Британија ги спасуваа банките од банкрот, само за да се одржи овој деградиран систем и удобноста на богатите фамилии додека останатите се давиме во долгови и несигурни работни места, а невработеноста и сиромаштијата скоро секаде е во пораст.

Еден од најинтересните примери за „враќањето“ на Маркс е можеби фактот дека брадестиот револуционерен теоретичар е избран да се појави на новото издание на МастерКард картичката на германската Шпаркасе банка во Чемниц. Во комунистичка Источна Германија од 1953 до 1990 година, Чемниц беше именуван како градот на Карл Маркс. Две децении по падот на берлинскиот ѕид, поранешна Источна Германија сеуште го нема „избришано“ своето марксистичко минато. Во 2008 година, како што пренесува Ројтерс, направено е истражување во Источна Германија каде 52% веруваат дека слободниот пазар е несоодветен, а 43% се изјасниле дека сакаат да се врати социјализмот. Карл Маркс е мртов веќе долго време, но и те како е жив помеѓу гладните Германци. Сосем друго е прашањето како Карл Маркс би се чувствувал на идејата неговиот лик да се најде на кредитна картичка која ќе ги турне Германците во уште подлабоки долгови.

Минатата година во Лондон, илјадници луѓе присуствуваа на „Марксизам 2012“, 5 дневен фестивал кој го организира Социјалистичката Работничка Партија. Тоа е годишен настан, но тоа што го изненадува организаторот Џозег Чунара е фактот што во последните неколку години се повеќе и повеќе млади луѓе присуствуваат на овој настан. „Заживувањето на интересот во Марксизмот, особено кај помладата генерација е во фактот што тој нуди алатки за анализа на капитализмот и особено капиталистичката криза во која сме во моментов“ вели Чунара.

Постојат премногу книги кои ја промовираат ревелантноста на Марксизмот. Англискиот професор Тери Иглтон мината година објави книга наречена „Зошто Маркс беше во право“. Францускиот маоист филозоф Алан Бадо објави мала црвена книга под името „Комунистичката хипотеза“ со жолта ѕвезда на обвивката во која повикува на трета ера за комунистичката идеја (првата е од воспоставувањето на Француската република во 1792 година па до масакрот на Париските комунисти во 1871 и втората ера од 1917 година до падот на Маовата културна револуција во 1976 година). Нели сево ова е заблуда? Дали ни се корисни идеите на Маркс во ова време? Нели сонот за социјалистичката револуција и комунистичко општество се тотално ирелевантни во 2013 година? На крајот на краиштата, буржоазијата не успеа да создаде гробари на капитализмот како што велеше Маркс. „Буржоазијата има научено како да им наплати на експоатираните за својата криза и да ги искористи нив за да ги разоружа непријателите. Но не смееме да се навраќаме на идејата дека ова е историска нужност и да заклучиме дека моменталната состојба е вечна. Гробарите се сеуште тука, во ликот на работниците како што се оние со големи работни часови и ниски примања на далечниот исток. А и денешните популарни движења, во Грција на пример, исто така ни кажуваат дека постои нова волја да не им се дозволи на владите и банкарите да ја префрлат вината за кризата на народот.“ вели Рансие.

Но тоа се размислувањата на 70 годишен Марксист. Што е се помладите? „Поентата е што помладите не беа тука кога Тачер беше на власт или пак кога главна асоцијација за Марксизмот беше Советскиот Сојуз“ вели Џесвиндер Блеквел-Пол, 22 годишна студентка која сеуште мисли дека Марксизмот е релевантен. „Ние се стремиме да го гледаме тоа како начин за разбирање на работите кои се случуваат околу нас. Погледнете што се случува во Египет. Кога падна Мубарак, сето тоа беше инспирирачко. Успеа да сруши многу стереотипи – демократијата не требаше да биде нешто каде народите ќе сакаат да се изборат во Муслиманскиот свет. Тоа ја оправдува револуцијата како процес, а не како настан. Па така имаше револуција во Египет, па контра револуција, па контра контра револуција. Најважното што може да се научи од ова е моќта и важноста на организацијата.“

Инаку Блеквел-Пол се обрати на фестивалот за марксизмот на тема Че Гевара и Кубанската револуција. Но што е поентата да се размислува за Гевара и Кастро во денешно време? Сигурно насилните социјалистички револуции се ирелевантни за денешните маки на работниците? „Не е точно“ вели таа. „Тоа што се случува во Британија е доста интересно. Ние имаме многу слаба влада. Ако добро се организираме, можеме да ги истераме.“ Дали Британија би можела да го има својот плоштад Тахрир или Кастровото движење 26-ти Јули? Соништа на една млада девојка. Но по минатогодишните нереди во Британија и се поголемата класна разлика, само будала би можел ова целосно да го отфрли.

Друго мислење има Овен Џонс, 27 годишен лепач на плакати за новата левица во Британија, но и автор на најпродавата политичка книга во 2011 година „Демонизацијата на работничката класа“. „Нема да има крвава револуција во Британија. Но постои надеж за општество од работниците за работниците“ вели тој.

Вистина е, вели Џонс, дека во 1860-тите Маркс претпоставил такво пост-капиталистичко општество кое ќе се избори на други начини наместо насилни револуции. „Тој гледал на проширувањето на правото на глас како и на други мирни алатки, како начин за достигнување на социјалистичко општество. Денеска, дури ни радикалните левичари не повикуваат на вооружена револуција. Радикалната левица вели дека збогум на капитализмот може да му се каже само преку демократија и организација на работниците за воспоставување и задржување на таков праведен систем.“

Џонс вели дека тој сака Лабуристичка влада која ќе воведе радикални промени. Како пример го издвојува изборниот манифест на Лабуристичката партија од 1974 година во која се вели дека: „Ќе се направи фундаментална и неповратна промена во балансот на моќта и богатството во корист на работниците и нивните семејства“.

Зачудувачки за успехот на книгата на Џонс е дека таа се потпира на заживувањето на интересот на класната политика, камен темелникот на Марксовата и Енгелсовата анализа на индустриското општество. „Да ја напишев книгата пред 4 години, истата ќе беше отфрлена како копирање на концептот на класите во 1960-тите години“ вели Џонс. „Но класите се вратија во нашата реалност поради економската криза која влијае на луѓето на различни начини, а и Коалициската мантра „дека сите сме заедно во ова“ е глупава и навредлива. Невозможно е денеска да се аргументира како што тоа се правеше во 90-тите дека сите ние сме средна класа. Реформите на оваа влада се базирани според класите. Порастот на ДДВ-то на пример, диспопорционално влијае на работниците.“

„Ова е отворена класна војна“ вели тој. „На работничката класа ќе и биде многу потешко во 2016-та година отколку на почетокот на овој век. А во исто време те обвинуваат за воин на класите ако се залагаш за 30% од популацијата која пати на овој начин“.

Оваа изјава ги поткрепува и тврдењата на Рансие. Професорот Рансие тврди дека „Класната борба опишана во Марксизмот е сеуште цврста. Исчезнувањето на фабриките, т.н. деиндустријализација на нашите земји и префрлување на производството во земјите со евтина работна сила е токму тоа, алатка на буржоазијата во класната борба против работничката класа.

Во вакви тешки времиња, кого друг би читале ако не најголемиот катастрофичар-теоретичар на сите времиња, Карл Маркс? А во исто време пак, ренесансата за интересот кон Маркс е етикетирана како апологетство на Сталинистичкиот тоталитаризам. Во една статија за World Affairs, Алан Џонсон професор по демократска теорија и пракса на Еџ Хил Универзитетот во Ланкастер, пишувајќи за „новиот комунизам“ вели: „Моменталните состојби во светот се извор на големи патења и мизерија, и се виновни за повеќе смрт од Фашизмот и Нацизмот. Нова форма на левичарски тоталитаризам доаѓа на сцената која ужива интелектуална слава, но се стреми за политичка моќ.“

„Новиот комунизам е важен не само поради неговата интелектуална издржаност, туку затоа што може да влијае на некои слоеви кај младите Европјани, кои ја доживуваат социјалдемократијата како исцрпена идеја.“ пишува Џонсон. „Колку и да звучи примамливо, не можеме само да одмавне со главата и да замижиме на сето ова.“

Тоа е стравот. Дека некои стари прдежи како што се Жижек, Бадо, Рансие и Иглтон ќе ги корумпираат умовите на невината младина. Но дали проучувајќи/читајќи ги Маркс и Енгелс значи дека се согласувате со тоа дека капитализмот донел повеќе смрт од Нацистите? Факт е дека не постои директна линија од „Манифестот на Комунистичката партија“ до гулаците на Сталин, и не постои никаква причина зошто младите левичари би требале безусловно да ги прифатат ставовите на Бадо. Во воведот на новата едиција на Комунистичкиот манифест, професорот Ерик Хобсбом вели дека Маркс бил во право кога рекол дека „ пазарниот систем не е базиран на човек кон човек, туку на гол личен интерес, систем на експлоатација и бескрајна акумулација кој не може никогаш да биде надминат… што во еден момент по серија на трансформации и реструктуирања на овој дестабилизрачки систем ќе доведе до систем кој повеќе нема да може да се опише како капитализам.“

Ова е пост-капиталистичкото општество за кое сонуваат Марксистите. Но на што ќе личи тоа? „Многу веројатно е дека ова пост-капиталистичко општество нема да соодветствува на традиционалниот модел на социјализмот, а уште помалку пак на социјализмот од Советската ера“ вели Хобсбом и додава дека сепак, тоа ќе доведе до промена од приватна сопственост во социјално управување на глобални рамки. „Каква форма ќе биде тоа и до која ќе мера ќе ги зафати хуманистичките вредности на Марксовиот и Енгелсовиот комунизам, ќе зависи од политичките акции кои ќе бидат преземени од оние кои ги ќе донесат овие промени“.

Ова го претставува Марксизмот во неговото најослободувачко светло, предлагајќи дека нашата иднина зависи само од нас и од нашата спремност за борба. Или како што Маркс и Енгелс во крајот на Манифестот на Комунистичката партија би заклучиле: „Нека владејачките класи ce тресат пред комунистичката револуција. Пролетерите во неа немаат што да изгубат освен своите окови. A ќе го добијат сиот свет.“

Пренесено: ХајдПарк/Гардијан
Коментари
Нема коментари.
 
Архива