портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонија лесно може да постигне енергетска независност
април 2022
Џевдет
Хајредини
Двете компоненти за кои е потребна енергијата се индрустријата и населението. Индустријата ни е драстично намалена, а и резидентното население во државата се намалува

Справувањето со последиците од енергетската и вкупната криза во Македонија (и за Македонија) ќе можеше да биде многу побезболна, многу полесна, доколку досега, пред да настапат овие кризни ситуации ( како со пандемијата, така и со војната во Украина) лидерите на земјата, не само сега, туку подолго време, не беа толку индиферентни во насочувањето на проекцијата на економската политика кон тоа државата да биде помалку зависна од увоз на енергенти од странство. Мислам дека ретко постои земја во која толку биле игнорирани можностите за преземање мерки за самоодржливост во енергетското снабдување. Во суштина, Македонија не троши многу енергија. Сите индустриски капацитети во Македонија кои беа големи потрошувачи на електрична енергија, престанаа со производство од други причини. Тие беа: Железара, Југохром, Топилницата во Велес, Фени,кое се уште нешто работи, но не во полн капацитет...

На крајот од шеесеттите години на 20-от век, Македонија уплати на Косово за Железара да се снабдува со електрична енергија од таму во период од 20 години. Но тоа траеше тие две децении години и истече тој рок. А и ако не беше истечен рокот, не знам што ќе се случуваше, зашто дојде до дисолуција на Југославија, во која и Македонија и Косово беа дел од таа држава. Железара тогаш трошеше електрична енергија колку целото население во Македонија. Југохром трошеше колку целото производство на електричната централа Маврово. Но тие престанаа да работат.

Друг важен момент е што потрошувачката на енергија е во директна корелација со економскиот раст. Македонија има најниска стапка на раст на економијата од сите земји во регионот. Помал дури и од Косово, и од Албанија. Неодамна Светската банка во своите прогнози го намали очекуваниот раст на македонската економија од 4 на 2,5 отсто.

Двете компоненти за кои е потребна енергијата се индрустријата и населението. Актуелната состојба е таква, што индустријата ни е драстично намалена, а и последниот попис покажа дека и резидентното население во државата се намалува. Од друга страна. политичките лидери, во овие изминати триесетина години од независноста на Македонија, заклучиле дека не претставува проблем снабдувањето на населението со електрична енергија со постојните капацитети, па воопшто и не се вложувало во изградба на нови. Апсолутно ништо не се градело! Поминти се 40 години откако се пуштени во погон термоцентралата Осломеј и третиот блок на РЕК Битола.

За волја на вистината, не е дека политичките елити не знаеле дека треба да се планира енергетското снабдување на Македонија. На пример, во програмата „Преродба во 100 чекори“ на ВМРО-ДПМНЕ, од 2006 година, која подоцна беше надградена и проширена, била предвидена изградба на хидроцентралите Стрежево, Галиште, Чебрен, како и гасификација на ТЕЦ Неготино, која работеше на мазут. Постоеше и еден голем повеќенаменски проект - Вардарска долина, каде што беа предвидени повеќе мали хидроцентрали ( ГАС, Бошков мост, Корабски води)... Но не само што ниту еден од овие предвидени проекти не е пуштен, туку ниту за еден од нив не е поставен ни камен-темелник. Сега стана актуелна и популарна, повеќе за популизам - зелената агенда. Зелена агенда претставува добивање струја од вода, сонце и ветер. Тоа се тие три природни компоненти. Се најавува изградба на 4 фотонапонски електрани, со вкупна инсталирана можност од 280 мегавати во РЕК Битола. Дури се најавува како таа работа да е при крај, а нема изработено ниту физибилити студија за проектот. Но ако нема студија, од каде би знаеле колку енергија ќе произведува? Пред извесно време во Осломеј е пуштена 6-мегаватна фотоволтаична централа, но прашање е колку струја ќе даде. Односно ќе произведе струја колку што ќе има сонце. Во меѓувреме пуштена е термоцентралата Осломеј, која работи на увезен јаглен (лигнит) од Косово. Каква е таа зелена агенда на јаглен? 

Во практика, енергетската стратегија на Македонија се сведуваше - речиси ништо да не се гради во капацитети, а за тоа малку што ни е потребно - да се купува. Навистина, на пазарот имаше струја, и тоа со релативно ниска цена. Меѓутоа, не треба да се биде многу паметен, па да се сфати дека треба да се користат ( и да се одржуваат) сопствените извори, за да се биде енергетски понезависен. Но, откако се пуштени во седумдеседттите години, трите хидроцентрали: Шпиље, Тиквеш, Глобочица ( само Осломеј со 80 мегавати моќност е стар 40 години), во независна Македонија изграден е само Козјак. Што можеме да очекуваме ние од ваквата визијата на овие лидери? Со таква состојба на енергетските капацитети, што се случува сега?

Кога дојдоа последиците од пандемијата, особено сега и со дискутибилноста на увозот на рускиот гас (поради руско-украинскиот воен конфликт) како енергент кој во Македонија најмногу се користи во грејната сезона, се покажа дека не се подготвени погоните во Битола да произведат струја. И мораше да се „краде“ струја ( така е изразот за ненајавено преземање) од Европскиот енергетски систем. Како функционира тој систем? Дозволено е од таму да се влече струја во случај на хаварии, со одредена цена. Бидејќи немавме можност да произведеме доволно струја, а мора да се одговори на потрошувачката во зимски услови, нашите економско-енергетски власти преземаа струја од тој Европски енергетски систем. При ненајавено преземање, нема начин технички да се биде исклучен од системот, но ќе се наплати три пати поскапо.

Покрај таа инсталирана моќност од 1500 мегавати во Македонија, може да се додаде и таа на малите хидроцентрали. Во ред е, нека се градат, но тие енергетски се безначајни. Се што е под 10 мегавати, нема некакво енергетско значење. Тие не решаваат криза.

Сепак, со овие капацитети што ги имаме, ако правилно се одржуваат и управуваат, Македонија може да постигне енергетска независност, со тој степен на индустрија што го имаме и население кое се намалува.

Што се однесува до потребите на Македонија од гас (до сега најмногу руски), кој доаѓа од Бугарија, тој главно се користи за греење преку топлификациски систем, главно ТЕ-ТО. Гасот, секако е еколошки почист енергент, а никој пред години не можеше да претпостави дека ќе има воена ескалација на односите меѓу Русија и Украина. Гасот најмногу ни е потребен во Македонија во грејната сезона, која формално завршува на 15 април. Пред нас е пролето-летната сезона, во која да се надеваме дека ќе има некаква разрешница на војната меѓу Русија и Украина, но состојбата треба внимателно да се следи и да се бараат решенија и алтернативи за овој енергент во новата грејна сезона. Дури и да заврши војната, извесно е дека цените на гасот ќе останат високи.

 

Коментари
Нема коментари.
 
Архива