портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Воена помош, Господ на помош
март 2022
Солза
Грчева
Нам, ако не се освестиме бргу, не ни се пишува добро. Веќе секојдневно скокаат цените, Русија можеби ќе ни го забрани извозот на храна што за нас значи многу, може како утре да ни го прекине гасот од кој сме 100 отсто зависни



Во Украина се случува војна. Дали ќе ја наречеме „специјална воена операција“ или инвазија, сеедно. Западот кој и даваше лажни надежи на Украина (како и нам ЕУ) и кој активно работеше на дерусификација“ на земјата практично се бори со Руската Федерација, а Украинците се топовското месо. И таа војна, иако не во ваков обем, трае уште од 2014 година.

Во конфликтот од досега невидени размери по Втората Светска војна, Македонија одлучи да стане земја-непријател на моќната Русија. Официјално. Иако нашата е војска рангирана на бедното 134-то место во светот, решија меѓу првите да се истакнеме и веќе испративме воена помош во Украина. Каква, не знаеме. Можевме да се задржиме на хуманитарна помош во разни облици, но не. Со испраќање на непознатата „воена помош“, ние во очите на Руската Федерација сме земја која активно помага да се убиваат нејзините војници. Дури, спротивно на политиката на НАТО, кое официјално не е во војна со Русија, нашата министерка за одбрана понуди да испрати наши војници на фронтот. Дрско незнаење и полтронство. Сега, самите без да чекаме некој план од ЕУ, чија членка ниту сме, ниту во скоро време ќе бидеме,  ќе ги трпиме последиците. А тие ќе дојдат многу бргу и безмилосно. Не верувам дека Русија, нападната од сите страни, ќе има волја и благонаклонетост да ни прогледа низ прсти како на мало и непослушно дете.


Поголемата игра, за која ние никако не се спремаме ползејќи во еднонасочната улица, со еднонасочниот ум, ќе биде игра во која ништо нема да биде како досега. Се работи за светска економска војна! Таа се движи по некоја спирала, зема досега невиден замав. Никој нема да остане недопрен во големите геостратешки поместувања кои ќе следат. И ние сме дел од таа светска економска војна. Сме прогласиле санкции и не можеме да се криеме како бубачки. Што правиме, имаме ли план или ќе чекаме каде ќе дувне ветерот, таму да паднеме. За тоа дека не мислиме ништо сериозно и на време да испланираме и превенираме, доказ ни е нашето „снаоѓање“ во пандемијата, кога баравме спас во вакцините на соседна Србија.


Западот се натпреварува во санкциите кон Русија, одејќи дотаму да бара „покајување“ и од нејзини врвни уметници. Во Загреб е забрането на концерти да се изведуваат дела на Чајковски. На руски спортисти им е забрането учество на светските натпревари. Да не зборувам за укинувањето на авионски линии, одвојувањето на банкарскиот систем, повлекувањето на неброен број компании, заплената на имоти, цензурата на медиуми, итн. Се одвива една хистерична, берзанска трка на наддавање кој што забранил. И си пукаат во нога. Веќе почнаа и да плачат. А допрва ќе плачат кога ќе се освестат дека од Германија, земјата на која по војната и беше забрането да има војска, а сеуште и е забранет извоз на оружје, направија воена сила која наеднаш многукратно го зголеми буџетот за војската. НАТО, кое живее од воениот комплекс, тоа им го препорача на сите земји членки.


Штотуку се воведоа санкциите, а веќе денес, ОН предупредуваат дека може да има недостиг на храна. Инфлациите во САД и во Русија се на рекордно ниво. Цената на гасот на светските берзи, исто така. Ќе трпат и оние кои се цел на санкциите, но и оние кои ги воведоа. Јасно е дека Русија поодамна се подготвувала за оваа широка воена операција. Таа знаела дека ќе има санкции. Но, Западот кој по големина на населението е само околу една петтина од светот, не предвиде дека има други пазари, поголеми и погладни за увоз на разни производи со кои веќе се правеле договори, дека стратешки ја буткаат Русија кон Кина која станува економски џин, дека полека се создава паралелен банкарски систем, дека енергентите, но и ретките метали се во рацете на Русија. Од каде ураниум за нуклеарните централи, од каде титаниум за авионите, паладиум, злато и се што постои во многу мали количини во светот, а Русија има за извоз. Дури и житарките, без кои нема да има леб на трпезите. Можеби за прв пат ќе биде прекинат и Северниот поток 1, без кој на пример Германија и Холандија нема да се тоа што се. НАТО ги упати на алтернативни извори на енергија. Убаво, ама ќе поминат декади и на жителите на ЕУ ќе им остане надежта дека зимите ќе бидат топли. Понатаму, што ќе биде со над 1200 милијарди долари кои Западот ги инвестирал во фабрики во Русија? Дали можеби нема да бидат конфискувани? Дали Русија ќе остане без своите депозити во Централната банка, заробени во Европа? Има многу “ако“, има голема несигурност. Она што со сигурност го знаеме е дека Русија видела санкции, па преживеала. Дури, после санкциите од 2014 година излезе посилна. Но, санкции од ваква магнитуда не видела.


Освен воениот и економскиот аспект на војната, се повеќе на важност добива информатичката војна. За прв пат гледаме забрана на разни сервиси, не можеме да создадеме претстава за тоа што се случува. За едните Русите убиваат цивили, за другите Украинците. Демократскиот свет кој ни продаваше приказни за „слобода на говорот“, воведе целосна цензура на која може да и позавиди Сталин. Ние сме изложени на еднострана пропаганда и за чудо, оние кои беа најгласни за демократските вредности кај нас, први и без остаток ја голтаат.


Дури и утре да заврши војната, со каков било исход, недовербата, фобијата, омразата ќе останат. Тие впрочем и доведоа до оваа војна, чии режисери не ги гледаме под урнатините. Помеѓу кого? Можеби сега веќе не помеѓу САД и „немоќната Русија“, што беше класика од распаѓањето на Советскиот Сојуз, туку помеѓу суперсилите САД и вториот економски и воен блок, Русија и Кина заедно. Можеби повторно ќе имаме две суперсили. За лошо или за арно. Европа нема да игра во големата игра, по своја вина. САД и Русија со сите ресурси кои ги имаат, можеби меко ќе се приземјат, но Европа, за жал, може да плати висока цена за немањето единствена политика, или поточно за имањето лоша политика.


Нам, ако не се освестиме бргу, не ни се пишува добро. Веќе секојдневно скокаат цените, Русија можеби ќе ни го забрани извозот на храна што за нас значи многу, може како утре да ни го прекине гасот од кој сме 100 отсто зависни, но се плашам и од недостаток на основни производи. Србија веќе презема мерки со забрана на извоз на житарки, масло и други стратешки производи. Што правиме ние? Имаме ли план да речеме, како ќе го замениме бргу гасот, од каде ќе го дополнуваме кусокот на житарки, дали веќе потпишуваме договори за извоз на нашите земјоделски производи со други земји, што ќе биде со нашите банки, како ќе ја амортизираме сега веќе извесната рецесија???


 Ние мора да ја предвидиме новата светска реалност и не смееме да удираме постојано со главата во ѕид. Не инсистирам дека точно ова ќе биде сценариото по кое ќе се одвиваат настаните, но тектонски промени ќе има. Има ли кој да ги анализира, да ги предвиди, да се адаптира, да ги заштити граѓаните од последиците, па дури зошто да не, подобро да не позиционира од оваа нулта точка во која чмаеме со децении?


Ова беше реторичко прашање. Секако дека нема. Затоа, Господ на помош! 

Коментари
Нема коментари.
 
Архива