портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Од струјата два пати се стемнува - кога ја нема и кога се плаќа
февруари 2022
Катерина
Михајлова
Поскапата струја која веќе е реалност, недостигот од гас за затоплување и работа на компаниите се само предвесник на ризиците кои продолжуваат да демнат и кои ќе мора сериозно и посветено да се менаџираат.

Неделното четириесетминутно „замрачување“ во главниот град Скопје ( и делови од Велес и Свети Николе) поради прекин на струја, чија причина беше дефект на трафостаница, е само уште едно предупредување кон Владата дека енергетската криза не запира со завршувањето на грејната сезона во април како што соопштуваа, со што ги стави во недоумица и граѓаните за иднината со снабдувањето на струја.

Енергетската криза која почна од средината на 2021 година како продолжение на здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19, само го усложни и така сложениот економски амбиент и ги покажа слабостите на системот на државата. Без стратегија за енергетскиот сектор, без инвестиции во изминатите децении, во услови на лошо менаџирање и висока партизација во целиот изминат период, само го потврди фактот дека без сопствени енергенси или без континуирано и стабилно снабдување од увоз, стопанскиот развој на земјата е доведен под знак прашање.


Македонија нема стабилна енергетска политика со години, не донесовме енергетски биланс којшто секоја година се носи и со кој се прават предвидувања за тоа колку гас, јаглен, дрва или електрична енергија ќе ни бидат потребни. Тоа што ни се случува е пропуст на целата држава, затоа што нема институции коишто размислуваат или собираат информации, ги анализираат и предвидуваат. Аналитичките институции се грижат да соберат информации и да проектираат случувања, ама кај нас не се размислува за десет години напред. Секоја Владата досега одеше на систем „купи ден, продај“ за да остане подолго на власт, бидејќи во надворешната политика не се остварија очекувањата, и тогаш тие заборавија на економијата, на енергетиката. Заборавија дека енергетиката е локомотива којашто го движи економскиот развој. И со децении не се инвестира, не се анализира што не` чека и очекувано беше да дојдеме до овој степен.


Поскапата струја која веќе е реалност, недостигот од гас за затоплување и работа на компаниите се само предвесник на ризиците кои продолжуваат да демнат и кои ќе мора сериозно и посветено да се менаџираат. Менаџирањето со енергетската криза ќе биде клучниот предизвик оваа година. Ние како земја треба да се фокусираме максимално кон решавање на проблемот со енергетската криза, како и со економската. Но тоа во никој случај не значи дека капиталните проекти се помалку важни - тие се двигатели на брзиот раст и развој на економијата, бидејќи тие ja заживуваат домашната економија преку инволвирање на многу економски оператори во реализација на тие проекти.


Околу 170 милиони евра досега не` чини енергетската криза. Министерот за економија Крешник Бектеши инфомираше дека од државниот буџет на ЕСМ им се префрлени 120 милиони евра за справување со кризите со струјата и парното, а со последната одлука на Влада дополнително ќе добијат уште 47 милиони евра. Со овие пари државните електрани треба да купуваат струја, јаглен и да се покријат загубите на МЕПСО.


Енергетската криза им создава најголеми главоболки на компаниите. Дел од стопанствениците стравуваат дека менаџирањето на енергетската криза може да го изеде и потенцијалот за раст на економијата. И тоа е оправдано со оглед на актуелните случувања околу гасот и проблемите со неговата набавка. Енергетската криза и инфлацијата ќе останат присутни уште долг период, барем уште во првите шест месеци од оваа година. Но факт е дека многу голема пречка за развојот на бизнисот е енергетската криза. Компаниите веќе се соочени со огромни трошоци, секој се снаоѓа како знае и умее, така што инфлацијата, подгреана од големите трошења за здравствената криза во изминатиот период ќе продолжи и оваа година. Енергетската криза дополнително удира и врз стандардот на обичните граѓани, кои во најголем дел мака мачат да го истераат месецот.


Македонија има ниско производство на струја поради малите инвестиции во енергетиката во изминатите децении. Ценовните удари може да ги преживеат оние земји кои имаат доволно производство на струја за да си ги задоволат потребите, а Македонија не е меѓу нив.


Најважниот проблем со кој се соочуваат фирмите и граѓаните се растечките цени на енергентите на светските берзи, што како ефект се префрла и кај нас, и директно, затоа што не произведуваме доволно електрична енергија и кусоците мора да ги набавуваме по високи берзански цени, но и индиректно, поради зголемените трошоци за производство на електрична енергија во домашните капацитети. Фирмите веќе го почувствуваа енергетскиот шок, бидејќи веќе купуваат електрична енергија по многу повисоки цени споредено со пред девет месеци. Во однос на енергетската криза на европското тло, останува да се види како ќе тече производството од обновливите извори, што е одредено од временските услови, а тоа ќе влијае на цената. Но, со вакви околности, сепак можеме нешто да сториме на домашен план, за да помогнеме за закрепнувањето. Последните години не е изграден нов енергетски капацитет, а оние што ги имаме се стари или недоволно ремонтирани. Ние како мала земја, која најмногу зависи од увоз на скапа електрична енергија, треба да се ориентира кон сопствено производство. Македонија треба постепено и рационално да почне да инвестира во гасни централи, хидроцентрали, ветерници и соларни системи, па дури и во модуларни нуклеарни мали централи. Со ваков начин единствено ќе можеме да го фатиме чекорот со зелените политики за кои се залагаат сите и да произведуваме струја.


Недостигот од електрична енергија во земјава изминатиот период беше дополнуван со преземање енергија од европската мрежа, но и со увоз на енергија од страна на државната ЕСМ, која купуваше струја за покривање на домашните потреби.


Деновиве најчувана тајна е колкав е моменталниот увоз на електрична енергија и по која цена ќе се плати истата. Овој товар на македонската економија ќе биде претежок за граѓаните, бидејќи сега недостатокот на електрична енергија ќе биде од увоз, а цените на берзите се екстремно високи.


Интервентниот увоз на енергија го отвори прашањето колку средства досега се одлеаја за задоволување на потребите од енергија, но и колку дополнително ќе ни бидат потребни. Тешко може да се каже колку ќе не` чини оваа криза вкупно, но се надевам сега им е јасно дека овој сектор бара навремено планирање и сериозен пристап. Ако грубо речеме како што беше некои денови, на дневно ниво трошиме по еден милион евра за увоз на струја, тогаш планираните пари од буџетот ќе се потрошат за шеесетина дена. Покрај РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Неготино“ не се увезува толку многу енергија, па да се надеваме дека нема да имаме толку големи трошоци.


Важна поука од актуелната ситуација е дека треба да се одржуваат домашните енергетски објекти, а не да се избрзува со нивно затворање. Покрај тоа, исклучително важно е да се вложат искрени сериозни напори за изградба на нови објекти, заради покривање на базните потреби за енергија. Секако, новите објекти треба да се карактеризираат и со соодветна флексибилност, поради очекуваното зголемено учество на постројки засновани врз обновливи извори на енергија.


 

Коментари
Нема коментари.
 
Архива