портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
ГО САКА ЛИ МАКЕДОНИЈА РУСКИОТ ГАС?
март 2019
Ристо
Никовски
Односите меѓу САД и ЕУ се заоструваат што може да води кон поголемо осамостојување на Брисел. Ако се намали американското влијание и овој гасовод ќе стане возможен.


Новиот руски гасовод е долга приказна. Првобитниот “Јужен тек“ го забрани ЕУ под притисок на САД а сегашниот “Турски тек“ треба да стигне само до турско - грчката граница. Во еден период беше актуелно дека, на патот кон Европа, истиот може да помине и низ Македонија. Потоа се’ се стивна. Очигледно е дека засега е сигурен само делот за и низ  Турција, кој веќе се гради иако планот да се стигне до Европа останува. Според добро информирани руски извори, Македонија до сега воопшто не покажала интерес овој гасовод да поминува низ нашата земја. Ако имате такви амбиции, велат Русите, што очекувате – ние да ве молиме? Иако често се зборува дека трасата ќе минува низ Бугарија, Србија и Унгарија кон Австрија, факт е дека таа не е прецизирана. Неспорно е дека Бугарија прави се’ гасоводот да помине преку нејзината територија ама, сепак, има изгледи, нека бидат и теоретски, да се гради преку Македонија. Москва е лута на Софија бидејќи минатиот пат ги изигра и овој пат, ако имаат и други опции, добро ќе размислат. Брисел, пак, веројатно ќе игра на картата на Софија бидејќи беше причината зашто минатиот пат извиси а Бугарија е и членка на ЕУ.

Извесно е дека Русија нема да планира ништо по  турската граница додека Брисел (Вашингтон) не даде јасна согласност за изградба. Моментално, САД се одлучни да го спречат продолжувањето на гасоводот кон Европа. Во посета на Унгарија, државниот секретар Помпео деновиве жестоко го критикуваше нивниот интерес за овој гасовод и инсистираше да се подготват за увоз на течен гас кој доаѓа од САД. Сепак, прашање е до кога Унијата ќе ги следи нивните интереси кога понудениот руски гас и е потребен и е на врата. Вашингтон притиска и против вториот крак на “Северниот тек“, за Германија, ама никој не ги есапи. Градбата продолжува без застој иако има американска закана и од санкции.

Какви се огромните придобивки ако гасоводот минува низ Македонија нема да елаборираме. Ќе заклучиме само дека е сосема нормално, опортуно и домаќински државата да се заинтересира за овој гасовод и да стори се’ што е во наша моќ да се избориме да бидеме дел од овој важен проект. Би било неодговорно ако не го истакнеме нашиот интерес. Факт е дека нашите односи со Русија се рамни на нула во моментов, дека нашите “политичари“ постојано ја ставаат Русија во негативен контекст, дека крајно непотребно протеравме нивни дипломат... И медиумите исто така фрлаат отрови врз Русија, што е сигурно во некаква координација. Сето тоа се прави со цел да не бендисаат нашите “стратегиски партнери“ од преку барата. Сепак, откако тие веќе не прекрстија, по нашата капитулација на сите сектори кои за нив беа важни, ред е нешто и да побараме. Колку и да е тоа некаков ерес. Во интерес на сопствената земја мора постојано и посветено да се работи. Ако треба и да се гризнува јазикот. Со нашата едностраност ние потврдуваме дека навистина сме на линијата на огнот (против Русија) како што не дефинира државниот секретар Џон Кери.

Околу овој исклучително значаен проект, ако мора, нашите политичари прво нека разговараат со САД. Нека се бара макар начелно разбирање проектот да врви преку Македонија, во случај да продолжи кон Европа. Потоа нека се контактира Москва, со барање во проектот да биде вклучена и нашата земја. Не треба да бидеме поголеми католици од папата. Досега, дадовме се’ а не добивме ништо. Да имавме искусни политичари или државници, епизодите со Бугарија и Грција ќе беа сосема поинаку одиграни. Ќе останеше нешто и за нас. Не е доцна да се добие макар утешна награда. Рускиот гас е убава прилика за тоа.

Односите меѓу САД и ЕУ се заоструваат што може да води кон поголемо осамостојување на Брисел. Ако се намали американското влијание и овој гасовод ќе стане возможен. Мораме да бидеме подготвени и за таков евентуален развој.

Енергијата е клучот на економскиот напредок. Не смее да се потцени ни другата инфраструктура (патишта, железници, далноводи...) ама ако нема погонска сила, нема развој. Кога е таа скапа, се намалува конкурентноста на стопанството и се’ се врти во маѓепсан круг. Гасот е поевтин од другите енергенти, освен од атомската енергија. Најдобар е и од еколошки аспект што е за нас особено важно. Начинот на кој до сега го користевме веќе изградениот гасовод е своевиден македонски резил за кој никој не одговара а штетите се немерливи. Тој е показ за нашата некадарност.

Пред повеќе од 10 години, МАНУ подготви - “Стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија, за периодот 2008 – 2020“, која изгледа остана како нацрт и е веќе застарена. Тоа е документ кој секоја година мора да се надградува ама кај нас тоа не се прави. Се зборува за нова стратегија која е  итно потребна.

Деновиве читаме дека “Хеленик петролеум“, кој ја купи ОКТА, околу што имаше и голема афера на времето, бара оштета од 32 милиони евра. Познато е дека договорот за продажба на ОКТА од наша страна го подготвуваа аматери и последиците се огромни. Причината веројатно лежи во спомнуваната корупција, поради која нема место за експерти. Во меѓувреме, ОКТА престана да работи и е само увозник на нафтени деривати, и никој не кажува дали е сето тоа во согласност со договорот кој наводно наскоро истекува, или не? Ако ОКТА веќе не работи, дали е договорот и понатака важечки или има можности нешто да се извлече во наша полза? Дали е во ред ОКТА да биде само увозник на деривати? Знае ли некој, впрочем, што се случува со нафтоводот за ОКТА од Солун, во кој и државата има свој капитал и акции? Државата била секогаш лош домаќин и затоа пропадна и социјализмот. Можеби некој и се грижи за овие работи ама народот нема поим а треба да биде информиран. Во спротивно, изгледа дека нешто се крие. Во секој случај, договорот за ОКТА мора детално и стручно да се преиспита со помош на странски експерти и да се искористи се’ што може.

Македонија е енергетски дефицитарна и мора да бара долгорочни решенија. До сега тоа не беше случај. Долги години ништо не е изградено на овој план што покажува крајна негрижа. Хидроцентралите “Козјак“ и “Света Петка“, ветерниците кај Богданци, малите хидроцентрали и најновата фотоволтаичната инсталација во Осломеј се недоволни исклучоци. Многу и долго се пишуваше за хидроцентралите “Чебрен“ и “Галиште“ ама ништо не се случи. Имаше и тендери и на тоа се застана. Добро е што повторно се спомнуваат. Се зборуваше и за “Луково поле“...

Во меѓувреме, Бугарија донесе одлука, сепак, да се гради атомската централа “Белене“. Софија најави дека постапката за избор на стратегиски инвеститор ќе започне многу брзо. Засега, заинтересирана била само кинеската национална атомска корпорација CNNC. Се очекува проектот да се комплетира за осум години и да чини околу девет милијарди евра. Бугарија и порано а изгледа и сега и нуди партнерство на Македонија и понудата мора сериозно да се разгледа. Евентуалниот договор мора да го прават врвни експерти за да не останеме повторно со куси ракави во зима. Атомската енергија е далеку најевтина а ние немаме никакви можности ниту капацитети сами да градиме таков објект.

Кога зборуваме за ваква можност, сеќавањата зборуваат дека Македонија, поточно Железарата, на времето, вложи капитал во изградбата на еден од блоковите на термоелектраните на Косово, за трајно обезбедување со енергија. Ако е тоа точно, чуди што по распадот на СФРЈ никогаш не се спомна овој проблем и не се постави прашањето на сопственоста. За таков потег се’ уште не е доцна. Дека не ги бркаме сопствените интереси зборува и едно лично искуство. За време службувањето во Тирана, утврдивме дека во клириншкиот долг на Албанија кон Југославија, неколку милиони долари и припаѓаат на Македонија. Веднаш алармиравме во Скопје и баравме инструкции што и како да преземеме. Потсетувавме на проблемот неколку пати ама никаков одговор не добивме. Другите југословенски републики чинам дека си ги наплатија  побарувањата. Дали истата индоленција се крие и овде?

Текстов не го пишува експерт за енергетика. Евентуалните не прецизности не треба да пречат бидејќи е ова само апел да се преземат енергични мерки околу енергетските проблеми на Македонија, кои доцнат со години а можеби и децении и ќе бидат се’ поголема пречка за побрз развој на земјата.


Коментари
Нема коментари.
 
Архива