портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
СЛАВАТА МИЛУВА АМА КОРУПЦИЈАТА УРИВА
февруари 2019
Зоран
Иванов
Изборите се најдобрите околности за длабоки зафати. Шанса со нови луѓе до посакуваната држава спакувана според насоките од Прибе. Со многумина во сегашниве раководни ешелони тоа не бидува.       

Зоран Заев ќе треба бргу да ја реши дилемата извесни избори или неизвесни реформи.        



Британскиот премиер Винстон Черчил ја предводеше својата земја во војната против фашизмот и заедно со сојузниците ја доби. За своите сограѓани тој беше симболот за храброст, репер за борбеност, за решителност во донесувањето стратегиски одлуки за одбрана на татковината. Неговите сограѓани го славеа, го креваа до небо. Војната заврши, победничката еуфорија стивна, мобилизацијата попушти, секојдневието надвисна. Први повоени британски парламентарни избори. Кандидатот за нов мандат, актуелниот шеф на владата ги изгуби изборите. Британците не му ја дадоа довербата на својот воен херој. Проценија дека им се потребни нови водачи за нови мирнодопски постигања. Премиерот ја доби војната во војна, ја загуби битката во мир.

Неспоредливо со британската и светска политичка величина, па сепак само како асоцијација за политичкате судбини еве, збор два и за македонскиот експремиер. Никола Груевски десет години беше неприкосновен владетел. Ги окупира институциите, ги потчини медиумите, го завладеа судството, ја партизира државата, го хипнотизира парламентот. Го славеа, опеваа и величеа илјадници граѓани и партиски поданици распослани по разни буџетски џепови. Алчноста на премиерот и коруптивната спирала го сведе Груевски на беден бегалец од правдата.

Актуелниот премиер Зоран Заев е херојот на ова време. Зслужено извесен нобеловец. Со бомбите со кои го кутна режимот покажа вонредна храброст. Ги издржа сите навреди, обвинувања, закани. Со Преспанскиот покажа ретка државничка мудрост. Го величаат шарените, некорумпираните, чесните, домаќините. Сега е тој на власт и е неприкосновен политички авторитет во партијата, во институцијата држава и широко во општеството. Со рејтинг кој навидум обезбедува политички опстанок на подолг рок. Во политиката, меѓутоа, се е навидум. Искуствата од погоре на текстот не се нотирани како поука, туку само како потсетување.

Преспанскиот мина. Премиеровата упорност и посветеност во решавањето на деценискииот горлив проблем како за земјава така и за регионот, па и за глобалните стратегиски интереси, му донесе голема меѓународна популарност и безрезервна подршка. Но цената, политичката цена што тој ја плаќа дома е висока. Гледано од некаов изборен агол, дури и ризично превисока. И неопределените, мнозинството гаѓани кои на сите избори партиските актери ги промовира или ги симнува од власт, сега ја воспеваат неговите победа добиена во војната за високата меѓународна позиција на државата.

Но, во истовреме, тоа исто тивко граѓанско мнозинство повеќе не е во состојба да простува за домашните егзистенцијални стагнирања. Тоа исто тивко мнозинство со чија помош Заев го струполи режимот, се погласно и попбучно негодува за зачестените афери, за режимскиот континуитет на тендерските местенки, за фондовските манипулации, за директорските луксузирања, за непотизмот и партиските вработувања и за задкулисните неинституционални коалициски калкулаци.

Дилемата можат да му ја разрешат фактите од теренот. Тие не се во прилог за неприфаќање на можноста за избори сега. Клиентелистичките манири кои стануваат се повидливи, а коруптивните појави се понагласени, му ги нагризуваат дигнитетот и довербата. Затоа изборите му требаат, ако за ништо друго, приоритетно да расчисти со тие на кои им даде шанса. Оние за кои ја избори битката и со режимот и со уставот и кои, додека тој војуваше за државата, во заветрината на таа негова борба тие ги злоупотребуваа привилегиите на државните позиции на сите нивоа.

Глодарчињата на народните пари катадневно му ја одземаат политичката сила. Поради тие причини, токму во времето на вознесот од историскиот дипломатски успех, највлијателниот македонски политичар полека но сигурно домашниот политички терен го препшушта на неизвесноста на времето.

За Алијансата победивме. Колатералната штета се урнисувањето на правниот систем и непочнатите реформи во сите области. Сега сме веќе на теренот на Унијата. Најтешките натпревари се токму тука. Во политичка смисла луѓето сме како публиката на трибините. Брзо се забораваат погодоците, ствинуваат аплаузите и веќе на првото промашување ечат свирежите. Инерцијата го совлада овој кадровски состав. Привилегиите достапни од позициите на власт го подзаспаа бројниот владин реформски тим.

Одговорните по институциите не покажа агилност, не даадоа очекувани резултати. И по хоризонтала и особено мноштвото подлабоко по вертикала, не манифестираа капацитет за промени. Конформизмот, клиентелизмот, буџетските привилегии корумпираат безмилосно. Како што и самиот премиер вети, сега е време да заиграат камшикот од надвор и метлата за внатре. Тие што избираат власт и што уриваат власт се во очекувања за малку подобар живот. Мнозинството граѓани на премиерот уште силно му веруваат. Но тапкањата по рамо брзо ќе минат. Со сите ризици ама и со нови можности, Зоран Заев ќе треба бргу да ја реши делемата - извесни избори или неизвесни реформи.

Изборите се најдобрите околности за длабоки персонални зафати. Шанса со нови луѓе до посакуваната држава спакувана според насоките од Прибе. Со многумина во сегашниве раководни ешелони тоа не бидува. Нужно е брзо широко и длабоко кадровско проветрување.

Славата милува ама корупцијата урива. Со штитот или на него е амбиентот што асоцира на политичката судбина на британскиот премиер.

Ова е време во кое Зоран Заев ја доби војната во војна. И време во кое му се потребни избори за да не ја изгуби битката во мир.

   

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива