портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Русија, Украина и Белорусија - дестинации за извозна експанзија
октомври 2012
амбасадор
Ристо Никовски
Ако се задржиме на извозот, клучното прашање е - каде Македонија треба да ја усмери својата експанзија? Западот е заситен, затворен, избирлив, и таму тешко може поагресивно да се продре со додатни македонски производи или количини. Веќе 60,6 проценти од извозот (2011) оди во ЕУ.


1. Македонската економија е мала, недоволно развиена и соочена со бројни структурни проблеми. Долгото непризнавање на државата, двогодишната на јужната, и повеќегодишната блокада  на северната граница (санкциите на ООН врз Србија), комбинирано со катастрофалната приватизација, му нанесоа тешки удари на македонското стопанство. Светската банкарска и европска финансиска криза исто така имаат силно влијание врз неговите токови, иако тоа не се манифастира нагласено. Состојбите ги усложнува и фактот што, последниве години, се блокирани евро-атлантските интеграции а земјата е и уценета, што продуцира и политичка и социјална нестабилност. За да се тргне на економски план подинамично напред, потребни се реални проценки, утврдување на приоритети и долгорочни стратегии.

2. Основен фундамент на секое општество е - стопанството. Тоа е носител на спиралата на севкупните движења. Кога има брз развој, со висок пораст на БДП - се оди нагоре. Се создава клима за разрешување на сите други проблеми кои, на свој начин, се релативизираат. Намалување на невработеноста на 10 или 15 проценти (од сегашните преку 30), на пример, или достигнување на ниво од петстотини и повеќе евра просечна плата, би го свртело и интересот, и вниманието на сите граѓани кон зголемување на личниот и семејниот стандард. Така би се минимизирало и непродуктивното политизирање а со тоа и екстремизмите, национализмите и сл. Никој не би прашувал дали си Македонец, Албанец, Турчин, Србин... туку секој би гледал повеќе да заработи, да отпатува на одмор... Без развој, се’ оди - надолу.

Значи, излезот од бројните сегашни проблеми, кои често ни изгледаат и нерешиви, можеме и мораме да го бараме пред се во максималното забрзување на економскиот развој. Формула како да се постигне тоа - нема. Но, ако фокусирано се работи во неколку клучни правци, резултатите ќе дојдат.

3. Зголемување на извозот е еден од основните начини за забрзување на развојните процеси. Особено во услови кога е во прашање мал Пазар, како нашиот, а куповната моќ на населението е ниска. Тоа би овозможило поголемо искористување на расположивите индустриски, земјоделски, туристички и други капацитети, кои не се за потценување. Така би се намалиле трошоците, би се зголемила економичноста и конкурентноста, а со тоа и доходот, би се зголемиле и платите а би имало и нови вработувања, без поголеми нови инвестиции.

4. Туризмот е исто така сектор кој може да го забрза севкупнот развој на земјата. Промоцијата на нашите можности веќе донесе зголемен број туристи ама тоа се само почетни резултати. Во секторот се потребни и големи вложувања ама може да се започне и со многу порационално користење на расположивите капацитети. Се запрашал ли некој зошто сезоната во Охрид трае месец, месец и пол а останатиот период се е празно? Меѓу другото, Охрид има идеални услови за здравствен туризам, особено за срцеви болести кои се меѓу најраспространетите во светот. Здравствените услуги кај нас се непропорционално поефтини од западните земји а имаме и невработени лекари и стоматолози. Зошто пензионерите од Шведска, Финска, Данска и други (не само) северни земји, дел од зимата да не проведуваат во Охрид, под квалитетна лекарска нега? И, при тоа, да заштедуваат дури и 50 проценти од своите пензии! Како би звучела една таква реклама? Целна група и не треба да бидат само пензионерите. Со еден таков пристап, кој не бара големи пари, од октомври до мај капацитетите во Охрид можат да бидат добро искористени и градот 12 месеци да живее во летен ритам. Да не забораваме дека туризмот е најслаткиот извоз - место да даваш дампинг цени, наплатуваш и ДДВ!

5. Привлекувањето на странски инвеститори носи повеќекратна корист и на тоа веќе успешно се работи. Иако анимирањето, преговарањето, градењето и активирањето на капацитетите е подолг процес, тоа е сигурен начин и за структурни промени, и за модернизација на производството, и за зголемен извоз... Напорите кои се прават на тој план заслужуваат целосна подршка.

5. 1. Меѓутоа, типично македонски, во истиов портал, деновиве, еден истакнат политичар, напиша - што бараат нашите промотори во Сингапур?!? Што бараат, де? А, тоа е земја со 4,6 милиони жители и БДП (2009) од 228,1 милијарди долари, што е 23 пати повеќе од нашиот во 2011 (10,1). Ама, Сингапур, истата година извезе стоки во вредност од 450,6 милијарди долари (ние, во 2011 - 4,46) или - 100 пати повеќе од нас. Не кревајте раце. Бројките се точни - во голем дел се работи за реекспорт, што носи најчисти профити.

6. Ако се задржиме на извозот, клучното прашање е - каде Македонија треба да ја усмери својата експанзија? Западот е заситен, затворен, избирлив, и таму тешко може поагресивно да се продре со додатни македонски производи или количини. Веќе 60,6 проценти од извозот (2011) оди во ЕУ.  Сигурно и таму има можности за зголемување ама, објективно - не многу големи. А тоа да се постигне, преку соодветен маркетинг, е скапо за нашите стопански субјекти, кои се осиромашени и, во најголем број, мали и немоќни за такви потфати. 

И со балканските земји постигнат е некаков максимумот. Во 2011, кај нив се реализирани 27,6 проценти од вкупниот извоз. Можностите за поголем пораст и таму има ама се, исто така - ограничени.

7. Кои се, тогаш, другите опции кои треба да се бараат? Секако дека не смееме да ги игнорираме огромните пазари на Кина, Индија, Јапонија, САД, Бразил, Австралија, Канада, цела Африка и Латинска Америка и добар дел од Азија... ама се се тоа далечни, непознати, неистражени, нетрадиционални, специфични... пазари. Тешко дека некоја извозно ориентирана  компанија, сама може да се осмели да тргне да ги освојува. За да се оди таму, потребни се и големи количини на стока која би се понудила а и тоа го немаме. Во некои од нив треба да се оди со ексклузивни производи како галички кашкавал, специјални вина... со обиди да се прошират и асортиманот и количините. Во други, каде живеат бројни Македонци, треба да се нудат типични производи (ајвар...).

8. Реално гледано, значаен извозен резултат, во релативно кус период, може да се постигне само на потегот Белорусија - Украина - Русија. Тоа е пазар од скоро 200 милиони потрошувачи (480 во ЕУ), повеќе или помалку познат а, од времето на Југославија и - традиционален. Во тогашниот СССР, извозот од Македонија достигнуваше и до скоро 400 милиони долари годишно. Потребно е значи враќање на дел од овој огромен пазар, сега поделен во повеќе држави. До таму и транспортот не е проблем - се стигнува и со воз, и со камиони. Ако се развие работата, можно е организирање и на мандатни, специјални возови кои брзо би пристигнувале до крајните дестинации. За проектот да успее, потребна е изработка на стратегии за настап, посебно за секоја од трите земји.

За овие пазари е заинтересиран целиот свет, и ние не смееме да ги игнорираме. Без никакво сомнение, на нив можеме да најдеме свое место.

9. Освојувањето (или враќањето) на овие пазари може да се постигне само со јасно дефинирани и координирани активности на државните органи, на сите комори и на стопанските субјекти. Со оглед на условите, компаниите сами тешко можат да остварат позначаен продор. Поедини фирми веќе се присутни на овие пазари, други активно се обидуваат, но сето тоа е срамежливо, недоволно. Треба да се тргне одлучно, заеднички, координирано и сите проблеми и тешкотии, кои секако ќе се јавуваат на тој пат, да се решаваат во од. Упорно мора да се оди напред, со длабока увереност дека мора да се успее.

10. Нашите деловни луѓе, кои подолго време живееја и работаа во Москва, беа едногласни: се што се произведува кај нас, може да се продаде во РФ, под услов стоките да се однесат таму! Истото сценарио целосно важи и за Белорусија, и за Украина. Ситуацијата нема вечно да биде таква и затоа треба што поскоро да се тргне во офанзива и организирано да се освојуваат овие големи пазари.

11. Главната задача треба да биде отворање на македонски дистрибутивни центри. Само така можеме да продираме. Барем на почетокот. Прво треба сериозно да се размисли каде точно би се лоцирале истите и со колкави капацитети, со можност за проширување. Во Русија, на пример, првиот би можел да биде во Московската област. Потоа треба да се оди кон подалечните региони. Закупувањето на соодветен магазински простор би било согласно конкретниот интерес на компаниите. Фирмите би партиципирале во трошковите со плаќање на својот дел и вработените, кои треба да бидат и локални и наши. На почеток, стоките би се транспортирале со шлепери а подоцна со воз бидејќи е тоа најефтино.

12. Би било корисно да се обезбеди и одредено поволно финансирање на производството наменето за овие пазари, особено на потрајни стоки, како што е намештајот, одредена електро опрема... Огромен број на нови станови се градат во овие земји, а за нив е потребен намештај. Го нудат од целиот свет и нашите производители сигурно би нашле интерес да бидат присутни. Бидејки сите тие се мали, некој треба да им помогне со финансирање под прифатливи, преференцијални услови а не со високи банкарски камати. Треба да се размислува и за рефакција на транспортните трошоци, барем во првите година, две.

13. РФ има и огромен слободен капитал кој бара атрактивни проекти. Освен рудникот Саса, Лукоил, фабриката во Бунарџик... кај нас има малку руски инвестиции. Промоциите направени во Русија (Роад схоњ-ата) беа исклучително важни и треба да се продолжи со соодветни активности.

Досега, со гасификацијата се усрамивме и пред себе, и пред Гаспром, како партнер. Поради недоразбирањата меѓу Владата и Макпетрол, постојниот гасовод долго години практично не се користеше. Во корист на сопствената штета. Затоа, што поскоро треба да започне најширока гасификација на земјата, вклучувајки и детална на Скопје и на другите поголеми градови. Мора да се вклучат и земјоделските региони, каде со ефтина и чиста енергија треба да се стимулира раноградинарско производство кое главно е наменето за извоз. Голем дел од тоа може да се пласира и на овие три пазари. Русите имаат и искуство во гасификацијата и можност да финансираат. Проектите сврзани со гасоводот Јужен поток треба да донесат нови квалитети. На тој начин, значајно ќе се промени структурата на нашата енергетика. Ќе се намали увозот и на електрична енергија и на нафта што ќе донесе големи заштеди.

14. Трите земји ни се блиски и духовно, и верски бидејки корените на писменоста се кај нас. Со адекватна промоција, десетици и десетици илјади туристи од овие земји можат да доаѓаат на ходочастие во Македонија. Руските туристи го освоија светот. Ги има насекаде, освен кај нас.

15. Ова се само начелни размислувања.  По логиката на нештата, коморите би требало поконкретно да се ангажираат на овој план и, со разработени проекти да бараат подршка од Владата, која мора да биде своевиден мотор на една таква експанзија. Со активностите за привлекување странски инвестиции, Владата покажа дека има не само капацитет туку и осет за вакви потреби. Впрочем, на еден или друг начин, со слични активности се бават владите на сите земји. Претседателот на САД, на пример, оди во С. Арабија и потпишува договори за милијарди долари американски извоз. Истото го прави и францускиот претседател, во Кина... Тоа се земји на класичен капитализам и пазарно стопанство но државата ни оддалеку не е, ниту смее да биде настрана од бизнисот.

Најефикасно би било ако финансирањето на почетните активности за формирањето на дистрибутивни центри ги покрие Владата. По нивното разработување таа би се повлекла и својот дел би го продала на заинтересираните компании, со што би го вратила вложениот капитал.

16. Пред шест години, дистрибутивен центар во Москва планираше да отвори и Унгарија, чиј извоз во РФ беше приближно милијарда долари. Нивните големи фирми не биле заинтересирани, бидејки имале воспоставено директна соработка. Малите и средни претпријатија инсистирале бидејки сами не можеле. Центарот требаше да го финансира унгарската влада.

17. Првиот наш чекор во горната насока би можел да биде прецизно дефинирање на целите и активностите за започнување на извозна експанзија. Паралелно, би се покренала постапка за регистрирање на сите заинтересирани фирми, со најава на стоки и количини кои сакаат да ги извезуваат. Би следело формирање на еден вид кластер (конзорциум) на овие компании. Потоа, со помош на амбасадите, промоторите и други релевантни институции, би се подготвила конкретна стратегија за акција.

18. Ако се реализира ова замисла, евентуалниот успех, макар во една од трите земји, ќе отвори перспективи за настап и во другите поранешни советски републики. И не само во нив.

19. Циклусот на извозна експанзија, после сериозни и длабински подготовки, може релативно бргу да започне кон овие три пазари. Тоа ќе го динамизира целото стопанство што ќе предизвика додатен интерес и кај домашните, и кај странските инвеститори. Благодетите ќе бидат повеќеслојни.

20. Забрзаниот стопански развој на земјата додатно ќе го стимулира вклучувањето во ЕУ. Преку експанзијата на извозот, со продор на нови пазари, за која цел првично би се користеле расположивите капацитети, најлесно може да се стимулира брзиот пораст на БДП. Според некои податоци, во земјата не се користат околу 100 илјади хектари обработливо земјиште. Некој треба да пресмета какви приноси може да се соберат од нив и колку луѓе да се вработаат. Така, сериозно би се намалила и стапката на невработеност. Во тек е процес на дистрибуција на државна земја ама впечатокот е дека тоа мора да се прави многу поодлучно и побргу. Сите што ќе добијат обработлива земја, и нивните семејства, треба веднаш да се бришат од списоците на невработени. Пред повеќе години, така направи и Албанија каде стапката на невработеност, токму поради тоа, е само околу 17 проценти.

21. Секогаш се може повеќе. И во најтешки услови, и во време на криза... Само, под услов да се имаат добри проекти и да се знае што се сака. Сингапур е многу поучен пример. Генијалниот премиер Ли Куан-ју, за кратко време, земјата ја “префрли” од “третиот”, неразвиениот, во “првиот”, најразвиен свет. Многу работи можат да се копираат од таму.





 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива