портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Долгот загрижувачки, власта опуштено комотна
октомври 2015

Растот на јавниот долг во Македонија се движи со загрижувачка брзина. Експертите предупредуваат дека ваквото темпо многу бргу може да предизвика експлозија.


Македонија се движи по тенка линија кога станува збор за јавниот долг, неговата висина, управувањето. Брзото темпо на акумулирање на долгот во последните неколку години според експертската јавност добива загрижувачки димензии, односно безмалку двојно се зголеми од 2008 година кога изнесуваше 23% од БДП. Наспроти препораките за намалување на темпото на трошење на народните пари во функција на намалување на буџетскиот дефицит во континуитет се спроведува експанзивна фискална политика. Според официјалните податоци, заклучно со вториот квартал годинава долгот достигна безмалку 44% од БДП. Дел од експертите се сериозно загрижени:

„Јавниот долг е загрижувачки висок и мислам дека тој воопшто не е на ниво од околу 44% колку што кажува Владата туку повисок. Тој е сигурно над 50% бидејќи во податоците што јавно се објавуваат фалат долговите на општините. Постојано апелирам и предупредувам дека темпото на задолжување што го прави оваа Влада е загрижувачко, но оваа власт не почитува ништо. Со секој ребаланс на буџет се пробива утврдениот дефицит, се корегираат стапките на раст, не се реализираат предвидените капитални инвестиции, а се зголемуваат непродуктивните трошења. Фискалната стратегија е колку да се има формален документ. Таа предвидува до 2017 долгот да достигне 50% од БДП, но тој веќе е надминат. Слушнете ги препораките и на Меѓународниот монетарен фонд кој во последниот извештај сугерира дека е потребно да се остави простор и до 50% за да се има простор за маневар во одредени ризични ситуации. Фискалното правило во регионот е 50%, кај нас власта си го постави на 60% кое ако продолжат ваквите политики може многу бргу да се достигне и надмине како што тоа и се случи на Србија сега се намалуваат пензии, плати, вработени во администрацијата“, предупредува поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев.

Дека е потребна внимателност, но и сериозност во управувањето со јавните финансии предупредуваат и монетарците. Во последниот извештај Меѓународниот монетарен фонд препорача кратење на непродуктивните трошења и заштеди во функција на намалување на буџетскиот дефицит, кој напротив, со усвоениот ребаланс годинава дури и се зголеми:

„Брзото темпо на акумулирање на долгот во текот на последните неколку години е загрижувачко. На околу 44% од БДП, сегашното ниво на долг на јавниот сектор може да го ограничи капацитетот на фискалната политика за ефикасно справување со предизвиците во иднина. Поставувањето апсолутно ограничување за јавниот долг на ниво од 60% како и за буџетскиот дефицит на ниво од 3% од БДП согласно предвиденото фискално правило ќе претставува добредојден чекор. Но, како што се прави во другите земји во регионот, ограничувањето на јавниот долг на ниво од 60% треба да биде надополнето со понизок оперативен таргет, или кочница за долгот на ниво од 50% од БДП. Ова ќе обезбеди соодветен простор за политиката за справување со шокови. Исто така треба да се имаат предвид долгорочните фискални обврски од демографска природа, како што се трошењата за здравствена нега и пензиите. Пониско ниво на ограничување на долгот ќе им помогне на властите да се справат со ваквите фискални притисоци и во иднина. Ова е причината зошто ММФ советува за попретпазлив фискален пристап, особено имајќи предвид дека просторот за фискална политика изграден пред кризата во 2008 година, оттогаш наваму е во голема мера исцрпен. Навистина, гледано во целост, постои чувство дека во текот на изминативе неколку години постои ограничено внимание кон советите на ММФ во областа на фискалната политика и јавните финансии“, изјави претставникот на ММФ во Македонија Патрик Житон во интервју за магазинот Капитал.

Поголема транспарентност

Поголема сериозност, но и транспарентност и отчетност бара и опозицијата која дури и предложи конкретен законски модел со кој јавноста би имала увид како и на што навистина државата ги троши народните пари. Сепак ваквиот предлог на СДСМ претставниците на власта во парламентот експресно го отфрлија како несериозен. Наспроти предупредувањата и загриженоста за висината на долгот, односно темпото на задолжување Владата демонстрира смиреност но и задоволство од фактот што земјата е во редот на петте најмалку задолжени во Европа како резултат на добрите економски политики. Со ребалансот за годинава дефицитот се зголеми на 3,6%, догодина пак тој ќе изнесува 3,2% и најверојатно ќе се финансира со издавање на нова еврообврзница.

За разлика од претходно утврдените граници за движење на нивото на Јавниот долг до максимални 40% од БДП, со последната Фискална стратегија овие граници се поместуваат до максимални 60% од БДП. Според Владата, задолженоста и натаму ќе расте но со умерено темпо, а земјата ќе остане во зона на ниска задолженост.

“Движењето на јавниот долг, кој го вклучува државниот долг и гарантираниот долг, ќе се задржи во проектираните рамки, односно ќе има умерен раст кој нема да ја загрози одржливоста на јавните финансии, па оттука се очекува јавниот долг да не надмине ниво од 60% од БДП на среден и долг рок“, пишува во Фискалната стратегија. Според податоците во 2017 та година долгот треба да достигне 50% од БДП.

Автор:Костадин Делимитов

Превземено од:

http://www.dw.com/mk/%D0%B4%D0%BE%D0%BB%D0%B3%D0%BE%D1%82-%D0%B7%D0%B0%D0%B3%D1%80%D0%B8%D0%B6%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%87%D0%BA%D0%B8-%D0%B2%D0%BB%D0%B0%D1%81%D1%82%D0%B0-%D0%BE%D0%BF%D1%83%D1%88%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%BE-%D0%BA%D0%BE%D0%BC%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B0/a-18778079



 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива