портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
500 евра месечно не ги привлекуваат невработените
септември 2015

Постои интерес од работодавците за ангажирање сезонски работници во земјоделството, туризмот и во градежништвото, но одѕивот е многу слаб. Сопствениците на поголемите фирми за производство на зеленчук и овошје од источна Македонија велат дека сѐ поголем број сезонски работници ги напуштаат македонските ниви, иако дневно можат да заработат околу 1.000 денари, или месечно и до 30.000 денари (близу 500 евра), што е повеќе од просечната плата во државата, која изнесува околу 22.000 денари.


 Интересот за сезонска работа помеѓу невработените во Македонија од година на година се намалува. Постои интерес од работодавците за ангажирање сезонски работници во земјоделството, туризмот и во градежништвото, но одѕивот е многу слаб. За разлика од кај нас, ангажирањето на сезонските работници добива огромни размери во соседните и во високоразвиените земји. Упатените во оваа проблематика потврдуваат дека ова лето има послаб интерес за сезонско вработување, како и дека многу граѓани што се во потрага по работа во летниот период се одлучуваат да заминат на работа во странство. Главна причина за тоа се примањата, кои во земјава се пониски отколку во странство. Сопствениците на поголемите фирми за производство на зеленчук и овошје од источна Македонија велат дека сѐ поголем број сезонски работници ги напуштаат македонските ниви, иако дневно можат да заработат околу 1.000 денари, или месечно и до 30.000 денари (500 евра), што е повеќе од просечната плата во државата, која изнесува околу 22.000 денари.

На плантажите во Италија, Швајцарија дневницата е околу 70 евра, велат нашите соговорници.

ПОРАЗИТЕЛЕН ИНТЕРЕС

Сопственикот на агенцијата за посредување при вработување „Партнер“, Раде Ненадиќ, посочува дека интересот за сезонска работа помеѓу невработените во Македонија е поразителен.

- Има голем недостиг на сезонска работна рака и речиси е невозможно да се обезбедат сезонски работници. Причините пред сѐ се минималните дневници што компаниите ги плаќаат и непријавувањето на работниците. Сепак, интересно е и тоа дека и таму каде што дневниците се високи тешко е да се обезбедат сезонски работници - објаснува Ненадиќ.

Тој додава дека за сезонци се јавуваат претежно граѓани со завршено образование, студенти речиси воопшто нема, а и старосната структура е на страна на повозрасните.

- Факт е дека во Македонија речиси никој од евидентираните невработени во Агенција за вработување на Република Македонија не сака да работи сезонски ни за нето-дневница од 800 денари - појаснува Ненадиќ

Тој напоменува дека пред неколку дена само во текот на еден ден биле побарани околу 700 невработени од реонот на Кавадарци, но ниту еден не прифатил работа.

- Тоа е само уште еден доказ дека во Македонија официјалната стапка на невработеност е многу помала - вели Ненадиќ.

Точна бројка на сезонски ангажирани работници нема, бидејќи се ангажираат со колективни договори, кои траат од еден до девет месеци. Упатените велат дека се случува граѓаните да работат на црно, без договори и почитување на работничките права, за да обезбедат парче леб или за да не ги изгубат пензиите или социјалните примања.

ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ИМА РАБОТА

Според Љупче Станковски, потпретседател на Федерацијата на фармерите и претседател на здружението на земјоделците „Агрофаланга“, најизразена потреба за сезонска работна рака има во областа на земјоделството.

- Но, тоа не е еднакво изразено во сите земјоделски региони. Најголем недостиг од сезонска работна рака и тоа за краток временски период се чувствува во пределите каде што интензивно се одгледува иста култура, како на пример, лозарството во тиквешкиот регион, тутунот во прилепскиот, јаболката во преспанскиот. Сопствениците на површините под овие култури се принудени за краток временски период да го соберат својот род и да го предадат на откупните пунктови или да го складираат во своите магацини и поради тоа во овие краеви се појавува хроничен недостиг на работна рака во тој период - потенцира Станковски.

Според него, решение за ова, како на пример во тиквешкиот регион, е да се донесат работници од соседните градови, како на пример Велес.

- Таму, поради намалената индустриска активност, многу од работоспособното население е останато без работа и својата егзистенција ја гледаат во сезонските работа - посочува претседателот на здружението.

Станковски вели дека за навремено одвивање на земјоделските активности, сопствениците на површините сега се соочени со зголемени трошоци за транспорт на работниците, како и поради поголема побарувачка на квалитетна работна рака, со поголема цена.

- По распадот на бивша Југославија и пропаѓањето на многу индустриски капацитети, цената на сезонската работна рака се движеше околу 300 денари. Сега тоа е драстично изменето. Новите сопственици на земјишни парцели ги прошируваат своите капацитети, ги зголемуваат насадите под култури и за своите потреби од сезонски работници мора да издвојат многу поголеми финансиски средства - објаснува Станковски.

Според него, вкупните трошоци со транспорт и храна надминуваат 100 денари по час. Тој вели дека помала сума по час чинат вработените што се во редовен работен однос во текот на целата година.

- Сепак, далеку сме од оној број на сезонски работници што го имавме во времето на постоењето и функционирањето на огромните агрокомбинати како „Лозар“ од Велес. За навремено извршување на земјоделските активности му беа потребни 1.500 редовно вработени и од 2.500 до 3.500 сезонци. Нивното работно ангажирање траеше во просек од шест до девет месеци во текот на годината. Многу од сезонците добија и пензии со исполнување на условот од 15 години стаж. Но сега сме далеку од толкави обеми на производство како на почетокот на 90-тите, иако постојано се стремиме во тој правец. Со тоа расте и потребата од побројна сезонска работна рака - потенцира Станковски.

Автор: Катерина Панчевска / katerina.p@novamakedonija.com.mk      

Превземено од:

http://www.novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=9101583101&id=10&prilog=0&setIzdanie=23561

     

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива