портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Злосторствата не се амнестираат со гласање
септември 2012
доц. д-р Тони
Науновски
Главната порака што се прати со амнестијата е дека секое злосторство врз Македонци може, преку политички пазар и уцени, односно со закани за безбедноста на државата да биде амнестирано, па дури и анихилирано како историски факт.

Со секој изминат ден станува појасно колку голема грешка (во историски размери и значења) беше Законот за амнестијата на хашките случаи. Kонцизната реконструкција, односно анализа на оваа антиправедна политичка одлука покажува повеќе конкретни негативни последици врз многу аспекти на оваа држава и македонскиот народ. Во истиот миг поништувањето на овој закон (очекувана одлука на Уставниот суд по иницијативата за преиспитување на тој закон поднесена од роднините на масакрираните Македонци во 2001 г.) може да претставува пресвртна точка по што би следеле повеќе политички одлуки, со кои конечно оваа држава ќе биде високоразвиена демократска и правна држава. Иако подостоинствено би било поништувањето на тој антимакедонски закон да се случи на истото место каде што е донесен во еден неумен и антиисториски миг на Македонија, веројатно тоа ќе се случи, сепак, преку Уставниот суд на РМ. По препораките на неколку интернационални организации дека овој закон нема легитимитет во меѓународното право бидејќи злосторствата против човештвото не застаруваат и не можат да се амнестираат со обично гласање, даден е клучниот и доволен аргумент - по што само прашање на ден е кога ќе биде направена правна корекција на политичката грешка.

Kако поука за навек, рационалната анализа покажува колку несериозни беа објаснувањата на македонските парламентарци кои гласаа за амнестијата на воените злосторства (врз Македонци!), а кои може да се супсумираат под наводната желба за заборавање на минатото и за отворање нова страница на иднината. Тоа гласање во суштина беше токму спротивното, односно на некој начин се овозможија трауматските настани кои и ден-денес се случуваат – од државни документи на туѓ јазик и случаите Слупчане и Чаир до интонирање туѓи химни во буџетски институции. Во таа смисла отсуството на историска перспектива, односно неспособноста за антиципации мора да биде надминато кај политичките претставници на Македонците токму со очекуваниот пресврт во односот кон антизаконските активности на ДУИ и неопходниот историски договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека никогаш повеќе нема да прават коалиција со оваа партија.

Меѓутоа, доколку некој од оние што гласаа или ја поддржуваа амнестијата (на пример, некои самозамислени безбедносни експерти, кои ја загубија војната во 2001 г.) беше сериозен во илузијата дека со актот на амнестија ќе се придонесе за подобра иднина на Македонија, тогаш станува збор за крајно загрижувачки модел на мислење. Имено, не постои буквално ниеден аргумент дека амнестијата можеше да придонесе за некакво апстрактно и нереалистично заборавање на минатото или дека со тој акт ќе се отвори нова страница на иднината на Македонија. Можеби и се отвори за миг со тој преседан во македонската и во светската историја и реалност. Меѓутоа, таа нова страница од нашата иднина беше толку црна и депримирачка, што денот на одлуката на Уставниот суд, со која ќе се прекине антимакедонската реалност во Македонија, треба да биде прославен од секој Македонец.

Главната порака што се прати со амнестијата е дека секое злосторство врз Македонци може, преку политички пазар и уцени, односно со закани за безбедноста на државата да биде амнестирано, па дури и анихилирано како историски факт. Пораката која и не е толку нова – таа се прати до секој Македонец практично со непроцесирањето на хашките случаи во периодот од 2001 г. до денот на амнестијата и всушност со политичкото ослободување на обвинетите за случајот „Сопот“ – значи дека правната држава е целосно зависна од силата, уцените и од заканите врз институциите, односно врз македонските политички партии. Дека законите, па дури и Уставот на Македонија може да се менуваат и слободно да се интерпретираат во зависност од потребите и од желбите на едно малцинство, односно нивните политички претставници и дека Македонија како држава нема капацитет за функционирање според стандардите макар и на соседните држави. Наскоро со поништувањето на амнестијата и со процесирањето на обвинителните акти оваа порака повеќе нема да важи.



Извадокот е превземен од:

http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=033F8ED7BF83A047AB96C3E26E3B3E2C
Коментари
Нема коментари.
 
Архива