портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Анкара парализирана, масовни протести на синдикатите
мај 2014

Спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по рударите од рудникот во Сома, каде што се смета дека под земја се блокирани уште стотина лица. Надежта за пронаоѓање преживеани се намалува, откако претходно турскиот министер за енергетика Танер Јилдиз изјави дека во изминатото деноноќие нема извадено ниту еден жив рудар.


По големата трагедија, која се случи завчера во турскиот рудник на периферијата на градот Сома, каде што, според последните информации, билансот на загинати се искачи над 280, избија масовни протести низ земјата. Западните медиуми оценуваат дека оваа трагедија е впрочем свирепо убиство на работниците. Имено, две недели пред да се случи несреќата во приватниот рудник на компанијата-концесионер „Сома-комур“, владејачката партија на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, АКП, одбила да спроведе инспекција со која требало да ја испита безбедноста при работата на рудниците во Турција, јави Би-би-си.

Трагичната смрт на 282 рудари и влошените работнички права во земјата беа само повод за главните четири водечки турски синдикати да одржат еднодневен штрајк, во знак на протест за загубените животи во округот Маниса. Конфедерацијата на синдикатите на јавниот сектор (КЕСК) повика на неколкудневна целосна блокада на државата поради рударската несреќа.

- Оние што продолжуваат со приватизација, кои ги загрозуваат животите на работниците со намалување на трошоците, се виновници за масакрот во Сома и тие мора да одговараат - соопшти на својата интернет-страница КЕСК, кој претставува 240 илјади вработени.

Според Арзу Черкезоглу, главен секретар на еден од синдикатите, Конфедерацијата на револуционерните синдикати во Турција, несреќите при работа во земјата се зголемиле по приватизацијата на рударскиот сектор. Черкезоглу бара соодветен одговор на властите за трагедијата и ги повика луѓето да ја прекинат работата, да се облечат во црно и да се вклучат во маршот до Министерството за труд, пренесе АФП.

- Доколку се земат предвид работниците што ги загубиле животите во тешки и нерегулирани услови за работа, загубата на човечки животи не може да биде разгледувана ниту како небрежност ниту како инцидент - порача Ахмет Фарук Јонсал, лидер на друг синдикат, познат под кратенката Мазлумдер.

Турскиот премиер Ердоган вчера ги посети Сома и местото на трагедијата. За време на посетата тамошните насобрани роднини и пријатели на загинатите го дочекаа премиерот со плач и во гнев. Кога тој пробал да одржи говор пред насобраните, луѓето почнале да го исвиркуваат, извикувајќи: „Ердоган убиецу, оди си“. Неговите непромислени коментари дополнително го зголемиле гневот кон него, јавува агенцијата АФП.

- Несреќата детално ќе се испита, за да се најде причината за неа. Експлозии слични на оваа се случуваат насекаде низ светот. Нема место каде што не е видена ваква слична трагедија - рекол Ердоган пред насобраните роднини и пријатели на рударите.

Во меѓувреме продолжуваат судирите меѓу полицијата и демонстрантите во поголемите турски градови. Во градот Измир турската полиција употреби солзавец и водни топови за да растера околу 20 илјади демонстранти, кои учествуваат во протестите против трагедијата во рудникот во градот Сома и побараа владата да поднесе оставка. Во рудникот во вторникот во моментот на несреќата имало 787 рудари.

Според АФП, спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по рударите во рудникот, каде што се смета дека под земја се блокирани уште стотина лица. Надежта за пронаоѓање преживеани се намалува, откако претходно турскиот министер за енергетика Танер Јилдиз изјави дека во изминатото деноноќие нема извадено ниту еден жив рудар. Досега се спасени 450 рудари, изјави управникот на рудникот во Сома, Комур Ислетмелери, и додаде дека сѐ уште не знае што го предизвикало пожарот, но и оти најверојатна причина за смртта на рударите е труење со јаглероден моноксид. 

Превземено од:

http://novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=51614754549&id=11&prilog=0&setIzdanie=23175                    

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива