портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Проруски пресврт во Белград!
ноември 2013

Премиерот Дачиќ ги загрижи амбасадорите од Запад со изјавата „зошто не и понудија такви односи на Србија“



БЕЛГРАД – Амбасадите на најмоќните западни земји во Белград се многу загрижени поради изјавата на премиерот Ивица Дачиќ дека Запад „ја приближува Србија кон Русија“, пишува „Данас“.

Западните дипломати ја толкуваат оваа изјава како можен „проруски пресврт“ на првиот човек на српската влада.

Ова за „Данас“ го кажаа добро информирани извори од врвот на владата на Србија, до кои стигнаа загрижувачки реакции од повеќе амбасади, односно молби за појаснување на пораката на Дачиќ од интервјуто за американската новинска агенција АП.

Амбасадите сега внимателно ја анализираат изјавата на Ивица Дачиќ, со стравување дека претседателот на Републиката, Томислав Николиќ, кој генерално зборувајќи го сметаат за „руски човек“, добива сојузници во договарање на повеќе од блиски односи меѓу Белград и Москва.

„Тие (на Запад) кои ја критикуваат Србија поради блискоста и партнерството со Русија треба да се запрашаат зошто не и' понудија такви односи на Србија. Јас на Запад постојано зборувам дека на Србија и' е потребен стратешки партнер и на Запад... Но тие воопшто не се заинтересирани“, изјави Дачиќ за АП.

Предраг Симиќ, професор на Факултетот за политички науки, истакнува за „Данас“ дека по ваквата изјава на српскиот премиер очекувал дека западните земји ќе реагираат на пресвртот во односите меѓу Белград и Москва. Според неговите зборови, Ивица Дачиќ со тоа сакал да ја зајакне својата позиција во смисла „дека не би оделе на Исток ако Запад не претеруваше со своите барања“. Поради тоа, како што се додава, во наредниот период може да се очекува и заострување на односите меѓу Белград и Запад.

„Работите се заострија кога станува збор за односите меѓу Русија и Запад, особено сега поради ситуацијата во Украина, каде што е донесена одлука дека таа земја сака да го сопре процесот на европските интеграции. Запад е многу загрижен што Русија се покажа како помоќна победувајќи во Украина, Сирија, Ерменија, Молдавија“, укажува Симиќ.

Сешка Станојловиќ, новинарка која пишува за надворешнополитички теми, наведува дека „на некој начин станува збор за самоодбрана на премиерот Ивица Дачиќ“, бидејќи многумина сметаат дека тој е „руски човек“, а воедно и сигнал до Запад пред новата меѓународна конференција со ЕУ, која се очекува до јануари, како не би била одложувана.

„Од друга страна, факт е дека во владата на Србија постои внатрешна поделба и тоа е сигурно причина која предизвикува загриженост кај западните земји, особено имајќи го предвид најновиот случај со Украина, која се откажа од процесот на пристапување во ЕУ“, оценува Станојловиќ.

Премиерот Ивица Дачиќ зборувајќи за АП околу „Јужен ток“, преку кој руски природен гас ќе се транспортира во Европа заобиколувајќи ја Украина, истакна дека тој гасовод „е од клучно значење за Србија затоа што ќе обезбеди работни места и ќе ја зајакне позицијата на Србија во регионот“.

Дачиќ ги отфрли обвинувањата, како што пишува американската агенција, на „српските прозападни опозициски партии“ дека енергетската спогодба од 2008 година, според која Србија продаде 51 отсто од нафтениот и гасниот монопол на „Газпром“ во рамките на договорот „Јужен тек“, го трасираше патот за руска економска и политичка доминација во земјата.

Воедно, како што нагласи, традиционално блиските односи на Србија со Русија нема ја влијаат на настојувањето на земјата да влезе во ЕУ. „Ние сакаме да ги обединиме двете наши стратешки цели – партнерските односи со Руската Федерација и членството во ЕУ“, изјави Дачиќ, додавајќи дека Србија би сакала и поблиски односи со Вашингтон. „Но за партнерство се потребни двајца“, заклучи Ивица Дачиќ. (Данас)

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/?ItemID=F6FCE76E85C0CD4D87700E1459442DB7

Коментари
Нема коментари.
 
Архива