портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Како да се разбере реалноста на Македонија – некои методолошки пристапи
септември 2012
доц. д-р
Тони Науновски, Маја Гоческа
Периодот пред војната за Р. Македонија претставуваше период со максимален интензитет на развој во извесни сегменти преку кои се потврдуваше желбата на луѓето да живеат во нова политичка, економска, културна итн. реалност. Доминантноста на ситуацијата која може да се определи како самосвест на нацијата - се разбира, сфатена во над-етничка смисла односно означена како множество на граѓани кои во сите аспекти подеднакво ја конституираат државата - и желбата за нов почеток беше евидентна насекаде, во сите позиции на системот.

Обидот за реконструкција на каузалниот комплекс односно објективните причини и фактори, како и на длабинската субјективна мотивација кои резултираат со актуелните состојби и клучните проблеми со кои се соочува Р. Македонија, објективно може да се втемели на неколку интерпретативни пункта. Овие концептуални призми овозможуваат темелно согледување односно легитимна анализа на клучните фактори - како на оние кои можат да се супсумираат во т. н. објективни, реални причинско-последични аспекти, така и на оние комплексни, исклучително тешки за анализа и разбирање но затоа во ист момент и многу значајни мисловни и емоционални слоеви присутни во персоналитетот односно во персоналната егзистенција, и кои всушност се фокусот во кои се донесуваат одлуките за практичното,  интерсубјективно однесување. Соочувајќи се со историјата и реалноста на Македонија, посебно со нејзината кратка и интензивна историја како независна држава (во последниве 20-ина годни, значи во современата историја на Македонскиот народ), првиот впечаток е дека објективно постои огромна, дури и рационално незамислива-поради размерите-разлика помеѓу вкупната состојба во која се наоѓаше оваа држава пред 2001 г., и ситуацијата во актуелниот миг-време кое може да се опише како  преиспитување, неизвесност, конфузија во врска со круцијалните чекори во оваа ситуација која најдиректно е последица на таа 2001 година. Радикалната дискрепанца помеѓу сликата за Р. Македонија која ја имаа нејзините граѓани но и меѓународната заедница пред односно по 2001 г. претставува огромна енигма за теоријата. Што всушност се случи? Кои се објективните фактори кои допринесоа за создавање на амбиент во кои извесни луѓе ја донесоа одлуката дека воен напад е единствениот начин за решавање на определен број на проблеми - каде е, така да се каже, онтолошкиот трик со кои една реалност потполно беше анихилирана и на нејзино место беше воспоставена нова - во која има (имаше) изобилство на крв и солзи. Едноставниот преглед на фактографијата во изминатите дваесетина години во потполност ја докажува погоре изнесената теза. Имено, периодот пред војната за Р. Македонија претставуваше период со максимален интензитет на развој во извесни сегменти преку кои се потврдуваше желбата на луѓето да живеат во нова политичка, економска, културна итн. реалност. Доминантноста на ситуацијата која може да се определи како самосвест на нацијата - се разбира, сфатена во над-етничка смисла односно означена како множество на граѓани кои во сите аспекти подеднакво ја конституираат државата - и желбата за нов почеток беше евидентна насекаде, во сите позиции на системот. За жал, таа енергија брзо се потроши поради редица фактори - и објективни и субјективни - и токму тоа трошење на енергијата веројатно беше своевиден поттик за подоцнежните настани односно негативно влијаеше врз креирањето на емоционално-мисловниот фундамент на субјектите кои подоцна резултираа со војна. Заради илустрација на колективниот оптимизам и општото споделување на надежите за подобра иднина во периодот по стекнувањето на независност, и покрај неколку сериозни проблеми на ниво на меѓународната политика - негирањето на уставното име на Р. Македонија од страна на Р. Грција (кое и ден-денес повлекува бројни проблеми), негирањето на Македонскиот национален и јазички идентитет од страна на Р.Бугарија, проблемите со признавањето на МПЦ од страна на СПЦ, непризнавањето на Македонското малцинство во Р. Албанија - уверливо сведочат сите анализи и анкети направени во тие први години од постоењето на Р. Македонија. Војните кои тогаш се случуваа на просторите од некогашна социјалистичка федеративна република Југославија резултираа со негативни економски перформанси, како и со емоционални реакции кои објективно послужија како своевидна бариера за повторување на тие ужасни воени сценарија и во оваа земја. Сепак, ова важи за доминантната ситуација, за она што обично се означува како дух на времето - маргиналните аспекти и извесен број на тенденции денес, од оваа временска дистанца, мораат да се реинтерпретираат во овој актуелен  контекст односно повторно да се прочитаат некои знаци на кои во тоа време не им било посветено доволно внимание (а кои во модифицирана варијанта можат да се забележат и денес, во 2012 година). За време на тој период нашата држава беше третирана од страна на целокупната меѓународна заедница како позитивен пример во секоја смисла, безмалку како чудо на Балканот кој тогаш беше исполнет со крв. Тогаш Р. Македонија беше надминување на грдото клише врежано длабоко во свеста на Европа односно светот дека во Балканот има нешто - метафорично изразено - закопано длабоко под земјата или можеби стационирано некаде во воздухот, кое ги тера луѓето од овие простори вечно да се касапат помеѓу себе во име на апстрактни ентитети како што се нацијата, религијата и слично. Синтагмата со која се означуваше „предвоена“ Р. Македонија - оаза на мирот - сугестивно ја изразуваше клучната поента на таа реалност но и општиот ориентир на политичкиот дискурс. Рецепцијата на оваа земја како оаза на мирот, посебно ако се имаат предвид војните кои се случуваа тогаш низ просторите кои само неколку години пред тоа беа обединети по многу основи, непосредно ја рефлектираше интенцијата за креативна трансценденција на грдата политичка практика која беше веќе етаблирана на Балканот како модел на однос помеѓу државите но и како модус за интервенција при интеретничките конфликти внатре државите. Во таа смисла, сите импресии за Р. Македонија – посебно од страна на меѓународната заедница и нејзините институции - беа генерално позитивни. Патеката на која започна да чекори Р. Македонија беше (посебно за овие димензии за кои овде станува збор), барем според сите видливи параметри, добар избор на сите нејзини граѓани а перспективите исклучително убави. Меѓутоа, извесни маргинални проблеми - поточно, во тоа време сметани за реално маргинални и без пошироко влијание - очигледно имале мошне силни влијанија врз некои луѓе, дел од нив граѓани на Р. Македонија, што подоцна во комбинација со други фактори резултираа со анихилација на сите тенденции да се создаде општествено-политички контекст во кои историскиот исчекор од грдата историја на Балканот ќе биде сосема природна последица.        

Генералните методолошки принципи, кои имплицитно ги структурираат ориентацијата и начинот на избор, презентација и анализа на темите и аспектите кои се значајни за разбирање на Македонија, во голема мерка се стандардни за научна анализа. Имено, методот на апстракција содржан во вообичаените анализи на општествената и политичка реалност принципиелно, според логиката на пристапот, резултира со значителна редукција на суштинските сознанија и факти кои објективно се присутни во истата и во таа смисла претставуваат неопходен елемент за секоја релевантна интерпретација. Апстракција во контекст на општествено-политички заснована критичка рецепција на реалноста примарно значи поместување во втор план на оние аспекти кои не функционираат во априорно поставената цел на анализата и затоа се третираат како ефемерни карактеристики, односно како небитни и секундарни феномени кои иако се составен дел на конкретниот предмет сепак не се вклучуваат во дескрипцијата и анализата на неговите суштински значења и консеквенци. Општествената интеракција - со сите нејзини димензии, од интеретнички до економски - природно создава компликуван и дијахрониски збир на односи помеѓу субјектите во системот кои се инкорпорирани како една од основните претпоставки во сите систематски и критички пристапи. Клучен интерпретативен модел во овој контекст е дистинкцијата појава-суштина односно стриктното задржување на разликите и валидноста помеѓу пристапот концентриран на појавните облици во општествениот реалитет и пристапот кој пенетрира во интерните односи иманентни на самиот поим општество.

Развитокот на односите воспоставени помеѓу субјектите на општествениот систем ја верификуваат тезата за интерсубјективноста како доминантна карактеристика која  eo ipso имплицира редица факти и значења за теоретската интерпретација и критичката анализа. Меѓутоа, токму по ова сознание се етаблира радикалната спротивставеност помеѓу методите кои се употребуваат во две генерално дефинирани ориентации на општествено-политичките теории. Третманот на тие односи - нивната рецепција и мислење - се клучни за природата на понатамошните анализи и заклучоци во врска со овие комплексни прашања. Имено, доколку односите се определат во строга смисла на зборот како односи помеѓу субјекти, и целокупната аналитика се операционализира во таа смисла, тогаш резултатите содржат инхерентни ограничувања и не овозможуваат интегрален приказ на реалните процеси присутни во општеството. Меѓутоа, доколку анализата на односите биде втемелена на одредувањата кои секогаш ги имаат конкретните субјекти и кои перманентно се создаваат преку повеќе детерминанти, димензијата на сознанијата примарно е критичко-систематска. Во таа смисла, единствено овој пристап е адекватен на суштинските релации присутни во сите модели на општествено-политичко организирање.

Комплексните и крајно диференцирани односи помеѓу субјектите во општеството ја определуваат рамката на аналитичките проекти конкретно кон експликација  на самите реални позиции на субјектите во структурата на општеството, уште повеќе поради фактот за постоење на мноштво контрадикции внатре самото структурално функционирање на современите општествено-политички системи. На овој начин генерално се надминува тенденцијата кон апстракција во интерпретативните дискурси, многу често присутна во современите теории кои се занимаваат со овие проблемски подрачја. Мислењето на општеството и интерсубјективитетот со погоре предложената постапка се трансформира во непосредно и рационално знаење за моделите на функционирање на постоечкиот систем, со што се овозможува критичка и сукцесивна демистификација на општествено-политичката структура која иманентно генерира контрадикции помеѓу субјектите, на било кое ниво.

Исто така, од големо значење е уште еден аспект. Станува збор за актуелните процеси - како на теоретски така и на практичен план - со кои се диференцира човечкиот егзистенцијален тоталитет, што на парадигматичен начин се рефлектираат и преку перманентната, некритичка афирмација на политиколошкиот дискурс. Обидите за трансформација и поместување на овој дискурс во доминантен, а во екстремните варијанти дури и во единствен модел за мислење и анализа на општествено-политичките феномени и процеси всушност, како резултат, го поттикнуваат реактуелизирањето на историски легитимираниот, апсолутен примат - во смисла на концептуална и аналитичка продуктивност - на филозофскиот пристап кон сферата на овие проблеми. Критичката конфронтација помеѓу филозофијата на политиката а во некои димензии и на социјалната психологија, од една, и политикологијата од друга страна, се артикулира со самото етаблирање на идеологизираната парадигма за дефинирање на политикологијата како дискурс што го истражува политичкиот мега-процес и функционирањето на постоечките општествено-политички институции. Според овој контекст, политикологијата е втемелена на аналитичкиот однос и рецепција на објективната политичка реалност, кон веќе институционализираните и фиксно редуцирани политички феномени, односно се конституира и развива преку неколку артикулирани објективно-предметни аспекти. Импликациите од самите претпоставки на оваа наука за политиката, определена преку овој первертиран и реално строго ограничен концепт за суштината и значењето на поимот политика, компариран со филозофските пристапи кон овој вид на модели и научни дискурси, резултира и со адекватни заклучоци за нивната смисла и интегрална вредност при анализите на политиката. Со инсистирањето на инхерентните методски интенции и приоритети, презентирани и со категоричките судови за поимот и автентичните значења на политиката, овој доминантен начин за конституирање на политикологијата неа ја интегрира во редот на оние дискурси кои главно ги насочуваат аналитичките капацитети кон парцијални аспекти на реалноста без притоа да презентираат систематска и конзистентна теоретска димензија. За разлика од оваа доминантна ориентација во современата политикологија - вклучувајќи ја тука и Македонската политикологија - филозофското мислење на политиката, општеството и субјективитетот, а посебно нивните взаемни релации и интеракции, своите интерпретативни основи ги реафирмира преку легитимната и во секој случај добро фундирана претпоставка за интегралност на предметниот корелат на поголемиот број на науки и во тој контекст и на политикологијата - човекот односно луѓето. Оттука, сите дивергентни концепти преку кои се кумулира апстрахирањето на сегменти од политичката и со неа поврзаните, други феномени од реалноста без истражувања на плуралитетот на факторите кои го создаваат предметот на конкретната политиколошка анализа по самата логика на пристапот резултираат со парцијални, фрагментирани и мошне ограничени сознанија, многу често дополнети и со непосредни апологетики на актуелниот политички систем и естаблишмент. Во таа смисла, егземпларна процедура на политиколошкиот дискурс е употребата на диференциран семантички вокабулар за означување на клучниот предмет на сопствениот критички дискурс. Во прв ред тоа се однесува на дистинкциите индивидуа-граѓанин и општество-држава, кои дистинкции претставуваат иманентна негација на интегралната, тотална-и субјективна и колективна-егзистенција на човекот. Споменатите редукции на политикологијата всушност се концентрирани преку методолошката премиса за стриктни дивергенции единствено од сферата на она што е (во смисла на даденост). Егзактните постапки и аналитички капацитети продуцираат одредени сознанија но единствено за веќе постоечкото - без осврт кон начините со кои е создадена таа политичка реалност - односно ставови аплицирани за доминантниот систем на политички односи и организација на политичката реалност. Дополнителен аргумент за констатацијата околу ограничените гносеолошки или епистемолошки ресурси на политикологијата е свртеноста кон апстракција на поими кои суштински се инкомпатибилни со редукции од било кој тип. Исто така, забележително е и отсуството на концепт за историјата - нејзиниот континуитет и дисконтинуитет - а уште повеќе и на мета-принципи од кои преку дедукции би се продуцирале концептуални содржини, метафизички норми и претстава за добра, убава и вистинита реалност (за она што сеуште не е). Токму овој антички идеал денес, на почетокот на новиот милениум, е попотребен од кога и да е. Човекот е суштество кое е родено да ги гледа ѕвездите и да го организира сопствениот живот според најсветлите идеали и утописки концепти со кои перманентно ќе ја подобрува, во секоја смисла, сопствената реалност. Критичките потенцијали на политикологијата се концентрираат, во најголем дел, кон анализи внатре конкретниот, веќе даден политички систем односно политичка реалност. Емпириското ниво на резултатите од политиколошките истражувања не е детерминирано од интенција за трансцендирање на политиката втемелена, од филозофска гледна точка, на нерационални принципи. Поимот политика подразбира и трансцендентална димензија, која во филозофските пристапи кон оваа комплексна проблематика е трансформирана во специфичен категорички императив. Критичките ре-валоризации како епистемолошко credo се консеквентен израз на негацијата на концепциите кои историскиот развиток на политичките феномени и модели го третираат како завршен (дотолку повеќе што емпириската политичка реалност не е рефлексија на универзалните, просветителски парадигми и на умната, трансцендентна реалност). Генералната редукција на теоретските истражувања кон дескрипции и експликации внатре етаблираниот политички поредок, помеѓу веќе споменатото, резултира и со промовирање на синхроницитет на  de facto дијахрониските концепти според кои се менува политичката реалност. Групата на заклучоци за смислата на политикологијата ја радикализираат потребата од реактуелизација на свеста за границите на овој дискурс и консеквентно, преферирање на филозофските модели за интерпретација на политиката.

Во овој контекст, треба да се потенцираат уште неколку аспекти поврзани со истражувањето на овие тематско-проблемски подрачја кои треба да се сфатат како прелиминарни методолошки принципи и кои, во поголема или помала мерка, имплицитно треба да ги структурираат длабинските истражувања на реалноста на Македонија. Имено, изборот на метод со кој ќе се рационализираат одредени политички процеси непосредно е детерминиран од личната ситуација на носителите на политичкиот субјективитет. Тоа подразбира комплекс од високо диференцирани аспекти кои објективно го одредуваат референтниот систем на мислењето за актуелните политички настани, што потоа го структурира и начинот на глобалната рецепција на доминантниот дискурс, како и заклучоците од неговата перманентна валоризација. Критериумите кои иманентно се содржани во процесот на мислење на персоналната ситуација, посебно во домените кои директно се подложни на влијание од тенденциите и процесите на политиката, се покажуваат како универзална парадигма за делувањето на организираните политички субјекти и реализацијата на нивните политички идеи и проекти, но исто така и за моделирање на универзалните, заеднички интереси на граѓаните во една држава. Личните претстави за целите кои би требало структурално да се овозможат преку политиката легитимно можат да се редуцираат на клучното, императивно барање за сопствена реализација во општеството. Истовремено, процедурата на концептуализација на претстави кои потоа го определуваат политичкиот однос резултира со нивна трансформација во критериуми со кои се обликува персоналната политичка активност односно за структурирање на мислењето кон актуелниот политички дискурс. Создавањето на услови во кои би било можно континуирано практично реализирање на сопствените идеи во сиот капацитет и аспект на општествената егзистенција е всушност автентичната цел на политиката. Објективната анализа на историјата на политичките системи кои обично се означуваат како демократски недвосмислено ги потврдува тезите за извесен број на недостатоци во длабинското функционирање на овие (во основа исти) политички системи, иако без никаква резерва треба да се истакне дека некои модели и процедури-посебно изборните-во либералната демократија се потполно легитимни и адекватни на историскиот развиток на политиката. Меѓутоа, суштината на политичките процеси иманентни на овој систем овозможува критички објекции фундирани на апсолутните факти врз основа на кои се стекнува аргументацијата за негативните валоризации на состојбите продуцирани од генералните претпоставки и ориентации на овој систем. Компликуваноста на инстанците кои го креираат политичкото мислење кај луѓето како први и последни носители на политичкиот субјективитет - конечно, единствена инстанца за корекција на политичките процеси а уште повеќе и на дејствувањето на политичкиот естаблишмент - во најголема мерка и го овозможува функционирањето на политичките системи кои содржат и постојано продуцираат мноштво контрадикции. Принципите кои го детерминираат либерално-демократскиот систем и во тие рамки политичката реалност покажуваат ограничени -  посебно во квантитативна смисла - резултати во однос на позитивните ефекти врз споменатите лични ситуации и мислења на сопствениот политички субјективитет, како и на можностите за негово реализирање во тој аспект. Темпоралната димензија при рационализацијата на актуелните политички факти (претставувањето на можните, т.н. алтернативни ситуации) во овој контекст е пунктот кој содржи неколку релевантни значења за анализа на современите, како глобални така и специфични политички процеси. Изградбата на стабилна референтна инстанца во таквата констелација има функција на мисловно рационализирање на реалните политички настани, додека на ниво на политичко мислење е факторот кој го определува личниот политички однос и ангажман во актуелните политички процеси. Критичкиот пристап кон суштинските проблеми на политиката односно потрагата по адекватни модели на нејзино практикување резултира со сознанието дека вистинската, идеална политичка реалност се мултиплицира единствено преку овозможувањето на персоналните реализации на претставата за политичкиот субјективитет. Во оваа смисла, како парадигматичен се афирмира концептот за универзален политички субјект кои со сопствената реална егзистенција ја рефлектира универзалноста на таа реалност. Дискрепанцата помеѓу рационалните претстави и грдата политичка реалност се радикализира во реалноста на Р.Македонија. Имено, современите политички процеси и тенденции во Р.Македонија недвосмислено имплицираат заклучок за апсурдноста на принципите кои преку редица компликувани посредувања го структурираат новиот стадиум од нашиот историски развиток. Реалноста е критериум, а фактографијата - барем на основно ниво - неизбежна инстанца за валоризација, како специфичен поттик за продлабочени анализи и разбирања на Македонија.                          












Коментари
Нема коментари.
 
Архива