портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
ЕУ им го сврте грбот на мигрантите?
мај 2015

 ЕУ има 500 милиони жители и најголема економија во светот, но има место да прими само 5.000 бегалци што ќе ја преживеат медитеранската голгота. Другите 150.000 по брза постапка ќе бидат вратени назад, барем според заклучоците од вчерашниот итен самит на ЕУ, во кои увид имал британски „Гардијан“. Плановите на ЕУ се неморални и незаконски, обвинија претставници на Обединетите нации и на Амнести интернешнел - Македонија е транзитна земја од т.н. балканска маршрута на мигрантите. Медитеранските трагедии кај нас предизвикуваат емотивни реакции, но и критики кон ЕУ. Некои прашуваат зошто оние што бурно реагираат на овие трагедии не им помагаат на мигрантите што минуваат низ Македонија, а други посочуваат дека граѓаните не се сигурни дали смеат да го сторат тоа. Од МВР, пак, велат дека на мигрантите смее да им се помогне, но и дека треба да се пријават во полиција.



ЕВРОПСКИОТ ОДГОВОР НА НАЈГОЛЕМАТА ТРАГЕДИЈА НА 21 ВЕК

Европската Унија е шокирана од жртвите во Средоземно Море и од „најголемата трагедија на 21 век“, но сепак нема намера да ги отвора вратите за африканските доселеници. Унијата со над половина милијарда население и со најголем бруто-домашен производ во светот има место само за 5.000 бегалци што ќе ја преживеат медитеранската голгота и ќе стигнат до европските брегови. Другите по брза постапка ќе бидат вратени назад. Вакви одлуки на итен самит вчера се очекуваше да донесат европските лидери, барем според нацрт-заклучоците во кои увид имал британски „Гардијан“ во пресрет на состанокот во Брисел.

Амнести интернешнел ги критикуваше плановите на ЕУ како „нелегални, непрактични и неморални“ и нагласи дека е потребна голема спасувачка операција, а не програма за брзо враќање на доселениците. Претставници на агенциите на Обединетите нации исто така оценија дека плановите на ЕУ се минимални и ја повикаа Унијата да создаде легални канали за безбедна миграција, кои би требало да важат и за нискоквалификуваните сезонски работници. Тие исто така ги повикаа европските лидери да сторат повеќе во борбата против расистичката и ксенофобичната реторика против доселениците и бегалците во ЕУ. На пример, деновиве во Британија бурни реакции предизвика една колумнистка што за доселениците напиша дека се како бубашваби, кои со воени бродови треба да бидат вратени од каде што дошле. Едни реагираа дека тоа се нацистички ставови, но други застанаа во одбрана на колумнистката, велејќи дека таа кажала нешто што всушност многумина во Европа искрено го мислат за доселениците.

ЕУ нема намера драстично да ги зголеми спасувачките операции на Медитеранот, наведе „Гардијан“, повикувајќи се на нацрт-заклучоците во кои тој имал увид, додека агенцијата Асошиејтед прес, повикувајќи се на свои извори во Брисел, нагласи оти ЕУ би можела да ги засили спасувачките напори. Според „Гардијан“, ЕУ ќе ги зголеми средствата за актуелните медитерански мисии „Тритон“ и „Посејдон“, кои се драстично помали и поевтини операции од италијанската „Маре нострум“, која заврши лани. ЕУ тогаш се жалеше дека нема доволно пари за спасувачки мисии и наиде на жестоки критики дека не одговара соодветно на хуманитарната криза на Медитеранот.

Африкански мигрант и туристи на плажа во Шпанија

Притисоците да стори повеќе одново се засилија по смртта на повеќе од 800 доселеници во неделата. ЕУ во понеделникот одржа совет на министрите за надворешни работи, а вчера одржа и итен самит. На советот на министрите беше предложено и ЕУ да ги открива и уништува бродовите на шверцерите во согласност со меѓународното право и да ги прошири спасувачките операции, во рамките на мандатот на својата гранична агенција „Фронтекс“. Но шефот на „Фронтекс“ пред самитот нагласи оти спасувањето доселеници не е приоритет на патролите на агенцијата што дејствуваат во рамките на операцијата „Тритон“.

- „Тритон“ не може да биде операција за откривање и за спасување доселеници. За тоа немаат мандат ниту „Фронтекс“ ниту ЕУ - изјави Фабрис Легери, кој исто така изрази сомневање за идејата ЕУ да уништува бродови на шверцерите во Африка.

ДУШЕГРИЖНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА

Македонија не е дестинација за мигрантите, но е транзитна земја од т.н. балканска маршрута на бегалците што преку Грција се обидуваат да стигнат до побогатите западноевропски членки на ЕУ. Некои од мигрантите трагично го завршуваат долгото патешествие токму во Македонија, страдајќи на пругите и патиштата. Јавноста сочувствува со трагедиите во земјава, но и со многу поголемите трагедии на Медитеранот, како таа во неделата.

Изразувајќи револт кон третманот и кон пасивноста на Европската Унија околу мигрантите што се обидуваат да стигнат на нејзиниот јужен брег и често гинат поради тоа, некои македонски граѓани го поставуваат и прашањето зошто оние што често ги критикуваат состојбите со човековите права во Македонија не реагираат на ист начин околу активностите на ЕУ.

Петрит Сарачини, новинар и активист, пак, нуди поконкретен предлог - наместо сите да бидат толку гласни околу трагедиите во Медитеранот, зошто не им помогнат на мигрантите што поминуваат на неколку километри покрај нив?

- Многу душегрижници се јавија по оваа трагедија. Како и секогаш. Со разни тези и обвинувања кон Западот, кон дежурните „внатрешни непријатели“, кон активистите за човекови права... Штом се толку загрижени, нека излезат на пругата Гевгелија - Табановце. Нека брцнат во своите џебови и нека споделат нешто со кутрите иселеници што поминуваат голгота низ Македонија - порачува Сарачини.

ЗАКОНСКИТЕ ПРАВА И ОБВРСКИ

Некои граѓани, сепак, велат дека не им е јасно дали смеат да помогнат. Раскажуваат дека често ги сретнувале доселениците како пешачат покрај автопатот и помислувале да застанат со автомобилот и да им понудат храна и вода. Но, додаваат, не го правеле тоа, поради загриженост дека некој може да ги види, и потоа да западнат во неволја и да си имаат проблеми со законот, бидејќи сепак станува збор за луѓе што нелегално престојуваат, односно поминуваат низ земјата.

Објаснувањето на Министерството за внатрешни работи за овој проблем е едноставно: смее да им се помогне на мигрантите, но граѓанинот треба и да пријави во полицијата кога и каде ги забележал.

- Ако некому му е потребна помош, треба да му се помогне, тоа е човечки. Но, исто така, граѓанинот треба да го пријави во полиција нелегалниот доселеник. Едно е да му се помогне на некој што е во нужда и тоа да се пријави, но сосема друго е, на пример, да му се помогне да стигне до северната граница, тоа е веќе соучесништво. И полицијата, ако види некој чиј живот е загрозен, без оглед дали е доселеник, дилер на дрога или нешто друго, ќе му помогне прво - вели Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавноста во МВР.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=42415910271&id=9&prilog=0&setIzdanie=23452
Коментари
Нема коментари.
 
Архива