портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Интегративните процеси на Балканот и безбедноста- случајот Р.Македонија
септември 2012
доц. д-р Тони
Науновски
Една од најбитните карактеристики на ЕУ а според најновите изјави на официјалните претставници сеуште актуелна политика – перманентниот развој на интегративните процеси односно проширување на самата Унија, е претпоставената можност или шанса за стабилизација на регионот односно помеѓу земјите-полноправни членки, што за овој регион заедно со економските бенефиции е клучен репер за политичка ориентација односно мотивација на политичко - јавниот дискурс во правец на ЕУ.

Петнаесет години по определбата на Марија Тодорова за Балканот како геополитички простор кој иманентно поседува моќна онтологија на постојана и длабока промена ( 1 ), се соочуваме со бескрупулозни научни факти кои не само што ја верификуваат оваа теза на познатата Балканистка туку и дополнително ја афирмираат. Елементите на Балканската реалност – историските, економските, геополитичките, конфесионалните, психосоцијалните, националните итн. креираат исклучително комплексен простор кој во последно време во теоријата се третира дури и како посебна научна (под) дисциплина – Балканистички дискурс ( 2 ). Односот на Европа кон Балканот е исто така исклучително сложен предмет на научно истражување, со огромен број на податоци и релевантни индикатори за промените во овој интерактивен однос. Апстрахирајќи од историските константи и варијабли на општите односи и влијанија Балкан – Европа, Европа – Балкан, во овој текст фокусот ќе биде концентриран кон ЕУ, НАТО и актуелните, исклучително сложени релации на овие организациии со Балканот, а посебно со Р. Македонија.

Балканот е дел, и географски и културно-историски, од Европа, со дополнителна специфика која добива се повеќе значења и влијанија врз актуелните состојби, односно како своевидна крстосница или порта на истокот кон западот (Европа). Во таков специфичен контекст, овој регион, а посебно Р. Македонија, треба да ги анализира веќе потврдените но и потенцијалните опасности во смисла на безбедноста на самата држава. Една од најбитните карактеристики на ЕУ а според најновите изјави на официјалните претставници сеуште актуелна политика – перманентниот развој на интегративните процеси односно проширување на самата Унија, е претпоставената можност или шанса за стабилизација на регионот односно помеѓу земјите-полноправни членки, што за овој регион заедно со економските бенефиции е клучен репер за политичка ориентација односно мотивација на политичко - јавниот дискурс во правец на ЕУ. Секако, секоја нација односно држава имаше и има своја траекторија и „приказна“ во својот пат кон ЕУ, со свои проблеми при имплементацијата на Копенхашките критериуми и конкретните поглавја во различните стадиуми на процесот на преговори. Денес, со делумен исклучок на Србија, посебно по неодамнешните претседателски и парламентарни избори во оваа соседна држава, сите држави на Балканот (дури и протекторатите Босна и Косово) имаат добри релации со ЕУ, или се веќе дел од ЕУ. Се разбира, со исклучок на Р.Македонија, која заради непринципиелната „уцена“ за промена на името од една членка на ЕУ, има своја динамика на развој на односот кон оваа организација и мислењето за ЕУ (како економско-цивилизациски дострел и форма на организација на државите во актуелниот историски миг на Европа).

И покрај бројните трансформации низ кои минува самата ЕУ како организација, во контекст на светската економска криза и политичките тенденции кои ги определуваат внатрешните политички процеси како на државите-членки на ЕУ така и на органите и управувачките структури, веројатен и посакуван резултат на тие бројни предизвици внатре самата Унија ќе биде (да се надеваме) воспоставување на поефикасни процедури и акти, барем во интенција. Секако, неизвесните мега-политички трендови можат да доведат и до посериозни негативни промени кои битно ќе влијаат врз архитектониката на Европа и во таа смисла и на Балканот. Во овој контекст, се позачестените резерви на водечките држави на ЕУ кон процесот на интеграција на Балканските држави главно се продукт на интерните кризи, пред се монетарно-економски, во кои кризи како глобален тренд западна и овој континент. Сепак, декларираните изјави на сите релевантни претставници постојано ги охрабруваат напорите на земјите-апликанти дека процесот на проширување останува стратешка определба и нема да биде доведена сериозно пред преиспитување. Дури и искуството кое Р.Македонија го има во долгиот, дводецениски процес на соработка и преговори со Унијата недвосмислено покажува дека нивото на ефикасност на институциите на системот, со реформите според моделите кои функционираат таму, драстично се подобрува. Со исклучок на стриктно политичките прашања и конкретни специфики на нашата држава – каде што не е можно и е сосема несоодветно буквално пресликување на моделите, практиките и одлуките по однос на некои институции и процедури заради спецификите на Македонија, останатите сегменти на системот ги подобрија своите перформанси и квалитет на давање на услуги. Типичен пример се реформите во катастарот, како показател дека имплементацијата на ЕУ – стандардите можат понекогаш да доведат до драстично подигнување на политиките на т.н. добро владеење, и ставање на системот во функција на граѓаните ( 3 ).

Сепак, апстрахирајќи од бројните несоодветни конкретни политики на ЕУ кон Р. Македонија, мора да се забележи дека растечкиот скептицизам кон самиот поим Европска Унија е предизвикан од упорната и непринципиелна поддршка на некои структури и центри на моќ во оваа организација, а посебно од неколкуте водечки држави-членки, кон политиката на негирање на нашиот национален идентитет означен од државното име – Р. Македонија! Без оглед на постулатите и правилата на интерните процедури за донесување на одлуки – при што принципот на консензус, колку и да е втемелен на логично претпоставената рационалност на државите – овојпат на дело, во практика, се покажува како објективна пречка за самото праведно и принципиелно функционирање на идејата за ЕУ, која е целосно етаблирана на претставата и концептот за правда, соработка и добрососедски односи. Една држава не може, според ниту една логична основа и аргументација, да го блокира системот на т.н. „вин-вин ситуации“ и политики – случајот Македонија е веќе парадигматичен во тој поглед. ЕУ мора да пронајде механизми и политичка волја да ги надмине неправедните постапки (ултимативен доказ е пресудата на меѓународниот суд на правдата со која експлицитно се пресуди дека Грција не може да го попречува приемот на Р.М. во меѓународни организации под привремената референца) кои можат да станат практика и во други конкретни случаи, со што тотално би се изгубила самата длабинска смисла на ЕУ. Р. Македонија за овие дваесетина години етапно ги исполнува сите стандарди, препораки и упатства добиени како услови за понатамошен напредок во интеграциите. Во наредниот период, очекувањата на јавноста и политичките субјекти на Македонија се насочени кон посакуваните и претпоставувани одлуки на ЕУ со кои конечно ќе се надмине блокадата на една држава на процесот на интеграција на Р. М. Во спротивно, револтот на граѓаните кон оваа очигледна и во секоја смисла на зборот неправедна поддршка на Грција во блокирањето на нашата држава, значително ќе порасне и ќе се зацврсти, се до моментот кога политичките елити ќе мораат да го променат курсот на надворешната политика односно на односот на државата кон ЕУ ( 4 ). Сето тоа може да предизвика сериозни проблеми во бројни сегменти и различните потсистеми, посебно ако се земе предвид и нестабилната политичка состојба на Балканот, и т.н. западен Балкан (релациите САД, ЕУ, Србија, Косово).

Во смисла на безбедносните предизвици од ваквата фиксирана состојба во однос на натамошниот прогрес на Р. М. Во процесот на целосно интегрирање во ЕУ, констатирајќи го фактот за високото ниво на поврзаност и влијание помеѓу состојбите внатре секоја поединечна држава на Балканот врз сите останати, прашањата и проблемите со интегративните процеси добиваат и други димензии. Неизвесната иднина и отворените прашања кои веројатно уште долго време ќе останат предмет на политичка посветеност и барање на соодветни решенија – пред се развојот на настаните на Косово – дополнително ги усложнуваат, во определена смисла, безбедносните ризици во и на Македонија. Поуките од 2001 година, како и одредени изјави на некои луѓе кои се ставени на т.н. црна листа на САД и други безбедносни служби, мораат да бидат сериозно третирани, посебно во контекст на можноста нашата држава уште долго време да не биде член на ЕУ и НАТО (иако за НАТО се исполнети сите услови, од реформи во АРМ до современа цивилна контрола на армијата и безбедносните служби, што е многупати верификувано од официјалните претставници на НАТО), заради ветото на Грција. Токму оваа реалистична претпоставка, според сите назнаки, мора да биде клучен предмет на интерес и креирање на стратегии во овие сектори и на сите релевантни структури кои можат да придонесат кон развојот на оваа, така да се каже, национална стратегија на Р.Македонија во однос на интегративните процеси на Балканот и безбедноста на нашата држава.

Дека овој проблем веќе подолг период е идентификуван како мошне важен, и дека се повеќе е третиран од најразлични релевантни структури не само на Балканот туку и пошироко, доказ е и најновата изјава односно анализа на аналитичарката Јелена Гускова, раководител на центарот за проучување на современата балканска криза на Руската Академија на Науки, а според некои информации и мошне влијателна личност во формирањето на надворешната политика на Русија кон Балканот, под наслов „Кој ќе ги заштити Македонците во Македонија?“ ( 5 ). Надвор од симптоматичниот наслов, тезите и анализите на Јелена Гускова се најново укажување на реалните проблеми со кои оваа држава може да се соочи доколу ветото на Грција не биде анулирано или повлечено заради прием на Македонија во ЕУ и НАТО. Без оглед на редица објективно погрешни одлуки на НАТО и ЕУ во однос на Македонија, политичките елити на Македонците сеуште имаат консензус во однос на стратешката ориентација за интеграција во овие структури (иако скептицизмот кај граѓаните, предизвикан главно од толеранцијата на ветото па дури и, за жал, премолчената поддршка на Грција е во подем односно континуиран раст), меѓутоа, се поголемата и позначајната присутност на Русија на Балканот, како и интересот кој започнува експлицитно да се артикулира, помеѓу другото треба да се третира и како сериозен индикатор, како кај аналитичарите така и кај државните институции на Р.Македонија. Државата Македонија, оставена во формален вакуум простор, и покрај соработката со НАТО и ЕУ (учеството во мировните мисии на НАТО ширум светот, дијалогот со ЕУ, итн.), на некој начин е принудена да бара и воспоставува соработка и со други структури, држави, сојузи. Комплементарноста во овој случај е предност, но во исто време е уште едно укажување дека безбедносните прашања се во тесна интеракција со стратешките процеси и политички трендови на Балканот. Во оваа смисла, НАТО и ЕУ, и покрај интерните проблеми со кои се соочуваат, мора да ја ревитализираат енергијата со која на еден или друг начин ќе ја зацрстат стабилноста и безбедноста на Балканот, кој отсекогаш и уште долго време ќе биде „буре барут“. Ова своевидно статус кво во односот кон Македонија е неодржливо;  времето просто бара нови идеи, решенија, политика – која ќе биде компатибилна со националните и државните интереси на оваа држава и Македонскиот народ/граѓани.

Една од варијантите која се повеќе, заради споменатите причини, односно ветото на Грција за прием на Р. М. во ЕУ и НАТО, ќе станува реалистичен развој на настаните, а на што Јелена Гускова укажува во своите заклучоци, е ново приближување на државите на Балканот во согласност со претпоставеното совпаѓање на своите државни и и национални интереси. Знаејќи ја структурата на нациите и националните малцинства на територијата на Балканот, постои можен безбедносен ризик тие нови форми на Балкански интеграции дополнително да ја комплицираат и онака комплицираната безбедносна состојба. Иако развојот на добрососедските односи само по себе е дури и формален критериум и препорака на ЕУ, определени колективни митологии присутни кај некои нации можат да ја первертираат суштината на интензивниот развој на билатералните односи меѓу државите или некои идни процеси на интеграции во извесни сегменти и сектори. Типичен пример се развојот на билатералните односи меѓу Србија и Македонија, кои имаат многу заеднички интереси, посебно во доменот на безбедноста и економијата, како и се подобрата соработка на Р. Бугарија со Србија и Македонија. Влијанието на одредени структури на моќ веќе дваесет години, заради неосновани стравови дека се можни тектонски пореметувања во стратешките определби на Р. М., успеваа да ги блокираат дури и инфраструктурните проекти (пример е започнатата и до ден-денес незавршена изградба на пругата кон Бугарија) кои се во полза на развојот на Балканската економија. Во тој контекст, овие непринципиелни политики на ЕУ кон Балканот, а посебно кон нашата држава, може наскоро да резултираат со ново свртување на овие две држави кон нови облици на взаемно поврзување, не само економско и инфраструктурно, туку и политичко, што секако не значи дека тие тенденции не треба да се поттикнуваат, напротив. Геополитичкиот интерес на Русија за Балканот, кој се реафирмира во последно време,може да резултира со нови перспективи за развој на односите меѓу ЕУ и Русија, токму на Балканот. Анализата на овие процеси, втемелена на реалните економско – политички трендови на Балканот, мора да се перцепираат афирмативно, како можности и ситуации во кој бенефициите би се дисперзирале на сите нивоа.

Општ заклучок е дека ЕУ мора да направи длабински пресврти во своите политики кон Р. Македонија, посебно во однос на толеранцијата (да не се каже, дури и отворената поддршка) на уцената на Грција во однос на името и идентитетот на Македонскиот народ и држава. Имајќи ги предвид споменатите можности за одвивање на настаните и политичките процеси, а посебно фактот дека Балканот е јадро на колективни митологии кои понекогаш се рефлектираат дури и во рационалните модели на мислење и политичките одлуки, ЕУ конечно треба да формира и изгради соодветна стратегија со која ќе ги реафирмира своите автентични принципи и вредности. Сите политички и економски процеси имаат своја директна рефлексија и врз безбедноста и состојбите на овој план. Една од веќе познатите и афирмирани тези во Балканистичкиот дискурс е непосредното влијание и поврзаност на сите можни елементи кои ја структурираат реалноста на овој дел од Европа. Економските состојби, нивото на странски директни инвестиции, растот на БДП итн., индиректно а по определено време и директно влијаат врз колективната насоченост на политичките субјекти и нивната фокусираност на пронаоѓање на стабилизирачки политики. Отсуството на перцепција за стабилност и оддржлива безбедност на регионот кај големите меѓународни компании и инвестициски фондови во извесна смисла е главната причина за сеуште бавниот економски развој на Балканот и Р. Македонија. Ситуирано во главниот контекст на темата, евидентни се идните проблеми кои ќе се појават доколку не се етаблираат нови дискурси и политики на ЕУ кон Балканот и Македонија.

По неодамнешниот самит на НАТО во Чикаго, и (по којзнае кој пат) несоодветниот заклучок во однос на нашата држава која повторно, како и во Букурешт, не беше примена во полноправно членство заради ветото (повторно!) на Грција, и покрај исполнетите критериуми за членство и учеството на нашите војници во мисиите на НАТО, на повидок се нови безбедносни ризици и проблеми не само во Македонија туку и на Балканот. Игнорирањето на пресудата на меѓународниот суд на правдата во Хаг, сосема очекувано како реакција ќе предизвика рационално и темелно преиспитување на стратешката ориентација на Р. М. кон НАТО. И покрај евидентниот факт дека беа и се можни модели кои ќе овозможат прием во НАТО наспроти ирационалното политичко однесување на грчките политички елити, упорното и контрапродуктивно инсистирање за пронаоѓање на „взаемно прифатливо решение“, на подолг рок ја запечатуваат состојбата и позицијата на Р. М. Дека „ерга омнес“ позицијата на Грција практично никогаш нема да доведе до „взаемно прифатливо решение“ е факт, и затоа пронаоѓањето на имагинативни продуктивни решенија во смисла на безбедносните ризици кои реално ќе произлезат во овој дел од „бурето барут“ наречено Балкан, мора да биде прва задача на сите институции кои се занимаваат со овие области, како и своевиден императив за секој Македонец, наметнат од историскиот момент во кој се наоѓа денес Македонија, единствената национална држава на Македонскиот народ.



Референци:

( 1 ) Maria Todorova, Imagining the Balkans, New York, Oxford University press, 1997

( 2 ) спореди и – Богољуб Шијаковиќ, Критика балканистичког дискурса, Јасен, Никшиќ, 2001

( 3 ) види и – Тони Науновски, Двете екстремни лица на Европа, Дневник, 03- 09- 2010; Надеж и загубено време, Дневник, 10-09- 2010 

( 4 ) Тони Науновски, Илузијата на Македонците и на Србите, Дневник, 02- 01- 2012      

( 5 ) Јелена Гускова, Ко че заштитити Македонце у Македонији?, Глас Русије, 15- 05- 2012       




Коментари
Нема коментари.
 
Архива