портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Балканецот сѐ уште е поим за примитивизам и за деструкција
март 2015

Според експертите, избегнувањето да се биде дел од Балканот не е случајно. Самата формулација носи комплекс на пониска вредност, особено во минатото, кога речиси ниедна земја не била дел од Европската Унија. И самите западноевропски земји секогаш гледале со негативно значење на Балканот, како нешто вулгарно, заостанато, примитивно и често деструктивно. Голем дел од нив со овие епитети се изразуваат и при последните актуелни настани токму кај нас, во однос на меѓусебната комуникација, однесувањето и постапките на поединци во власта и во опозицијата.


ТЕРМИНОТ БАЛКАН НОСИ СО СЕБЕ РЕЦИДИВИ ОД МИНАТОТО

„Балкан секогаш е оној другиот, тој се наоѓа некаде на друго место, секогаш малку појугоисточно“, кажал познатиот словенечки филозоф Славој Жижек. Потребата од одбегнување на терминот Балкан или Балканци дури и од самите нации што живеат на Балканскиот Полуостров на некој е начин избегнување на матрицата од деструктивното минато, таканаречените балкански стереотипи, постојани тензии меѓу соседите и менталитетот, кој понекогаш се совпаѓа со примитивизам. Одекнува ли тоа ехо моментално најсилно, со актуелните настани, токму кај нас?

Балканот отсекогаш бил синоним на „буре барут“. По распадот на Југославија, во текот на 1990-тите, според аналитичарите, Балканот потврди дека е нешто што прогресивно заостанува, во него има земји што не им се дораснати на западноевропските и каде што постојано има војни и непринципиелно поставени спротивставени интереси. Токму тогаш е периодот кога најмногу почна да се забележува избегнувањето на дел од поранешните југословенски републики да се декларираат дека се дел од Балканот.

Уште одамна словенечкиот филозоф Жижек се обидел да дефинира од каде почнува Балканот, со која земја, а интересно е дека сите балкански нации декларираат дека Балканот почнува со соседната земја до нив, а самите не се дел од него. Жижек пишува дека за Србите Балканот почнува во Босна и Херцеговина и во Косово, зашто српскоправославните христијани со векови се обидувале да го одбранат целото христијанство од муслиманите. За Хрватите на север порта кон Балканот се Србите, кои за нив се деспоти и Византијци. Словенците себеси се гледаат како „претстража“ на демократска Централна Европа и тие Хрватите ги третираат исто така како дел од Балканот. Австријците и Италијанците, пак, на Словенците гледаат како на почеток на Балканот. За некои Германци дури и Австрија, поради нејзините историски врски со Балканот, некако е дел од него. Некои Германци од северот на земјата и Баварија ја опишуваат како регион со „извесен балкански шмек“.

ОЧИТЕ НА ЕУ ВПЕРЕНИ ВО ПРОБЛЕМИТЕ

Според експертите, избегнувањето да се биде дел од Балканот не е случајно. Самата формулација носи комплекс на пониска вредност, особено во минатото, кога речиси ниедна земја не била дел од Европската Унија. И самите западноевропски земји секогаш гледале со негативно значење на Балканот, како нешто вулгарно, заостанато, примитивно и често деструктивно. Голем дел од нив со овие епитети ги изразуваат и последните настани токму кај нас, во комуникацијата, однесувањето и постапките на поединци во власта и во опозицијата.

Со влегувањето на дел од земјите во ЕУ, особено на Словенија и на Хрватска, како и заложбите на другите земји за членство во Унијата, обидите тоа да се промени добиваат на интензитет. Сепак, според наши и странски аналитичари, народот тука тешко живее со бремето од минатото и историските настани што придонеле лошиот имиџ на Балканот да преовладува и денес. Токму и настаните што актуелни се во моментов на Балканот, вклучувајќи и во Македонија, придонесуваат впечатоците за ова подрачје во очите на ЕУ да останат токму такви каква што биле - нерафинирано. Сепак, и самата ЕУ како отсекогаш да гледала со недоверба и со претпазливост кон балканските земји. Постојаното укажување за реформи, долгото чекање за влез во Унијата и нееднаквиот третман кон земјите само го зголемува незадоволството на граѓаните од Балканот, а на сметка на тоа расте и евроскептицизмот.

Конкретно во земјава обвинувањата на власта во случајот „Пуч“, од една страна, и обвинувањата на опозицијата и на лидерот Зоран Заев, од друга страна, придонесуваат вниманието на западноевропските земји да е насочено кон политичката криза во негативна смисла. Уште откако опозициската СДСМ одби да учествува во работата на Собранието, меѓународната јавност постојано упатува апели и реакции дека пратениците од опозицијата задолжително треба да се вратат во парламентот, како единствено место за решавање на несогласувањата помеѓу власта и опозицијата. Голем број експерти и европратеници изразија загриженост за актуелните политички настани и упатија соопштенија со ставови за независна работа на судството, обвинителството, медиумите и владеење на правото. И самите меѓународни експерти и политичари велат дека сериозните обвинувања и начинот на нивно решавање и самото решение може негативно да придонесат за преговорите за членство. Системот треба да покаже зрелост, легалитет, самостојност, одржливост и подготвеност автономно да ги решава проблемите, а со тоа да покаже подготвеност да влезе во наредно, повисоко ниво и во друштво на европските и евроатлантските асоцијации.

ОДНЕСУВАЊЕ КАКО ВО „БАЛКАНСКА КРЧМА“

 Меѓутоа, освен кон Македонија, Европа гледа со загриженост и кон нашите соседи и другите земји на Балканот. Масовното иселување од Косово, кое е доста актуелно периодов, како и иселувањето на Бугари и на Романци, особено во Германија, откако земјите влегоа во ЕУ, предизвика само дебата и несогласувања помеѓу западноевропските земји за тоа дали треба или не треба да се примаат доселеници. Особено големо внимание периодов ѝ се посветува на Грција, која се гледа како голем должник и како проблематична земја, особено по победата на СИРИЗА на последните избори. Одбивањето од страна на премиерот Алексис Ципрас да ги спроведе докрај мерките за штедење и реформите ветени по добиената финансиска помош од ЕУ, како и заканите дека земјата ќе излезе од еврозоната и ќе се врати на драхмата, ја вратија недовербата во Грција, и тоа најмногу се почувствува во Германија. Внимание и претпазливост предизвикува и блискоста на Србија со Русија, земја што во моментов е во затегнати односи со САД и со Европа поради кризата во Украина.

Според нашите аналитичари, самите војни во минатото, премрежиња и општествено-политички настани што сѐ уште се предмет на решавање, за жал, придонесуваат за таквото мислење.

- Уште Мирослав Крлежа го има употребено терминот балканска крчма во негативна конотација, во смисла на подрачје каде што има многу спротивставености на политички интереси и меѓусебни територијални и национални претензии. Сето тоа придонесува за имиџот на Балканот да остане таков во очите на Европа, а и самите балкански земји и денес со некои постапки придонесуваат за тоа, како на пример актуелните настани во Македонија. Секаде се случуваат вакви политички кризи, но начинот на решавање е поинаков во другите земји. Тешко е да се живее со впечатокот дека Балканот е крчма, дека е нешто заостанато. За тоа придонесуваат и историските настани, историското наследство што го погодува менталитетот и стекнатите балкански навики - вели публицистот и познавач на меѓународните односи Драган Јањатов.

Според него, Македонија е еклатантен пример за тоа во патот кон ЕУ, односно мислењето дека ние не сме дораснати како тие земји во однос на политичко или културно ниво.

- Не можеме да се откажеме од тоа дека му припаѓаме на Балканот, но тој комплекс на пониска вредност што го покажуваме мора да се надмине - дополнува Јањатов.

ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА Е НОВИОТ ТЕРМИН

Според поранешниот македонски дипломат и аналитичар Виктор Габер, денес институционално Европската Унија го исфрла терминот Балкан, токму поради фактот дека некои земји се дел од неа.

- Денес се користат термини како Западен Балкан или Југоисточна Европа. Од страна на ЕУ порано се гледало пејоративно кон Балканот како нешто вулгарно или заостанато во која било смисла. Сепак, Балканот како поим и како припадност во појужниот дел, во земјите поблиску до истоимената планина, не бил избегнуван како на пример во Македонија и ние не се срамиме да кажеме дека сме дел од Балканот. Од друга страна, Грција секогаш го избегнувала тој термин, а дури и владее мислење дека кога ќе се стигне до Грција тоа не е веќе Балкан. Балканот од една страна е идентификуван со словенството, а од друга страна со муслиманството. Тој историски остаток од минатите случувања на ова подрачје за жал сѐ уште има негативно значење и баш поради тоа за да избегаме од негативното мислење користиме други термини - вели Габер.

Чувството на подреденост и вина поради големите конфликти, особено во 19 век, според косовскиот аналитичар Бељуљ Бечај, сѐ уште ги притиска народите, но тоа не е рационална причина младите генерации, наместо комплексот од минатото, да ги покажат предностите.

- Минатото беше обременето со многу конфликти, но имаше и доста успешен заеднички живот, поради кој Балканците не треба да се срамат. Во сите големи конфликти беа на вистинската страна, освен последниот, кој беше поведен од српскиот режим. Секако дека е важно тоа што се има случено досега, но сепак е најважно како ќе живееме на Балканот. Има причина да се срамиме поради минатото, но има причина да бидеме и пример за иднината доколку се ослободиме од стегите на историјата. Мислам дека Балканците треба да извлечат поука од минатото затоа што плативме голема цена - вели Бечај.

Од друга страна, според него, ЕУ мора конечно да сфати дека Балканот е неопходен дел од развојот на заедничкиот интерес со кој Европа ќе стане појака и поперспективна.

- Да ги извлечеме поуките од минатото. Иднината им припаѓа на тие што се во состојба да почнат големи промени, лидери што се етични, морални и принципиелни, лидери што треба да служат за пример, кои ќе бидат опкружени со исто такви соработници, со универзални и лични вредности. Народот сам ќе ги препознае и следи, затоа што граѓаните добро знаат што е во нивно добро, што е конструктивно, а што деструктивно. Ние не ја избегнуваме припадноста на Балканот, но не правиме доволно за да се исправи искривениот имиџ за ова подрачје - вели Бечај.

Автор: Марта Таневска

Превземено од:

http://novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=3215930595&id=9&prilog=0&setIzdanie=23408

     

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива