портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
ЕУЛЕКС знаеше се за корупцијата и свесно ги бришеше моите извештаи
ноември 2014



Конечно ќе излезе на виделина вистината за ЕУЛЕКС за тоа како оваа мисија, која требаше да се бори против организираниот криминал и корупцијата, всушност, самата е длабоко корумпирана.

Со овие зборови, Вехби Кајтази, новинарот во косовскиот весник „Коха диторе“, самоуверено и сигурен во своите докази почна да ни раскажува како го открил корупцискиот скандал во ЕУЛЕКС додека седиме во неговата редакција во центарот на Приштина. Од објавувањето на својот прв текст во понеделникот, цела недела ова е топ-тема во сите балкански медиуми. Кајтази дошол до докази дека поранешниот претседател на Собранието на судии на ЕУЛЕКС, Франческо Флори, зел мито во износ од 370.000 евра за да се ослободи Нусрет Цена, инаку поранешен член на УЧК. Главната обвинителка Јарослава Новотна, која била запознаена со доказите и со целиот случај, не дозволила да се поведе истрага против Флори.

Кајтази тврди дека поседува дел од документите со кои црно на бело може да се докаже дека сж што објавил врзано со високите функционери на ЕУЛЕКС е апсолутно вистинито. Не сака да ни ги даде оти вели на тој начин ќе ги изгуби изворите кои досега му помагале во истражувачкото новинарство.

- Доказите ги имам од сосема друга страна. Ми ги даде сега суспендираната обвинителка на ЕУЛЕКС, Марија Бами. Таа само ми потврди дека сж што знам е апсолутна вистина. Долго време собирав материјали, имам телефонски снимки од разговори од одредени луѓе во ЕУЛЕКС, имам видеоснимки, но и неколку снимени интервјуа со луѓе што го признаваат ова. Кога ја почнав приказната, ја барав и главната обвинителка Новотна, како и судијата Флори. Се разбира, тие цело време негираа дека ова е вистина - ни објаснува Кајтази.

„ЕУЛЕКС лаже“

Додека разговараме со него, се обидуваме и да ја добиеме поранешната обвинителка Бами за која Кајтази тврди дека ги открила корупциските скандали и му потврдила дека се вистинити документите што тој ги поседува. Тамам пред да се откажеме, Бами конечно одговори на повикот. Не сакаше да зборува лично со нас, но се сложи телефонски да ни објасни што се случувало. Вели дека е избезумена и дека никогаш не помислила дека мисијата за која работела, всушност, е корумпирана до таа мера што, како што вели, нејзината мисија не е да биде борец против криминалот, туку самата го креира.

- Мене во ЕУЛЕКС ме вработи државата Велика Британија, јас сум државјанин на таа земја. Во 2012 година првпат доставив докази дека Флори е замешан во корупциски скандал и очекував оти Новотна ќе започне истрага. Но наместо тоа, потоа моите извештаи и докази што им ги дадов одеднаш исчезнаа. Минатата година доставив нови докази за друг корупциски скандал и тогаш ја прашав мојата претпоставена што треба сега да направам. Таа ме поддржа повторно да доставам извештај за сж што знам. Токму тоа и го сторив. Но овој пат Новотна почна да бара начини како да ме контролира, ми вршеше притисок како јас да бев под постојана истрага - ни раскажува Бами.

Со тек на времето таа станала свесна дека највисоките функционери во ЕУЛЕКС се подготвени на сж, само да не се дознае вистината за нив.

Откритија за нови скандали

- Лажат цело време, само што доказите се сега посилни од нив. Постојано сакаат да ме претстават како виновна дека сум откривала тајни документи на ЕУЛЕКС. А тоа не е вистина, најодговорно тврдам дека ниту некогаш сум имала поблизок контакт со новинар во врска со работи што не се докажани ниту, пак, некој ми побарал. Скандалот излезе во весникот во понеделникот, а јас бев суспендирана во петокот, и тоа без никакво образложение. Целосно сум збунета и крајно револтирана. Сега се надевам дека сж ќе се заврши како што треба, имам целосна поддршка од британската амбасада во Косово и од мојата земја. Не можам повеќе да зборувам - заврши Бами.

Нашиот колега Кајтаз, тврди дека секојдневно обработува и нови докази за нови случаи на организиран криминал врзани за ЕУЛЕКС, но има и тесна соработка со косовските власти. Според него, политичката криза и неможноста да се формира влада дополнително се комплицира со скандалот во ЕУЛЕКС. Интересно е што Кајтази тврди дека, всушност, доказите во оптек ги пуштила српската тајна служба, односно потекнуваат токму од таму.

Не знае како сето ова ќе заврши, но се надева дека ова откритие ќе му помогне на Косово да го подобри својот имиџ во ЕУ. А дека ЕУЛЕКС ја има мувата на капата, според него, доволно зборува и фактот што против Бами од вчера е поведена постапка за откривање доверливи документи.

- Од неа јас немам ништо добиено. Но таа очигледно е единствената што знае сж и сега сакаат да ја жртвуваат и замолчат. ЕУЛЕКС дојде во Косово да ги „лови“ поранешните членови на УЧК и криминалци, ама што се докажа? Дека токму од нив зема мито и ги ослободува извршителите на убиства како Нусрет Цена. Се сомневам дека телото што сега работи на случајот што го формира ЕУЛЕКС воопшто ќе биде независно и непристрасно во работата. Но барем за нас е важно што случајот и воопшто целата работа на ЕУЛЕКС за време на нејзиниот мандат во Косово ќе биде на дневен ред во Европскиот парламент по барање на Луначек, известувачот за Косово - нагласува Кајтази. И додава дека ништо не се променило на подобро откако ЕУЛЕКС е тука.

Завршуваме со разговорот со него. Нж испраќа оти брза да се врати на пишувањето на денешната ексклузивна вест, која открива уште еден скандал со уште еден специјален обвинител на ЕУЛЕКС, Џонатан Рател. Кајтази има информации дека Рател примил мито за да го ослободи Азем Суља, кој бил обвинет за организиран криминал. Го прашуваме дали му се закануваат или му вршат притисоци.

- Откако почнав да ги објавувам приказните - не. Но пред тоа. кога насетија дека имам сознанија. постојано ми се закануваа - вели и ни дава до знаење дека повеќе не треба да се интересираме.

Љубезно не испраќа нагласувајќи дека можеме да соработуваме кога и да има потреба.

Соломон: ЕУЛЕКС во моментот е само сопатник во автомобилот

Продолжуваме со такси-возило до административната зграда на ЕУЛЕКС, ја очекуваме портпаролката Драгана Николиќ-Соломон. Пред зградата уредно паркирани се службените автомобили на ЕУЛЕКС. Нж предупредува дека за нас има само 15 минути време бидејќи наскоро ќе пристигне новинар од британскиот „Гардијан“, кој бара информации на истата тема.

- Не можам да ви кажам ништо бидејќи истрагата е во тек. Не можам ништо плус да ви кажам во однос на ставот на ЕУЛЕКС додека истрага тече. Во врска со Бами можам да кажам дека нејзината суспензија не значи казна и таа добива плата и придонеси иако е суспендирана - вели Соломон и крева раменици во знак дека тоа е сж за што може да зборува. Додава дека ЕУЛЕКС во моментот има изменет мандат, што практично значи дека немаат доминантна димензија кога станува збор за големи случаи врзани за организиран криминал.

- Во моментот сме само сопатници во автомобилот. Сега за големите случаи има само по еден судија од ЕУЛЕКС, а доминираат косовските органи - вели и завршува со информацијата дека мисијата завршува во јуни 2016 година.

Дека ЕУЛЕКС не ужива добар имиџ во Косово, ни потврдија и изјавите на граѓаните.

ЕУЛЕКС е мафија, исто како и нивниот судија Флори, што го читаме деновиве во весниците. Ништо не направија како што треба, ни вели 53-годишниот Реџепи, кој живее во непосредна близина на зградата на ЕУЛЕКС. Кајтази вели дека луѓето не ја сакаат токму поради тоа што нејзината главна мисија е да ги гони и лови учениците во УЧК. Но со тоа не се сложува таксистот со кој се возевме.

Не им верувам ниту на нив ниту на нашите политичари. Ова е пропадната инвестиција. Тука нема ниту власт ниту полиција. Сж е корумпирано, а народот како се снаоѓа самиот си знае, вели тој.

Маја Коцијанчиќ: Ги истражуваме тврдењата за корупција

Европската комисија ги истражува тврдењата за корупција во ЕУЛЕКС, но ги отфрла обвинувањата дека припадници на правосудната мисија малтретирале новинари, изјави Маја Коцијанчиќ, портпарол на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон.

- Многу сериозно ги прифаќаме наводите за корупција - истакна Коцијанчиќ додавајќи дека шефот на Канцеларијата за цивилно планирање и одговорност на владеењето денеска отпатувал во Приштина, а високата претставничка моментно разгледува преземање натамошни чекори.

Таа демантира дека членови на мисијата му се заканувале на новинар од приштинскиот весник „Коха диторе“, кој објави повеќе текстови за корупција во раководството на ЕУЛЕКС, дека ќе биде кривично гонет доколку не ги повлече.

- Ние не вршиме притисок врз новинари - нагласи портпаролката тврдејќи дека разговорот меѓу службениците на ЕУЛЕКС и новинарот се одвивал во добра атмосфера, без закани.

Потпретседателката на Европскиот парламент, Урлике Луначек, побара надворешно независно тело целосно да ги истражи наводите на обвинителката Марија Бами за подмитувањето.

- Тврдењата на обвинителката Бами фрлаат мрачна сенка врз угледот на ЕУЛЕКС - нагласи Луначек, пратеничка на зелените во ЕП.

Луначек потсети дека Ревизорскиот суд на ЕУ утврдил пропусти во работата на ЕУЛЕКС и напомена дека и таа во повеќе наврати го иницирала прашањето за неефикасноста на ЕУЛЕКС и решавање особено на корупцијата и организираниот криминал на Косово.

Искра Коровешовска

Превземено од:

http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=FC7C958E00C60C4E86D2E747119B2855

Коментари
Нема коментари.
 
Архива