портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Далеку е Америка, а безвизниот режим е уште подалеку
октомври 2014



ДОЛГ Е ПАТОТ ДО ЕКСКЛУЗИВНИОТ КЛУБ ЗЕМЈИ

Американскиот систем на визна либерализација има слични елементи со европскиот, во кој Македонија е влезена, ако се суди според податоците што американскиот Стејт департмент ги поставил на своите интернет-страници и од други извори што се занимаваат со оваа проблематика. Во основа тој им овозможува на граѓаните од државите што се влезени во оваа програма да патуваат без виза во Соединетите Американски Држави за краток престој, што значи не повеќе од три месеци во период од шест месеци. Колкави се шансите Македонија да стане дел од ексклузивниот клуб држави што ја уживаат таа привилегија, а кои се сега само 38 на број (плус Канада, кон која САД немаат класична визна либерализација, туку уште послободен безвизен режим)?

НИ ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ НЕ Е ГАРАНЦИЈА

Новиот македонски амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, беше вицепремиер за евроинтеграции кога заедно со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на 19 декември 2009 година беа дел од свечениот безвизен лет од Скопје до Париз. Тоа беше датумот кога на македонските граѓани првпат им се овозможи да патуваат без шенгенски визи низ Европската Унија. Наумовски, најавувајќи ги приоритетите на својата работа во САД, истакна дека ќе работи и на слична мерка со таа земја, иако напомена дека тоа може да биде само среднорочна цел, а не нешто што би требало да се очекува наскоро (претходно, како што рече, треба да се исполнат критериумите и да се унапредат состојбите).

Од 38-те земји што имаат либерализиран визен режим со САД, пет се мини-држави, како Андора, Брунеи, Монако, Сан Марино и Лихтенштајн, што значи остануваат 33 земји. Од членките на Европската Унија, пет земји не се на оваа листа, како Полска, Хрватска, Кипар, Бугарија и Романија, а дополнително од членките на НАТО и Албанија. Од неевропските држави тука се само Австралија, Нов Зеланд, Чиле, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и Сингапур. Аргентина и Уругвај исто така биле во програмата до пред една деценија, но им била укината оваа привилегија откако избиле економски кризи во земјите. Сега се повторно во процедура да ја вратат либерализацијата и да ги исполнат условите.

ЕЛЕКТРОНСКИ ПАСОШИ И МНОГУ ДРУГИ УСЛОВИ

Кои се условите? Според информациите од Стејт департментот, има неколку минимални критериуми за една држава да се смета за можен кандидат за визна либерализација. Македонија веќе исполнува еден од нив, а тоа се електронските пасоши, кои беа воведени поради европската визна либерализација. Другите се дека треба да има засилена соработка со САД за размена на информации поврзани со безбедноста, да има систем за навремено информирање за украдени и загубени пасоши (празни или издадени) и да одржува високи стандарди за борба против тероризмот, спроведување на законот, гранична контрола и стандарди за безбедност на документите. Засега нема конкретен одговор во која мера се исполнуваат овие услови.

- Новиот амбасадор во САД само најави дека ќе почне да работи на укинувањето на визите. Претенциозно е да се смета дека тоа може да се случи наскоро. Во моментов е многу тешко да се каже во детали до каде се работите, иако со САД имаме добро развиена соработка на многу полиња. Не треба да се верува дека Наумовски ќе го постигне тоа за кратко време. Тој само најави дека ќе работи да се влезе во тој процес - објаснуваат од Министерството за надворешни работи.

Но меѓу мерливите критериуми е и тој дека државата што сака да добие безвизен режим со САД треба да има годишно помалку од три проценти одбиени апликации за американска Б-виза, која се издава за кратки туристички патувања. Во Македонија, исто така според податоците од Стејт департментот, тој процент се движи меѓу 20 и 27 отсто во последниве фискални години (во САД фискалната година трае од 1 октомври до 31 септември, а во тој период се пресметува и издавањето на визите). Критериумот од три отсто го исполниле само седум земји во фискалната 2013 година, и тоа Аргентина, Уругвај, Катар, Оман, Мозамбик, Науру и Хонгконг. Само две од нив (Аргентина и Уругвај) се меѓу десетте држави што од 2005 година се во процес на преговори за приклучување кон програмата за визна либерализација со САД. Во таа постапка веќе со години се и земјите од ЕУ на кои сѐ уште им треба виза за во САД, и уште Бразил, Турција, Малезија и Израел. Исполнувањето на критериумите е само почетна фаза, додека на крајот дали некоја земја ќе влезе во програмата е политичка одлука на американските власти. Исто така, тие можат да го суспендираат учеството на некоја земја во програмата во секое време.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=103142337524&id=9&prilog=0&setIzdanie=


 

Коментари
Нема коментари.
 
Архива