портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Две интервјуа и еден стар кнез
април 2014
Драган
Стојановски



Одбивањето на украинските војници да почнат борба со проруските сили, што може да излезе и решавачки фактор за тоа во кој правец ќе се реши кризата, не треба да изненадува. За однесувањето на војниците има повеќе причини, еве некои кои први ми паднаа на ум.Во украинската армија има Руси кои нема да пукаат на своите. Има многу Украинци кои не сакаат да пукаат на Русите. Повеќето од војниците се свесни дека пукањето врз цивилите од Донбас е како да си истепал туѓо дете - ќе им ги донесе на врат руските специјалци кои на Кавказот имаат поминато сито и решето и навистина знаат да војуваат. Војниците исто се свесни дека против себе ги имаат добро обучените и, овојпат вооружени припадници на Беркут кои неодамна беа отпуштени од служба затоа што ја вршеа својата работа.

Понатаму, војниците не сакаат да го изложуваат својот врат за актуелната власт во Киев, бидејќи Турчинов и Јацениук немаат сигурна иднина. Таму навистина не се знае што ќе донесе утре и кој задутре ќе биде на власт. Сте го виделе ли во последно време Витали Кличко? Затоа повеќемината сметаат дека е поарно да се биде мирен.

На крај, но можеби најважно - луѓето не сакаат да се борат за државата од која се чувствуваат повеќекратно измамени. Ова е многу важно прашање бидејќи го гледам како синдром во повеќе пост-транзициски држави.

Украинците 25 години гледаат како демократски избраните власти дрпаат кој може повеќе. Тимошенко и Јанукович заедно со нивните олигарси испокрадоа толку што од бројките ви се врти во главата. Нивните владеења беа промоција на систем на „ортаклак“ во кој заедно со ортаците по бизнис и партија ја молзеа државата до суво. Јушченко, прогласувајќи го Бандера за народен херој го оживеа фашизмот и ги заостри поделбите. Од под камењата се извлекоа наследниците на SS Galizien, луѓе чиј ментален склоп е комбинација на Гестапо, Ал каеда и на типовите од Wrong turn (првиот дел со преубавата Елиза Душку во главна улога), со што ги заострија поделбите. Некои паметат дека пред две години Советот на Европа го осуди делувањето на партијата „Свобода“, која сега има петмина функционери во највисоката власт.   

Степенот на коруција и непотизам е на толкаво ниво што дури и Олег Блохин, во времето кога почнаа сериозните судири ги подржа проевропските сили од Мајданот. Блохин има зборувано разни работи, и првото интервјуто на кое се сеќавам е тоа во кое тогашната голема фудбалска ѕвезда и несекојдневен фраер рече „а што ако ни дојде фудбалска репрезентација од друга планета, и сите нивни играчи се левоноги?“ Но, барањето промени и држава на еднакви можности не е воопшто чудно дури и ако доаѓа од таа стара комуњара и фудбалски селектор кој никогаш не ја запеа украинската химна и за кого и денес постои само една држава – СССР.

Што инаку значи фактот што едницата која ја командувал актуелниот министер за одбрана пред петнаесетина години имало 450 тенкови. Денес нема ниту еден. Се е распродадено и испокрадено. Украинската политичка елита има државна есенција силна како кај оние македонци (намерно со мала м) кои секое лето оставаат тешки пари по грчките плажи.

Гледав неодамна резултати на едно истражување, повеќе од половината од жителите на една пост-транзициска држава не се готови за татковината да облечат униформа. Одговорите главно се во стил – „јас како патриот ќе застанам во вториот ред на одбраната, ако во првиот ров легнат транзициските добитници или нивните синови.“  Ете затоа Украинците не сакаат да се борат. Доста им е лажење. Овците отсекогаш ги носеле на колење. Но, порано луѓето биле собирани за војна под паролите „за верата, за нацијата, за кралот“.

Денес, кога е спроведен систем на демократијата и цивилно општество, луѓето очекуваат демократија и цивилно општество. Со други зборови - еднакви шанси!  Лажењето веќе не поминува, никој не е со прст правен. Владеачите можат да лажат, но кога ќе дојде падни-стани, ќе останаат да се обѕираат по пуста пољана.

Би било интересно да се изтражи каков ефект имале транзициските влади во Македонија, колкумина од нас се чувствуваат измамени или ограбени до степен да не ни е битно кој кај нас ќе владее. 

Во светло на новите настани, а во врска со опциите кои ги има Македонија за еден ден да престане да биде европско сираче. Мислам дека најдобро за нас е да седиме на две столици. Југославија покажа дека тоа е можно и полезно. Присетете се, впрочем, за поговорката за јагнето кое цица од две мајки. Но, ако некогаш бидеме поставени пред избор, ќе треба да се пресметаат сите плусеви и минуси.

Прво, треба да ни биде јасно дека Западот од нас ќе го купи само она што самиот кај нас ќе го произведе, плус продуктите на индустриите кои со право ги смета за загадувачки. Храна западот извезува, а поради огромните субвенции може нам да ни продава. Од друга страна, во Русија би продале се што ќе произведеме, ќе бидеме субвенционирани со евтина енергија и никој нема да не тера да се вмешуваме во воени конфликти. Ако добро паметам, СССР во Авганистан влезе сам, а САД во сите свои воени авантури вмешува кого ќе стигне. Во моментов на располагање им се само Французите, но да одиш на војна без Французин е како да одиш на лов без армоникаш. „Продавам француска пушка. Неупотребена, еднаш фрлена“. Значи, сигурно ќе не викаат и нас.

А сега погледнато во подолга перспектива.

Рускиот гас и нафта еден ден ќе се потрошат и тогаш цела таа царинска унија ќе нема што да му продаде на Западот. Русите имаат жито, воена техника (воздухопловство и тенкови, со морнарицата се мачат од Петар велики наваму) вселенска и нуклеарна техонологија и толку. Имаат, да, многу суровини и богатства, практично целата Менделеева таблица ја имаат на својата почва, но се тоа е „потрошно“. Плус, пред извесно време Русија почна обнова на овошните насади, што значи дека е свесна за слабостите, и тоа е добро за неа, но лошо за нас и сите кои планираат во иднина таму да продаваат јаболки.

Слабостите се во технологијата.

Можеби поради климата, можеби поради соседите, славјанските народи се техонолошки инфериорни и тоа му било познато уште на Иван Грозни, кога пред пет века во Русија ја создал првата колонија населени од експерти Германи. Германија, Франција, Шведска или Британија, сите имаат прозиводи, од детска храна, преку пасти за заби до автомобили и лаптопи со квалитет кои руските, чешките или словенечките не можат да го достигнат.

Минатата година имав прилика да пробам чоколада купена во Германија и чоколада од фабриките на Петро Порошенко. Разликата е како да читаш книга на некој од англиските современи мајстори, а потоа да земеш книга на некој од „наградуваните“ македонски автори. За да посегнеш по второто, треба да помине многу време и треба ептен да си гладен.

На крај. Руското свртување кон исток. Новиот договор за продажба на гас на Кина како и новите трговски договори со земјите на БРИКС покажуваат нова тенденција. Кинезите договориле гас по 250 долари, и тоа за Русија е прифатливо иако просечната цена за европските држави е околу 350 долари. Во Европа по се изгледа влегува американскиот земен гас, а зошто Русија е готова на Амриканците да им препушти дел од пазарот и на тој начин на американската економија да и фрли појас за спасување, е друга тема.

„Војна и мир“ сум ја читал толку пати што сите ликови ми се живи, но некако најмногу стариот кнез Болконски. Зборувајќи против сојузот со Германците кои „не ги тепал само тој што против нив не војувал“, стариот кнез му кажува на младиот Болконски кој се токми на војна со Наполеон: „Русија не треба да се ангажира во Европа. Рускиот интерес е на исток“. До скоро, оваа реченица ми се гледаше многу неточна, сега ме тера на размислување.

Во едно интервју, исто од пред многу години, Бранимир Џони Штулиќ зборуваше за литература и прашан за Толстој рече еден збор - „пророк!“

Значи, сега засега, Македонија треба да води политика „добро утро чаршијо, на сите четири страни“. А што потоа, ќе видиме кога ќе дојде време.

Превземено од:

http://www.mkd.mk/kolumni/dve-intervjua-i-eden-star-knez
Коментари
Нема коментари.
 
Архива