портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
САД и Сирија – ранетиот ѕвер
септември 2013
амбасадор Ристо
Никовски
И САД имаа своја 2001. Настаните од 11 септември оставија неизбришиви траги врз Америка. По 11 септември, најдалекусежна последици за САД е чувството дека не се – недопирливи. Вашингтон веќе не може тоа да го игнорира. На меѓународен план, во голема мерка, рацете им се - врзани.


Факт е дека САД, после јавниот пораз кој го доживееја на 11 септември 2001, не се веќе истиот бестрашен, бескомпромисен, (најчесто) без скрупули,    агресивен... меѓународен фактор. Останаа, сепак – главен. Вашингтон ја сфати својата ранливост на најдиректен, шокантен начин. И, не само што не успеаја да најдат рецепт за меѓународниот тероризам, со се’ што беше преземено после тоа, туку им стана јасно дека такво нешто е скоро – невозможно. Рационално решение  не постои, се додека има спремни да одат курбан за некоја цел. Самоубиствениот чин не може да се избегне, камо ли спречи. Ќе неутрализираш пет, тринаесет... сто и дваесет... двеста и првиот ќе успее. А нив ги има доволно. Спремноста да се жртвува животот доаѓа нешто како виша сила.

Сите прислушкувања, следења, шпионирања, превенирања..., потрошени огромни средства..., се само обиди за намалување на злото и можната штета, и ништо повеќе. И кога се во прашање милијарди разузнавачки информации, собрани од цел свет... Тие напори секако даваат одредени резултати и ќе спречат некои напади ама другите успеваат и шират страв и неизвесност. И, проблемот останува. Ако веќе ги нема кулите во Њујорк, слични цели има насекаде.

По 11 септември, најдалекусежна последици за САД е чувството дека не се – недопирливи. Вашингтон веќе не може тоа да го игнорира. На меѓународен план, во голема мерка, рацете им се - врзани. Американска брза, робусна меѓународна акција, во каква било кризна ситуација, веќе не е (лесна) опција. Пред 2001-та, никого за ништо не прашуваа (ООН...) и - делуваа. Оттогаш, се’ повеќе сме сведоци на тактизирање, калкулирање, консултирање, мобилизирање... Вашингтон се почесто го избегнува, намалува или се обидува што пошироко да го дели ризикот во секоја сериозна прилика. А тоа, објективно, води во неефикасност и нови – порази.

Исклучоци се интервенциите во Авганистан, преземенa веднаш по нападите од 11 септември, со цел да се казнат напаѓачите кои се криеја таму, и во Ирак, во 2003-та, која беше и дел од борбата против тероризмот, ама требаше да ја врати и самодовербата во Вашингтон.

Експертите за САД треба да оценат дали петте крајно бледи надворешно-политички години на Обама, не донесоа ништо позитивно, никаков впечатлив резултат, токму поради американска нерешителност? Од Авганистан и Ирак, преку Египет,  Либија, Тунис... до Јемен, Пакистан, Северна Кореја... доживувани се само порази.

Во 1986-та, децата учеа во американската гимназија во Џакарта, Индонезија. Еден ден, од училиште се вратија видно вознемирени. Со неверување објаснуваа дека нивните американски другари, кои беа најбројни, со восхит славеле, скокале и извикувале – ја бомбардиравме Либија! Ја бомбардиравме Либија! Збунето прашуваа – како може некој да се радува и гордее за бомбардирање на друга земја? Зарем таму не гинат и деца?

Гинеа, ама не американски. Меѓутоа, откако неколку илјади њујорочани настрадаа во кулите на 11 септември, приказната веќе не е иста. Туѓите жртви се прости бројќи 5... 28... 1354... Сопствени се со имиња и презимиња. Со адреси, фамилии, пријатели... Тоа е новата позиција во која се најдоа САД и која диктира поинакво однесување.

За жал, меѓутоа, Вашингтон воопшто не продемонстрира потребен капацитет за поцелосно политичко прилагодување на новите реалности. Не покажа спремност за подлабоко преиспитување на сопствената надворешна политика и не се согледаа потребите за градење на нови сојузништва и партнерства кои би отвориле посериозни перспективи за соочување со современата чума – тероризмот. Некакви обиди имаше ама, колку може од страна да се оцени, тие беа само млаки полу чекори.

Војната против меѓународниот тероризам, САД не можат успешно да ја водат:

а) без претходно да расчистат со сопствената филозофија дека има добри терористи (тие што се со нив) и лоши (тие од спротивната страна) и

б) без блиска соработка со Русија, пред се’. Се додека нема тесно координирање на борбата против меѓународниот тероризам на линија Вашингтон – Москва, посериозни исчекори не се можни.

Се разбира, одредена улога во тоа ќе имаат и Лондон, Берлин и Париз, како и повеќе други земји, како Кина, Индија, Турција, Бразил... ама горната оска мора да биде основниот столб.

Промената на перцепцијата за Русија, како изгледа, е преголем залак за САД. Затоа и нема позначајни резултати во оваа борба. Антируските корени таму се и прешироки, и предлабоки. Расеани се во сите главни тинк-тенкови, кај експертите, новинарите, политичарите... Доминираат тие со подолг стаж, кои го паметат СССР како црниот ѓавол. Затоа – излез нема. Долгата и темелна индоктринација, против сибирската мечка, остави исти такви трагови.

Обама не се покажа способен за посериозни промени на овој план. На една средба, тој му шепна на Медведев, ама цел свет чу, дека во вториот мандат ќе има повеќе маневарски простор за соработка со Русија. Засега, тоа останува само шепот, а односите меѓу двете земји се на надолна линија. Хендикепот на Обама е што покрај себе нема некој од калибарот на Кисинџер, кој повеќе пати тајно патуваше во Кина за да направи длабок пресврт во американската (погрешна!) надворешна политика. Засега, изгледа, влијанието на Бжежински и врз Обама и, веројатно, уште повеќе врз неговите советници и експерти, е се’ уште пресилно. Тој, да потсетиме, му беше главен надворешно-политички советник, при претседателската кампања, во 2008-та. А Бжежински, целата своја кариера ја градеше преку промоција на опасностите кои доаѓаат од Москва и комунизмот. Изјавува дури и дека лично го срушил СССР, преку подметнатото инволвирање во Авганистан, во 1979-та!?! Неговите главни анализи потекнуваат од периодот на студената војна која тој, лично, никогаш не ја надмина. Тоа е додатна, сериозна (не само!) психолошка блокада за Вашингтон.

Најдобар доказ за горните состојби е – Сирија. Таму, САД не знаат што пат да фатат. Нормално, после 2001-та, јавноста е со висок процент против воена интервенција. Најверојатно, и Конгресот нема да ја одобри. ЕУ веќе најави дека е против. Оланд и Камерон се за, ама без ефект бидејќи немаат поткрепа во парламентите. Сојузништвото од Турција и некои арапски земји нема поголема тежина... Обама е сам, на бришен простор. Безрезервно зад интервенцијата застанаа само снабдувачите на Пентагон, кои се навикнати да заработуваат главно крвави пари.

Тешко е да се прогнозира што ќе одлучи Обама. Нема да му биде лесно. Товар ќе му биде и Нобелот за мир, кој го обврзува. Откако побара согласност од Конгресот, просторот за маневар му е минимален... Никаков. Ако се откаже...

Интервенцијата во никој случај нема да биде од хуманитарен карактер, а најмалку во интерес на сирискиот народ, за да му се намалат страдањата од војната. Целта е да се смени режимот. Анализи говорат дека веќе преку 30 години таква акција е на маса кај планерите во Вашингтон. Пред 2000-та за да го срушат Хафез ал Асад, а од тогаш, син му Башар. Чист империјализам. Ако се нападне Сирија без амин на СБ на ООН, тоа ќе биде нелегална и, ако сакате – криминална акција. Ако на сето тоа се додаде дека „бунтовниците“ во Сирија се поттикнати, подготвени, платени, наоружани... од надвор, фарсата е до крај јасна.

Иако изгледите се се’ помали, бомбардирањето на Сирија ќе биде исклучително ризичен потег. Земјата е добро наоружана и може да удри по американските бродови во Средоземјето; можен е удар и врз Израел, ама и обратно; можно е вклучување на Иран кој е најблизок сириски регионален партнер; Русија нема да  се вклучи во воените операции, ама ќе преземе бројни чекори... Се заедно, состојбите на Блискиот Исток ќе се вратат години наназад, со сите неизвесности кои следат.

Дали е на повидок нова, студена војна?

Превземено од:

www.faktor.mk

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива