портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Борците за слобода му се удираат од глава на Вашингтон
мај 2013
А.Србиновски
В.Мијановиќ

Од поддржувачи на каузата на чеченскиот угнетен народ на кој му е забрането правото на самоопределување, Американците сега станаа заговорници на руската антисепаратистичка политика на Чеченија. Слично искуство САД имаат и со талибанците и со Ал каеда, кои ги поддржуваа во битката против Советскиот Сојуз, а потоа тие им возвратија со најголемиот терористички напад на американска почва. Американците отворено застанаа и зад УЧК во Србија и во Македонија...



Борци за слобода или терористи? Од ИРА, преку ЕТА и УЧК, до чеченските „црни вдовици“, во светот постојат двојни аршини за именувањето на вооружените групи што се служат со терористички методи на борба за своите политички или етнички цели. Во Обединетите нации не постои општоприфатена дефиниција за тероризмот и за терористичките групи, а состојбата дополнително се компликува ако нивната борба се совпаѓа со интересите на светските сили. Тогаш по правило има двојни аршини - борците за слобода стануваат терористи и обратно.

Токму поради овие феномени на меѓународната политика, заедно со информациите дека осомничените за нападите во Бостонскиот маратон се етнички Чеченци, домашната стручна јавност ја објаснува радикалната промена на ставот на САД кон Чеченија. Од поддржувачи на каузата на чеченскиот угнетен народ на кои им е забрането правото на самоопределување, Американците сега станаа заговорници на руската антисепаратистичка политика на Чеченија!

Американски медиуми

И руската телевизија Русија денес во својот последен прилог по случувањата во Бостон констатира дека има голема промена кај САД во портретирањето на овој немирен регион во светот.

- Ако низ двете сепаратистички војни што ги водеа чеченските милитанти во 1990-тите, стандардното американско информирање од настаните во Чеченија се фокусирало на приказната за Давид и Голијат, „забрана“ на правото на самоопределување и злоупотреба на човековите права, по нападот во понеделникот, се појави новиот, злобен меѓународен имиџ на Чеченија - наведува руската телевизија.

Докажувајќи ја својата теза за промена на надворешната политика на Вашингтон, московскиот медиум ги пренесува и насловите во американските медиуми што сега овие доскорашни борци за човекови права ги претставува во сосема поинакво светло.

„Регионот Чеченија е котел на исламската милитантност“, вели еден наслов во „Њујорк дејли њуз“, за „ЛА тајмс“ тоа беше „загноена чеченска милитантност“, додека „Вашингтон тајмс“ излезе со наслов „Чеченија е легло на исламскиот екстремизам“.

Телевизијата Русија денес истовремено потсетува дека, за разлика од минатото, сега Американците од поинаков агол потсетуваат на инцидентите предизвикани од Чеченците што завршија со трагедии во Русија - заложничката драма во „Дубравка-театарот“ во Москва во 2002-та и масакрот во училиштето во Беслан во 2004 година.

Списанието за надворешна политика „Нешнел интерест“, според рускиот медиум, оди дури дотаму што пишува дека политиката на Владимир Путин кон Чеченија „е оправдана“ и дека „претседателот Обама итно мора да му се јави на Путин“.

Нема дефиниција кој е терорист

Универзитетскиот професор Стојан Славески објаснува дека ваквата нагла промена на американската политика кон Чеченците е сосема нормална работа и не треба да нѐ чуди воопшто.

- Ова не е ниту прв ниту пак ќе биде последен пат кога големите сили прекуноќ ќе го променат својот став за одредени групи, организации или народи како во случајот со Чеченците - вели професорот.

Тој ова свое размислување го темели на фактот дека организациите како Чеченското ослободително движење ќе ги уживаат поддршката и поткрепата, воена или финансиска, на САД или на некоја друга светска суперсила сѐ додека нивните цели и интереси се совпаѓаат.

- Но кога во одреден момент ќе им се разидат интересите или, пак, ќе се случи некој немил настан како оној во Бостон, нормално е брзо и радикално да се смени ставот на суперсилата, без оглед на сѐ што било во минатото - објаснува професорот.

Славески објаснува дека ако до инцидентот Чеченците „играле“ за американските интереси или, пак, само се совпаѓале со нив, слабеејќи ја Русија тие не биле терористи, но во моментот кога застанале против интересите на САД, а извршиле и напад на нивна територија, нормално е тие тогаш од борци за слобода во тамошната јавност да станат терористи.

Воено-политичкиот аналитичар Благоја Марковски се согласува со Славески и додава дека токму за да се избегнат овие различни толкувања кој е терорист во иднина мора да се изгради заеднички механизам што би важел за сите членки на Обединетите нации, со кој точно би се одредувало на светско ниво која група е терористичка, а која не е.

- Секоја земја си поаѓа индивидуално од тоа што е за неа тероризмот. Па токму затоа често сме збунети кога ќе прочитаме различни вести од различни држави, каде што за едните ЕТА е терористичка организација, а за другите нејзините припадници се борци за слобода - вели Марковски.

САД даваат државјанства ако „играш“ за нив

Токму овој двоен аршин, раскажува Марковски, доведе до забуна кај светската јавност како сега со Чеченците за тоа како беше третирана УЧК или ОНА или, пак, АНА на Балканот. За Русите, Македонците и за Србите, УЧК беше терористичка организација, а за Американците и за Албанците тие беа и сѐ уште се борци за слобода и човекови права.

- Овој статус Албанците го добија од САД, бидејќи играа за нив. УЧК помогна да се сруши антиамериканскиот режим на Слободан Милошевиќ и токму затоа овие албански паравојски уживаа поддршка од Вашингтон - објаснува аналитичарот.

Според Марковски, неминовен факт е дека во 2001-та кај нас во Македонија

НАТО и САД застанаа зад УЧК, бидејќи таа беше употребена за да се истуркаат нивните интереси.

- Затоа сега е полесно Албанците, како и Чеченците, според заслугите да добиваат американски државјанства и работни имиграциски дозволи за иселеници бидејќи американската администрација нив ги смета за сојузници, а не за терористи, за луѓе што бараат азил оти бегаат од места каде што владее недемократски режим - резимира Марковски.

Безбедносниот експерт, професорот Стојан Кузев, пак, е со гледиште дека преку овие, условно кажано, терористички организации или борци за човекови права, големите сили си ги кршат копјата за превласт во светот, па токму поради тоа и не постои јасна дефиниција што би важела за сите кој е терорист.

- Доколку акциите на милитантните групи се совпаѓаат со геостратегиските интереси на една моќна држава, а со тоа се ослабува конкуренцијата, нелогично е да се размислува дека таа суперсила би го прогласила за терорист оној што ја игра нејзината игра. Па токму затоа ние Македонците паравојските ги доживуваме како терористи, а Американците и Западот бидејќи играа за нивните интереси ги доживуваа како борци за слобода и човекови права - резимира Кузев.

Добрите момчиња можат да станат лоши

Еден од поинтересните примери за тоа како „работите може да тргнат во погрешна насока“ е токму американското искуство во Авганистан, односно врските помеѓу Вашингтон и исламистичките борци, односно талибанците. Познатиот експерт за авганистанските прашања Ахмед Рашид истакнува дека е повеќе од јасно дека Вашингтон, кој ги вооружи и обучи авганистанските муџахедини во текот на нивната борба против советските окупатори во 1980-тите години, индиректно ги поддржа талибанците.

- САД ги охрабрија Саудиска Арабија и Пакистан да ги поддржат талибанците, особено при нивното напредување кон авганистанската престолнина Кабул. Тоа сега изгледа доста иронично - вели Рашид.

По протерувањето на Русите, односно нивното повлекување во 1989 година, Авганистан беше поделен помеѓу ривалските воени фракции. Така оваа азиска земја стана омилено засолниште на исламските терористи од различни фракции и организации, како што се мрежата Ал каеда и нејзиниот лидер Осама бин Ладен. Парадоксално, истиот Бин Ладен, кој со американско оружје и поддршка учествуваше во борбите против Советите, го организира најголемиот терористички напад врз САД, односно врз Њујорк и Вашингтон, во кој беа убиени над 2.000 лица. По нападите на американско тло и воената акција на Вашингтон за соборување на талибанскиот режим во Авганистан и уништување на терористичката Ал каеда, повеќе високи американски претставници, меѓу кои бившата државна секретарка Хилари Клинтон, јавно признаа за вмешаноста на САД во формирањето на талибанското движење. Така, републиканскиот конгресмен Дејна Рохрабакер истакна дека талибанците беа конструкт на ЦИА, која и ги вооружуваше. За Клинтон, пак, идејата за формирање на талибанците изгледала добро во 1980-тите години.

- Изгледаше како многу добра идеја во 1980-тите години, да се охрабрат, обучат и опремат талибанските муџахедини и џихадисти за борбата против СССР, кој изврши инвазија на Авганистан. Со наша и со пакистанска помош, оваа група, вклучувајќи го и Бин Ладен, го порази Советскиот Сојуз - изјави Клинтон во октомври 2009 година.

На тој начин, од најголем американски сојузник против Советите во Авганистан, Бин Ладен стана главна цел на ЦИА и на Вашингтон. Озлогласениот лидер на Ал каеда и прв човек на американската листа на најбарани бегалци беше убиен од американски специјалци во Пакистан, во почетокот на мај 2011 година. САД имаат горко искуство и со Либија, каде што технички и воено ја помагаа опозицијата што се бореше против либискиот лидер Моамер Гадафи. Иако Вашингтон е еден од најзаслужните за соборувањето на Гадафи, американската амбасада во Либија беше цел на организиран напад и уништување на објектот, при што беа убиени американскиот амбасадор и уште неколку вработени во дипломатското претставништво.

Превземено од:

http://novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=42313850335&id=9&prilog=0&setIzdanie=22863

 

Коментари
Нема коментари.
 
Архива