портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Ниту Македонија се распадна, ниту Хрватска и Албанија се офајдија
април 2013
Ф. Димеска
Г.Трпковски
Каде ќе беше Македонија ако ветото не се случеше? Ако гледаме каде се другите две држави, ниту едната ниту другата не се задоволни од економските придобивки, не го добиле тоа што го очекувале од Алијансата. Сепак, среќни се што членувањето им дава чувство на поголема безбедност, поточно ги обврзува повеќе да вложуваат во тоа поле.





ПЕТ ГОДИНИ ПО САМИТОТ НА НАТО ВО БУКУРЕШТ

Самитот на Северноатлантската алијанса во Букурешт што се одржа пред точно пет години покажа дека целото јато нема да влезе во НАТО. Неколку години порано, познатата Јадранска група (А3) се упати во јато кон НАТО, како што гласеше слоганот со кој таа се промовираше во Македонија. Ја формираа Хрватска, Албанија и Македонија, во соработка со САД (инаку денес во неа членуваат и Црна Гора и Босна и Херцеговина, па се вика А5). Но она што го помина филтерот во Букурешт симболично може да се нарече А2, додека Хрватска и Албанија добија покана за членство, Македонија доби грчко вето, кое оттогаш е доминантна тема во нашата надворешна политика.

Пет години подоцна Македонија останува надвор од НАТО и со нерешен спор за името, за кој сега повторно има раздвижувања, а се очекуваат некакви помрднувања и од средбите со посредникот Метју Нимиц што претставниците на двете земји ќе ги имаат в понеделник и во вторник во Њујорк. Каде ќе бевме ако ветото не се случеше? Ако гледаме каде се другите две држави, ниту едната ниту другата не се задоволни од економските придобивки, не го добиле тоа што го очекувале од Алијансата. Сепак, среќни се што членувањето им дава чувство на поголема безбедност, поточно ги обврзува повеќе да вложуваат во тоа поле.

МАКЕДОНИЈА ЗАГУБИ ВРЕМЕ И ПАРИ

Според тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, загубата за Македонија од таквата одлука на земјите-членки на Алијансата е изгубеното време.

- Реалната загуба е во времето и во енергијата. Ако го добиевме заслуженото членство, ќе имавме пет години во кои ќе работевме на други перспективи поврзани со економијата, евроинтеграциите, странските инвестиции, а ние времето и енергијата ги трошиме на нешто што сме го исполниле. Не се согласувам со црно-белите мислења дека со членството ќе сме добиле сѐ или, пак, сега дека сме изгубиле сѐ. Она што може да смета за прилика во неприлика е тоа што го добивме случајот пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг - вели Милошоски.

Тогашниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, пак смета дека сме загубиле многу.

- Мислам дека загубивме многу на полето на безбедноста, политичката состојба, економијата, реформите во армијата и целосно за имиџот на државата. Има инвестиции што се специфично поврзани само со воената индустрија, ја изгубивме можноста за учество на тендери на кои може да учествуваат само земји-членки на Алијансата, ќе имавме поголема контрола на безбедноста на небото итн. Сметам и дека ако не се случеше блокадата, денес ќе бевме многу поблиску и до Европската Унија - вели Ружин.

Според Милошоски, моделот за блокирање од НАТО, Грција сега го пробува и во ЕУ.

- Ако во Букурешт нашите сојузници успеаја да создадат атмосфера за покана за членство во НАТО, тоа ќе можеше да се преслика како модел и за евроинтеграциите - вели Милошоски.

Тоа би значело дека Македонија ќе добиеше датум за преговори во 2009 година (кога исто така беше блокирана од Грција) и веќе три години ќе преговараше. Патот на Хрватска од почетокот на преговорите до конечното зачленување трае осум години, што значи дека ако Букурешт не ја поставеше основата на нашето евроатлантско блокирање, досега можеби ќе бевме речиси на половина пат до ЕУ.

КРИЗАТА ИЗЕДЕ СЀ ШТО ДОБИ ХРВАТСКА

Првиот впечаток за Хрватска е дека очекувањата од членството во НАТО не се исполнија, затоа што пред тоа да се случи најмногу се зборуваше за можните економски придобивки и порастот на инвестициите, вели Игор Табак, воен аналитичар од Загреб.

- Но веднаш по нашиот влез нѐ зафати економската криза, за која Владата беше целосно неподготвена, па од 2009 година сѐ отиде кон полошо. Според тоа, придобивките од НАТО што можеби ќе се почувствуваа во нормални услови, се изгубија. Кредитниот рејтинг, наместо да ни се подобри, ни падна. И делот од буџетот што се одвојува за одбрана опадна, наместо препорачаните од НАТО 2,2 отсто од БДП, ние одвојувавме одвај 1,2 отсто - додава Табак.

Големи очекувања имаше и од можноста хрватските компании да конкурираат на тендерите што ги распишуваат агенциите на НАТО. Но дури во почетокот на 2011 г. првпат се случи хрватска фирма да биде ангажирана од Алијансата, и тоа малата информатичка компанија „Инсиг 2“. И досега, тие случаи се ретки.

- Се покажа дека тие тендери тешко се добиваат. Сепак, ова е нова област што стопанството допрва треба да ја истражува - смета Табак.

Затоа, аналитичарот потврдува дека воените придобивки се многубројни. Како што објаснува, поради зачестените воени вежби, учеството во странски мисии и други меѓународни обврски, државата вложува во одбраната и во својата борбена готовност многу повеќе отколку што би вложувала ако не беше обврзана.

- Исто така, преземавме и некои обврски како сами да ги штитиме воздушниот и поморскиот простор, па и вложуваме затоа што имаме меѓународна обврска, во спротивно, немаше да го правиме тоа - нагласува Табак.

Но дали Хрватска годинава ќе влезеше во Европската Унија ако претходно не се избореше за членство во НАТО? Според Табак, тие две работи истовремено се и не се поврзани.

- Суштината е дека и ЕУ и НАТО имаат свои побарувања за реформи, со тоа што ЕУ бара многу повеќе. Но во голем дел се совпаѓаат, па така, тоа што државата ќе го исполни поради НАТО, потоа не мора да го повторува поради ЕУ. Во таа смисла, патот кон ЕУ е поделен на два чекора, со првиот се доаѓа до членството во НАТО, а вториот тргнува од таа точка и со него се довршува остатокот од реформите. Инаку, нормално дека може и без НАТО да се стане членка на Европската Унија, со тоа што целата работа ќе треба да се заврши во еден чекор - образложува Табак.

СЀ ПО СТАРО ВО АЛБАНИЈА

Според албанските аналитичари, земјата е иста и без и со зачленувањето во НАТО, односно пристапувањето кон Алијансата не донело крупни промени на ниедно поле.

- Многу се зборуваше за странски инвестиции, дека одеднаш би дошле затоа што со влезот во НАТО, Албанија би станала многу побезбедна земја, но ништо од тоа не видовме. Можеби тоа е поради бизнис-климата или поради другите проблеми. Тоа беше уште едно празно ветување на политичарите. Што се однесува до безбедноста, постои чувство дека сега сме побезбедни, но тоа е општа атмосфера на целиот Балкански Полуостров, каде што луѓето веќе не сакаат конфликти - смета политичкиот аналитичар Гледис Ѓипали.

Сличен став има и професорот Лек Соколи, дека земјата ги има истите проблеми со кои се соочувала и пред 2008 г., пред да ја добие поканата на самитот во Букурешт.

- Имавме избори откако станавме членка на НАТО и на нив повторно ги доживеавме истите проблеми од порано. Затоа, многу поисправно е да кажеме дека НАТО влезе во Албанија, отколку дека Албанија влегла во НАТО - додава Соколи.

Чудни патишта на странските инвестиции

Директните странски инвестиции во земјите од „јатото“ во годините пред и по зачленувањето во НАТО не покажуваат некоја закономерност меѓу пристапувањето кон Алијансата и движењето на висината на сумите. На пример, во Хрватска влегувале многу повеќе пари пред 2008 година отколку потоа, а во Албанија е сосема спротивно. Во Македонија, пак, секоја година е различна, според принципот „топло-ладно“.

 година     Хрватска    Албанија    Македонија

2005                 1.467    213    97

2006                 2.764    259    344

2007                 3.651    481    699

2008                 4.218    665    399

2009                 2.415    717    197

2010                    297    793    210

2011                  1.075    742    463

Сумите се во милиони евра

 Грција од Букурешт повторно бара добрососедство

Сите во регионот треба да ги почитуваат европските принципи за добрососедски односи и да работат на решавањето на отворените спорови. Тоа е пораката што од Букурешт во четвртокот ја испрати актуелниот грчки министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, по средбата со неговиот романски колега. Покрај оваа изјава, која упатува и на отворениот спор за името, грчкиот политичар додаде и дека тоа значи оти на раководствата во регионот мора да им биде кристално јасно дека не постои апсолутно никаков простор за екстремизам, национализам, расизам, ксенофобија. 

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=4613834576&id=9&setIzdanie=22849
Коментари
Нема коментари.
 
Архива