портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Случајот „Ел Масри“ поука за иднината
јануари 2013
доц. д-р Тони
Науновски
Без оглед на важноста на пријателската соработка со ЦИА, унапредувањето на релациите со моќните САД, глобалната борба против тероризмот и сл., останува сознанието дека сепак институциите на системот и државата биле ставени во функција на странски, туѓи (и тоа погрешни, макар што тоа е неважно за принципот) безбедносни процени и постапки, и тоа на суверената територија на РМ!                                                             


Најголем проблем не се тие 60.000 евра што РМ ќе мора да му ги плати како казна на оштетениот, дури ни експлицитните формулации, што се поразителни за владеењето на правната држава, туку разоткривањето на редица факти за статусот, состојбите и за принципите на функционирање на многу државни институции пред десетина години

Пресудата на Европскиот суд за човекови прав, со која РМ се прогласува за виновна во случајот „Kалед Ел Масри“, мора да се интерпретира, меѓу другото, и како последно предупредување до сите битни политички субјекти што ја структурираат политиката во оваа држава за погрешниот однос кон сопствениот суверенитет. Најголем проблем не се тие 60.000 евра што РМ ќе мора да му ги плати како казна на оштетениот, дури ниту експлицитните формулации, што се поразителни за владеењето на правната држава, напишани во образложението на пресудата на судот, туку разоткривањето на редица факти за статусот, состојбите и за принципите на функционирање на многу државни институции пред десетина години (со голема веројатност дека истите важат с` уште).

Фактите за случајот се денес (по точно десет години бидејќи Kалед Ел Масри бил незаконски уапсен на 1 јануари 2003 на територија на РМ) веќе доволно познати и наведени во пресудата – најважната констатација/факт е дека безбедносни институции на државата добиле наредба од своите политички раководства да учествуваат во приведувањето, безбедносниот третман и во испорачувањето странски државјанин спротивно на позитивните законски прописи и меѓународното право. Според достапните податоци за овој случај, во ниеден миг од приведувањето до испорачувањето на Kалед Ел Масри, спротивно на процедурите соодветни за овие ситуации, Законот за кривичната постапка итн., не биле вклучени ниту обвинителството, ниту судовите на РМ, ниту адвокат (назначен барем по службена должност). Целата оваа безбедносна операција била реализирана спротивно на Уставот и на законите и според реконструкцијата презентирана во пресудата теренски целосно раководена од оперативци на ЦИА. Kонкретно, РМ во случајот со Kалед Ел Масри ги има прекршено „забраната за тортура и нехуман и понижувачки третман“, „правото на слобода и сигурност“, „почитувањето на приватниот и на семејниот живот“, како и „правото на помош“. Истовремено, во однос на домицилниот правен систем има прекршено и многу други права и позитивни законски прописи. Според една комисија на Советот на Европа, дури 14 европски држави, меѓу кои и РМ, им дозволувале на припадниците на ЦИА (од 2002 до 2006 г.) да имаат т.н. тајни затвори на нивната суверена територија или да извршуваат транспорт преку истите на незаконски уапсени луѓе.

Без оглед на важноста на пријателската соработка со ЦИА, унапредувањето на релациите со моќните САД, глобалната борба против тероризмот и сл., останува сознанието дека сепак институциите на системот и државата биле ставени во функција на странски, туѓи (и тоа погрешни, макар што тоа е неважно за принципот) безбедносни процени и постапки, и тоа на суверената територија на РМ! Тоа е најголемиот проблем, односно предупредување за идните носители на моќта за одлучување во институциите што доаѓаат по пресудата на Европскиот суд за човекови права против РМ.

Импликациите од оваа пресуда, всушност, конечно мора да предизвикаат длабоки промени најпрвин во политичкиот однос на македонските политички партии во смисла на почитување на суверенитетот и Уставот, а потоа како рефлексија и во интерните процедури на работата на безбедносните служби во правец на стриктно придржување до Уставот и законите. Самата пресуда против РМ во најдлабоките поуки е втемелена и укажува токму на тој факт – дека РМ е суверена држава, што значи дека е виновна поради тоа што доброволно дозволила одземање на истиот тој суверенитет од страна на ЦИА.

Изјавата на тогашниот премиер на Македонија пред судот (која е составен дел од предметот, дел 74) е заснована врз тезата дека државата го „позајмила“ суверенитетот, што секако дека од страна на судот било отфрлено како нелегитимно и суштински неможно. Одговорноста е конкретно лоцирана кај носителите на суверенитетот, кај самата држава и прецизно назначува дека за секоја меѓународно призната држава (с` додека има таков статус) најбитниот атрибут е суверенитетот и дека на никој начин не може да се самоделегитимира или привремено некому се отстапи од страна на власта.



Извадокот е превземен од:

www.dnevnik.com.mk

Коментари
Нема коментари.
 
Архива