портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Кина ја става Македонија на својата мапа на Европа
јануари 2013
Александар
Србиновски
Посетата на кинескиот министер за одбрана, генералот Лианг Гуангли, мина тивко и практично незабележанo од домашната јавност. Да беше во посета на Македонија секретарот за одбрана на САД, Леон Панета, тоа сигурно ќе го пренесеа сите светски медиуми, а во нашите, пак, ќе имаше долги и сеопфатни репортажи, од што ќе се извлекуваа заклучоци за безбедносно-политичката важност на Македонија на Балканот и во Европа.


 Министерот за одбрана на најмногубројната светска армија, генералот Лианг Гуангли, која наскоро може да го добие приматот на најмоќна во светот, минатата недела го посети својот македонски колега Фатмир Бесими. Наскоро, судејќи според најавите, Македонија ќе биде домаќин и на официјалните воени претставници на Кремљ и на руското министерство за одбрана.

Кинеската посета мина тивко и практично незабележано од домашната јавност, без притоа да има голема помпа и посебни публикации за деталите и за темите на кои говореле македонските и кинеските генерали. Да беше во посета на Македонија секретарот за одбрана на САД, Леон Панета, тоа сигурно ќе го пренесеа сите светски медиуми, а во нашите, пак, ќе имаше долги и сеопфатни репортажи, од што ќе се извлекуваа заклучоци за безбедносно-политичката важност на Македонија на Балканот и во Европа.

Се поставува прашањето зошто токму министерот за одбрана на најголемата светска армија, кинеската, кој наскоро најверојатно ќе биде следен од својот руски колега, одлучил да ја вметне нашата држава во својата агенда на Балканот и во Европа? Каков е интересот на Пекинг за Балканот? Кои се намерите на најмногубројната држава и армија на светот?

До толку повеќе што Кина и Русија, заедно со Казахстан, Таџикистан, Узбекистан и Киргистан, се членки на т.н. Шангајска организација на соработка пред сѐ во воената област, создадена во 1996 година, за која аналитичарите велат дека допрва ќе прерасне во воено-политички ривал на НАТО. Македонија, пак, е партнер на Алијансата, иако за полноправно членство таму се бара промена на нашето име. Кина е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и нејзиниот глас е многу важен во светската организација, особено во ситуација кога во највисокото меѓународно тело на дневен ред би дошло македонското прашање и спорот со Атина. Поради тоа, како и поради економскиот продор на Пекинг на Балканот и во Европа, што нуди можности за големи кинески инвестиции во Македонија, градењето добри односи со најмногубројната по население држава на светот и најголемата армија е од суштински интерес за нашата држава.

Стручната јавност во земјата оваа посета на највисокиот кинески воен врв ги оценува како позитивен и добар чекор за Македонија, притоа објаснувајќи дека секогаш е добро нашата држава да се најде во ситуација да преговара и да разменува искуства и знаења со една армиска велесила каква што е Кина. Тие велат дека за АРМ е привилегија да соработува со моќна армија каква што е кинеската, која има над 2,5 милиони војници и има годишен буџет од 22 милијарди долари.

Македонско-кинеските официјални армиски односи почнуваат пред неколку години, во времето на министерувањето на Лазар Еленовски. Оттогаш постепено но сигурно се зголемува темпото на меѓусебните македонско-кинески контакти.

Четири декади пауза од воено присуство на Балканот

Кина воено и практично последен пат беше присутна на Балканот во 1970-тите години, кога оваа земја направи сојуз со албанската влада, предводена од првиот секретар на тогашната Партија на трудот на Албанија, Енвер Хоџа. Откако Хоџа ги прекина односите со Кина, Пекинг разви економски и политички односи со поранешна Југославија и со Романија, но никогаш во формата каква што ја имаше со Албанија.

Кина сега е светска економска и воена сила и очигледно сè уште е заинтересирана за Југоисточна Европа. Нејзината стратегија денес е да го шири своето влијание преку зголемената трговија и зачестените политички и воени сојузи, негувајќи поцврсти односи со владите и со претпријатијата во целиот регион, како и преку изучување на кинескиот јазик во балканските училишта.

Кина е заинтересирана за електроцентралите во Србија, за една фабрика за автомобили во Бугарија, за претпријатија во Букурешт, за рудници во Албанија, а преговара и со Турција за подобрување на трговските односи. Според една студија од 2011 година, Кина заработува 2,6 милијарди евра од бизнисот во Романија, 1,1 милијарда евра во Хрватска и 630 милиони евра во Бугарија.

Централ Јуроп воч ја квалификува експанзијата на Кина на Балканот како „подготвување долгорочни планови за современ Пат на свилата“ низ целиот евроазиски регион. Оттаму велат дека Пекинг „се фокусира на искористување на неексплоатираниот бизнис-потенцијал на Балканскиот Полуостров преку стратегиско инвестирање, и подготвувајќи долгорочни планови за современ Пат на свилата низ целиот евроазиски регион“.



Извадокот е превземен од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11513840462&id=9&prilog=0&setIzdanie=22779
Коментари
Нема коментари.
 
Архива