портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Дали мотивот на кризава е што поскоро да не внесат во НАТО?
јуни 2016




И, да одговориме веднаш на прашањето: да, по многу што изгледа така, а тоа е единствено можно со прекрстување на државата! За таа цел имаме прислушувања, “шарени револуции“… Но, да одиме по ред.

Може да звучи парадоксално ама многу лесно може да се покаже дека сегашнава криза, која две години ги тресе темелите на државата, има за цел наше што побрзо вклучување во НАТО?! Причини за евентуална ваква американска политика има и тие се логични и разбирливи. Иако дискретно, нив ги најавија Џон Кери, кој рече дека – “Македонија е на линија на огнот“ и неговиот амбасадор во Скопје, Бејли, кој ни порача – “кога, ако не е сега време да се реши прашањето со името“! На прв поглед, двете изјави немаат меѓусебна врска, ама ако малку се размисли, согледувањата се – интересни.

Оценката на Кери, може само да значи дека сме на линија на нивниот, американски оган. Друг – нема. А ако веќе постои таква линија, огнот може да биде насочен, само против – Русија. И тука не треба да има дилеми. Ако му веруваме на Кери, а причини за сомнеж – немаме, ова треба да значи дека, денес, Вашингтон нема поголем политички и безбедносен приоритет од стабилизирање на јужното крило на НАТО, што не е можно без членство и на Македонија. Само така, максимално се намалува маневарскиот простор на Русија, која традиционално била влијателна на Балканот, и се спречува нејзино евентуално враќање во регионот.

Токму заради Русија, сега е на удар и Република Српска која развива најблиски односи со Москва. По логиката на нештата, многу лесно, следна на удар може да биде и Србија. Вучиќ ги доби изборите ама, со оглед на неговите обиди да води балансирана политика кон Брисел и Москва, секако е трн во окото на Вашингтон. Затоа, лесно може да се случи тој да биде следна жртва на сценарио, слично на македонското. По класичниот државен удар во Киев, извршен со помош и на докажани фашисти, јасно е дека Вашингтон не избира средства за да ја елиминира Москва како конкурент на меѓународната сцена. Начинот на кој се одвива македонскава криза, апсолутно го потврдува токму тоа.

Ова е првиот дел од мозаикот.

Амбасадорот Бејли, пак, во координација со тајните служби и домашните петтоколонаши, веќе подолго време ни ја онеспособува државата за нормално функционирање. Нема друга логична причина за тоа, освен да не присилат да се прекрстиме. Тука е и нивниот главен проблем: не можат да не прекрстат – без наша согласност. Со оглед дека сегашната власт не беше спремна за капитулација на тој план, сега, таа грубо се руши, за да дојдат другите, кои се спремни да го виткаат “рбетот. Така е бидејќи единствен начин да не внесат во алијансата, а сега им се брза, е да прифатиме ново име за државата што значи, имплицитно, да се откажеме и од националниот идентитет на народот.

Во Вашингтон, како изгледа, им пукна филмот. Овој пат, се чини, спремни се да одат до крај, по секоја цена.

САД немаат дилеми дека наш влез во НАТО, со референцата, не доаѓа предвид. Уште пред Букурешт (2008) заклучија дека во таков случај нема да имаат можност да не разнебитат како народ, бидејќи – ќе бидеме “внатре“. Значи, таква опција – нема. Затоа, во 2008-та, целосно беше променета и политиката на алијансата кон Македонија. Од отворени врати, во блокада, уцена и ултиматум – прво името, потоа членство. Сега, кога заради американските потреби, “мораме“ итно да станеме дел од НАТО, прават се’ за да не присилат да капитулираме, откажувајќи се од самите себе. По четврт вековни неуспеси, нивното силеџиство кон Македонија го доживува својот врв. Прво прислушуваат, потоа резилат, следи игнорирање на Уставот и институциите на државата, па датуми за избори кои немаат никаква намера да ги реализираат… Спремни се и на вон институционална промена на власта, за што полека создаваат услови, по што ќе следи прекрстувањето.

Проектот останува повеќе димензионален. Итноста за наше зачленувањето во НАТО е целосно компатибилна со основната американска намера, а тоа е дефинитивно затворање на “Македонското прашање“. Тоа треба да се изврши со еден удар: со прекрстување и прием во алијансата. Приемот, пак, како утешна “награда“, би требало да ја прикрие нашата капитулација.

Понатамошна албанизација на земјата, е другиот клучен сегмент на американските политики кон Македонија. Иако имаше повеќе обиди и меѓуетничките прашања да ги вклучат во сегашната криза, барем досега, во тоа не успееја. Најеклатантен и најзастрашувачки беше терористичкиот чин во “Дивата населба“ во Куманово. Ако полицијата не го расчистеше случајот за два дена, ќе се преговараше, исто како и во Охрид, по Арачиново.

Викиликс ни откри дека сево ова не е некаква наша фобија. Тајната кореспонденција на американската амбасада во Атина, ги откри нивните планови: “администрацијата на Обама смета дека решението треба да биде – име со географска одредница за севкупна употреба во меѓународни рамки, без да се чепка во идентитетот (а прашањето за идентитетот да не се спомнува до одредена фаза на евро интегративниот процес)“! Така стои во телеграмата на амбасадорот Спекхард. Праксата низ која врвиме, потврдува дека нашето разнебитување Вашингтон го реализира етапно.

Ова е вториот дел од мозаикот а има и трет.

Во меѓувреме, Грција стана силна пречка за реализација на итните американските планови за прекрстување и зачленување на Македонија во НАТО. Вашингтон презеде низа чекори да ја убеди Атина да го прифати нивниот модел за решение, ама без успех. Според оваа формула, треба да се оди постапно, како што напиша и амбасадорот: прво да се прекрсти државата. Планот е тоа да се реализира преку бесмислена замена на референцата од ООН, со ново име, за надворешна употреба. Се разбира со наша согласност. Тоа е тешка измама и чиста катастрофа за нашата земја.

Референцата е нивна навредлива и нелегална измислица, која бескрупулозно ни ја наметнаа при приемот, надвор од процедурите на СБ на ООН. И сега, место да ја фрлат на ѓубриштето на историјата, тие сакаат да ја валоризираат, за да не преведат жедни преку вода. Ние никогаш не ја прифативме и таа воопшто нас не не обврзува. Неа ја користат други, што не им служи многу на чест, а сега сакаат да ни ја заменат, и тоа да се претстави како наш голем успех! Невидена, безобразна политичка манипулација. Си земаат право, место референцата, да не присилат да се сложиме со ново, трајно име, кое ќе нема никаква историска врска ниту со оваа држава, а уште помалку со македонскиот народ. Нешто што е надвор од нашата национална меморија.

Реалната опасноста од оваа американска замисла, и измамата за нас, лежат во фактот дека името “за надворешна употреба“, многу бргу ќе стане и за внатрешна бидејќи ќе мораат да се менуваат пасошите, царинските и сите други документи кои одат во странство… Во сите нив ќе мора да стои новото име бидејќи и тие се за – надворешна употреба! А, за таму, нели, сме се согласиле да се користи ново име! Со оглед дека името на државата е уставна категорија, новото име ние ќе можеме да го користиме (на пасоши…) само со промена на Уставот! Инаку, постојано би го кршеле, што е кривично дело!. Резултатот ќе биде поразителен: за по дома – самите ќе се прекрстуваме!

Инаку, да нагласиме дека, освен со окупација, нема начин да ни се наметне друго име за домашно користење.

Оваа закана за иднината на македонскиот народ е исклучително сериозна бидејќи СДСМ, поддржана и од некои други ситни партии, смета дека американската формула е решението за спорот! Затоа и се третирани како нивни вазали.

Атина воопшто не посакува решение на проблемот, а најмалку сега. Status quo ситуацијата одлично им одговара, и сигурно посакуваат таа вечно да трае. Со неа, тие ништо не губат. Било какво решение, пак, кога и да е, за нив ќе биде сериозен проблем со домашните екстремисти и секоја влада ќе го доведе во прашање својот опстанок. Затоа, тие отворено кажаа дека сега нема услови за решение. Во услови на длабока и севкупна општествена криза, тоа е навистина точно.

И тврдењето дека грчката моментална тврдоглавост е во наша корист, може да звучи контраверзно. Но така е: тоа ја спречува брзата егзекуција на Македонија. Дај Боже да ја издржат американската “агресија“. Иако името ни е поводот за меѓународна блокада и уцена, од што произлегуваат сите наши кризи, сега е најважно да избегнеме брза капитулација.

Американскиот булдожер, меѓутоа, не признава пречки. Не се откажуваат тие лесно од своите замисли. Од минатата есен (2015), Вашингтон презеде серија чекори за да ја натера Атина да ја прифати нивната подла измама која, всушност, значи ерга оменс ама на етапи. Кери беше во Атина, без успех. Нимиц се среќаваше со Коѕијас во Луксембург, исто без резултати. Првичните неуспеси не ги обесхрабрија и затоа слушаме дека амбасадорот од Киев, Џефри Плат, кој го сруши легално избраниот претседател, Јанукович, и ја уништи Украина, преместен е во Атина! За него велат дека немал никакви скрупули. Ефектите ќе следат од наесен. Најавена е и скора посета на Бан Ки-мун на Атина. Не треба да се исклучи дека и тој е во улога на американски емисар да ја убеди Атина да прифати решение за името. Ова го затвора мозаикот.

Факт е дека опасноста за Македонија и Македонците, деновиве го доживува својот максимум. Мораме да бидеме свесни за тоа. Најверојатна цел на оваа криза е итно прекрстување на државата, за нејзин што побрз влез во НАТО. Тоа изгледа како клучен американски приоритет во моментов и не треба да се залажуваме дека ќе покажат некаква милост кон било кого.

Наше е да најдеме начин како да се спасиме. Јавноста не е доволно информирана за генезата на кризава. Анализите се обично еднострани и површни. Мора да се преземат сериозни чекори за ширење на фронтот против странските обиди да не докрајчат, и нивните домашни платеници.

Ние сме на потег.

Превземено од:

http://infomax.mk/wp/%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D1%83%D0%BC%D0%BD%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D1%80%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%BE-%D0%BD%D0%B8%D0%BA%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%B4%D0%B0%D0%BB%D0%B8-%D0%BC%D0%BE%D1%82%D0%B8%D0%B2%D0%BE/
Коментари
Нема коментари.
 
Архива