портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Руско-турски игри за Балканот
декември 2012
Искра
Kоровешовска
САД ја поддржуваат Турција како лидер на Балканот и на секаков начин се трудат да го оневозможат доминирањето на Русија, велат експертите. За Македонија е најважно економски да се врзе со најблиските и да ги одржува добрите врски. Други сојузништва како алтернативи на ЕУ не смеат да бидат во игра.

Европското разногласие за проширувањето и постојаното одолжување на влезот на западнобалканските земји во ЕУ не само што го засилија евроскептицизмот, туку ги актуализираа и проекциите за создавање нови сојузи. Балканските медиуми веќе потсетуваат дека уште од пролетта се заговара создавање на т.н. Лига на словенски зeмји на чело со Русија. Други добро упатени аналитичари за меѓународни односи тврдат дека унија на земјите со словенско потекло ниту во овој момент ниту во блиска иднина не е можна.

Од друга страна, пак, австрискиот шеф на дипломатијата Михаел Шпинделегер, по изјавата на германската канцеларка, Ангела Меркел, дека по Хрватска ќе нема одлука за проширување на ЕУ, предупреди дека „непримањето нови членки во ЕУ ќе го зголеми влијанието на Русија и на Турција врз изолираните држави“.

Размислуваат ли Македонија и соседните земји за други сојузништва?

Словенска лига

Српските медиуми пренесуваат дека до македонските и бугарските министри веќе стигнале предлозите да бидат активни членови на Лигата на словенски земји. Покрај Русија, Белорусија, Украина, во почетокот таму би се приклучиле и Србија, Бугарија и Грција, а подоцна Македонија, Црна Гора и Kипар, пишуваат медиумите на север од нас.

Во македонското МНР не сакаат коментираат.

Поранешниот амбасадор Огнен Малески смета дека се можни и треба да се форсираат само пријателства, билатерални - економски и културни соработки, но не и нови сојузи.

- Тоа би значело тектонски нарушувања и не треба да „скокаме“ во такви варијанти. Отсекогаш Руската Федерација на Македонија гледала како на идна членка на ЕУ. Впрочем, други земји-членки на ЕУ имаат многу посилни традиционални врски со Русија, но не како супститут за членство во некаква „словенска лига“ - вели Малески.

Спротивно на неговото мислење, пак, професорот Лазар Лазарев смета дека е време да размислуваме за други решенија наместо да се потпираме само на Европа и на надежта дека еден ден ќе бидеме рамноправни членки во Унијата.

САД контра руска доминација

Експерти од соседна Бугарија, која исто така се споменува во евентуалниот сојуз, за „Дневник“ коментираат дека Словенска лига е пропагандна утопија и дека Русија нема капацитет да води ваква унија, за што е и самата свесна.

- Предлогот на Путин за евроазиски сојуз е обид на Русија да го прошири својот економски простор без да си прави илузии дека може да ги контролира политички дури и најпознатите послушни поранешни републики на Советскиот Сојуз како Белорусија, Kиргистан, Kазахстан - вели професорот Огњан Минчев од бугарскиот Институт за меѓународни студии.

Според него, во Србија Москва само ги потхранува илузиите дека Белград има верен сојузник во Русија. Во практика, Русија не може да и помогне на Србија да води силна пропагандна кампања во корист на српската кауза на Kосово. Другата страна на приказната, според неговиот сонародник професорот Петар Емил Митев, се САД кои на секаков начин се трудат Русија да не доминира на Балканот.

- Минатата година Бугарија се оддалечи од Русија со одбивањето на два од трите големи заеднички енергетски проекти - нафтоводот Бургас -Александрополис и нуклеарната централа „Белене“ - вели Митев за „Дневник“. Западот ефикасно доминира со Балканот и го ограничува влијанието на Русија, смета тој.

Ваквиот став се потврдува и со неодамнешната изјава на американската секретарка Хилари Kлинтон дадена на состанокот на ОБСЕ во Ирска. Таа беше децидна дека нема да дозволи руска ресоветизација на Источна Европа и Централна Азија.

Евроазиската унија не е СССР

Во светот, во кој мирисот на кризата постојано е присутен, единствениот одржлив тренд е трендот на интеграција. Поврзувањето е природен процес кој созреа во поранешниот советски простор. Со овие зборови портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков ги отфрли обвинувањата од САД дека Русија иницира обновување на Советскиот Сојуз.

На самитот на Организацијата на договорот за колективна безбедност, првиот човек на Русија, Владимир Путин уште еднаш ја нагласи познатата идеја за идна Евроазиска унија, потенцирајќи дека таа ќе биде посилна економска и безбедносна групација од ЕУ.

- Постојната европска економска ситуација е предвесник на една посилна Евроазиска унија, која би требало да се формира до 2015 година како одговор на интегративните процеси на ЕУ- порача Путин.

Битка за вијание во регионот

И домашните и странските познавачи се едногласни во тврдењето дека на Вашингтон му е најважно Турција да биде во предност пред Русија, кога е во прашање влијанието врз Балканот. Во меѓувреме, Турција продолжува со континуирана експанзија и станува регионална сила. Случајно или не, во исто време кога Русија го почна проектот „Јужен поток“ и Турција го активира своето присуство на Балканот. Експертите тоа го толкуваа со идејата да се покаже пред балканските земји дека, покрај Брисел и Москва, имаат уште една алтернатива.

Според аналитичарите на геополитичката артерија од Бихаќ до Тракија, Македонија се наоѓа на средина. Тие потсетуваат на изјавите на Турците дека Б и Х е истурена претстража на Турција кон средна Европа, но Македонија е клучна бидејќи ги раздвојува Србија и Грција, а Турција стравува од нивното поврзување.

Експертите се поделени за намерите на Турција. Едни предупредуваат на можни намери за поврзување со исламскиот свет, а други ја гледаат како пријател и економски партнер во време на рецесија.



Извадокот е превземен од:

http://www.dnevnik.com.mk/?itemID=3B2143C65D6B5142ACD92AAB30CFFEB2&arc=1

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива