портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Балканската маршрута затворена, Грција се полни
март 2016

По примерот на другите земји од регионот, Македонија од прексиноќа целосно ги затвори своите граници за илегалните мигранти, а Министерството за внатрешни работи објави дека никој од мигрантите во изминатото деноноќие не влегол во земјава од Грција.


Во меѓуграничната зона помеѓу Македонија и Србија, пак, се „заглавени“ над илјада луѓе, кои одбиваат да се вратат во Македонија, откога биле вратени или не им бил дозволен влез во Србија. Но многу позагрижувачки е фактот дека на грчката страна од границата, во кампот во Идомени, има над 13.000 луѓе, а нивниот број од час на час се зголемува.

Ваквата ситуација следува по завчерашната одлука на Брисел да ја затвори балканската мигрантска маршрута, по што прексиноќа, почнувајќи од Словенија па надолу, преку Хрватска и Србија, до Македонија, граничните рампи беа спуштени за сите што немаат валидни патни документи и визи, како што налагаат шенгенските правила. Според полициските извештаи, состојбата на јужната и на северната граница на Македонија вчера беше стабилна.

Новата политика на Македонија претседателот Ѓорге Иванов во интервју за германскиот весник „Шпигел“ ја објасни со одлуката државата да не стане складиште за мигранти доколку дојде до затворање на границите на другите земји на балканската маршрута и дека сите мерки се преземени во координација со преостанатите европски земји.

Во меѓувреме, Унгарија, која уште летоска прва ги затвори своите граници за мигрантите, вчера најави дека дополнително ќе го засили воениот и полицискиот надзор на своите јужни граници.

- Унгарија ќе ја засили заштитата на своите граници и поради мигрантите во целата земја ќе прогласиме кризна состојба - рече министерот за внатрешни работи Сандор Пинтер.

Од Грција, пак, дојде веста оти се прават напори поморските патроли на НАТО да го намалуваат бројот на мигранти, кои од Турција патуваат кон блиските грчки острови. Грчкиот заменик-министер за одбрана Димитрис Вицас изјави дека бродовите на НАТО, кои оваа недела почнаа да патролираат низ Егејско Море, извршиле притисок врз шверцерите, кои и натаму транспортираат мигранти и бегалци, при што од Турција кон Грција просечно се префрлаат по околу 2.000 лица на ден.

Балтикот ќе стане нов Балкан?!

Естонија, Летонија и Литванија ја зајакнуваат контролата на лични документи и подигаат огради на своите источни граници, пренесуваа вчера светските медиуми.

Според многубројните новински извештаи, овие земји се загрижени дека со затворањето на балканската мигрантска маршрута можно е Балтикот да стане нова влезна точка на мигрантите во Европа. Што со мигрантите во Гевгелија и во Табановце?

Управувачкиот комитет за справување со мигрантската криза синоќа требаше да ја утврдува новата политика на Македонија откако сите земји на балканската маршрута од прексиноќа на полноќ практично ги затворија границите. Во Македонија од завчера воопшто не влегле ниту излегле мигранти, па треба да се одлучи и како ќе се постапи со оние што во моментот се во прифатните центри во Гевгелија и во Табановце.

Автор: Александар Србиновски / aleksandar.s@novamakedonija.com.mk       Фотографија: Игор Бансколиев

Превземено од:

http://www.novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=3101696559&id=9&prilog=0&setIzdanie=23706

 



 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива