портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Што ако станеме брана за бегалците?
јануари 2016

Расправијата за бегалската криза меѓу ЕУ и Грција никако да спласне и, наместо да се најде решение, се чини дека се прави токму спротивното - се заострува кавгата внатре во Унијата.



 Македонија се наоѓа меѓу две сечила и, иако не е членка на ЕУ, сѐ поотворено се форсира да стане клучен играч во борбата со справувањето на „балканската маршрута“ на мигрантите, чија цел се земјите од Северозападна Европа. Тоа го потврди и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во одговорот на иницијативата на словенечкиот премиер Миро Церар европската гранична полиција, наместо во Грција, да се постави во Македонија. Јункер ја поддржа оваа идеја, при што предизвика бурни реакции во Европа, но и кај нашиот јужен сосед.

- Ја поздравувам вашата сугестија - пишува Јункер во одговорот и ја искажува поддршката од Европската комисија сите земји од Унијата да им дадат поддршка на властите во Македонија во обезбедувањето на границата со Грција преку полициска и правна асистенција и снабдување со опрема.

Со оглед на тоа што Македонија не е членка на ЕУ, Јункер наведува дека државите-членки на ЕУ ќе мора да постигнат билатерални договори со Владата во Скопје за да се испратат полициски сили на границата.

Правилата на ЕУ во моментов не дозволуваат испраќање сили на Фронтекс надвор од границите на ЕУ, но токму предлозите на Јункер од декември минатата година за засилување на Фронтекс можат да го отворат просторот и за проширен мандат и надвор од тие граници.

Очигледно е дека во ЕУ расте поддршката за планот од Македонија да се направи тампон-зона за спречување на движењето на бегалците кон север, но земјата нема да добие финансиска помош за тоа, туку парите ќе ги добијат земјите-членки на ЕУ што ќе испратат дополнителни сили во Македонија.

Германски „Ди велт“ вчера заклучува дека „Македонија станала клучна држава во кризата“, а ЕУ од неа прави „тампон против бегалците“

- Во Брисел зајакнува сознанието дека надворешната граница на ЕУ мора да се заштити во Македонија. Според логиката, колку помалку бегалци минуваат низ малата земја толку помал ќе биде притисокот врз земји како Германија, Шведска и Австрија - наведува германскиот медиум.

Според информациите на весникот, „ЕУ-членките што се подготвени да испратат во Македонија погранични служби за тоа ќе добијат финансиска помош од ЕУ“.

Од друга страна, пак, регионалната но и домашната експертска јавност сметаат дека Македонија треба да биде внимателна и дека таа не смее да стане колатерална штета на интересите на земјите од ЕУ. Според нив, Македонија во овој момент треба да ја искористи оваа европска иницијатива во своја полза и да проба да добие некаква повратна реакција, било тоа финансиски или политички. Професорот по новинарство на Универзитетот во Љубљана Марко Милосављевиќ, во изјава за „Нова Македонија“, вели дека во овој момент владите на државите од Балканот што се директно зафатени со бегалската криза треба со резерва да ги земаат сите иницијативи или планови што доаѓаат од некои земји-членки на Унијата или директно од Брисел. Тој како појаснување на ова се повикува на конфузната надворешна политика на ЕУ, во која во моментов владее и неможноста на ЕУ да се справи со бегалската криза.

- Словенија односно словенечката политика, вклучувајќи ја секако владата на премиерот Миро Церар, во минатото редовно се менуваше во однос на прашањето за бегалците. Владата на Церар на почетокот од кризата остро ја критикуваше унгарската влада на Виктор Орбан поради поставувањето на боцкавата ограда, но и поради радикалните ксенофобни политики и ставови. Само неколку месеци подоцна Словенија одлучи да постави жичена ограда за мигрантите, која најпрво ја именуваше како контролна, и по краток рок Владата соопшти дека станува збор за боцкава ограда - истакнува Милосављевиќ.

Тој истакна дека сите чекори на словенечкиот премиер Церар треба да се земаат со резерва, бидејќи неговата но и европската политика во овој момент се збунувачки и ставовите секојдневно се менуваат, а тие не се во согласност со „главните актери“ во ЕУ.

Во однос на Македонија дали треба да ја прифати оваа словенечка иницијатива и да одобри поставување европска полициска контрола на својата јужна граница како бедем за одбрана на Европа од бегалците, професорот Милосавлевиќ истакнува дека владата во Скопје тоа треба добро да го изанализира.

- Кој да го стори тоа, било тоа да е Македонија или Србија, ќе биде „соодветно“ награден од страна на ЕУ - вели Милосављевиќ.

Како пример за тоа тој го наведува случајот со Турција во односот на бегалците. Според него, Турција, која беше во слична ситуација како Македонија и другите балкански земји во однос на бегалците, неодамна доби ветувања за европерспектива, но и милијарди евра помош од Брисел за справување и стопирање на бегалците од патот кон Западна Европа.

Слично како љубљанскиот професор размислува и политикологот Жидас Даскаловски. Тој смета дека Македонија во овој момент треба да го искористи пазарењето меѓу ЕУ и Грција и да успее да добие некој поен плус во смисла за договор со името.

- Сочувствуваме со трагедијата на дел од бегалците, но европските пазарење во кои е вмешана и Македонија треба да ги искористиме во наша полза. Дали тоа би било одблокирање на преговорите со Грција или решение на некое друго отворено прашање, мислам дека сега е моментот да се случи тоа - заклучува Даскаловски.

Автор: Дејан Србиновски / dejan.s@novamakedonija.com.mk      

Фотографија: Игор Бансколиев

Превземено од:

http://www.novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=1281692302&id=9&prilog=0&setIzdanie=23671

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива